1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово ќе добие претседателка

7 април 2011

Лидерите на двете партии од владината коалиција и најголемата опозициска партија на Косово постигнаа согласност за заеднички кандидат за иден претседател на државата. Станува збор за Атифете Јахјага.

Зградата на парламентот во ПриштинаФотографија: DW/ Pandeli Pani

Според спогодбата на тројцата лидери-Хашим Тачи, Беџет Пацоли и Иса Мустафа, Атифете Јахјага, која моментално ја извршува функцијата заменик директор на косовската полиција, треба да остане на функцијата една година, а потоа ќе се распишат директни избори за иден претседател.

Спогодбата меѓу лидерите на Демократската партија на Косово, Хашим Тачи, на Алијансата за ново Косово, Беџет Пацоли и на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, беше постигната со посредство на американската амбасада во Приштина. На заедничката прес-конференција, што беше свикана синоќа, актуелниот премиер на Косово, Хашим Тачи изјави:

Најдено решение за надминување на политичката криза: премиерот Хашим ТачиФотографија: dpa

„Ние, како политички лидери на трите партии, ја номинираме Атифете Јахјага како наш заеднички кандидат за претседател на државата и ја поддржуваме со заеднички сили оваа кандидатура. Со тоа ги ставаме интересите на државата пред нашите партиски интереси“, појасни лидерот на владеачката партија, Хашим Тачи.

Разумен потег на Пацоли

Досегашниот претседател, Беџет Пацоли, кој мораше да се повлече од функцијата по тужбата на опозицијата и соодветната одлука на Уставниот суд, порача:

„Ја извршував функцијата со голема одговорност и увидов дека би било голема грешка и пречка доколку повторно би се кандидирал“.

Пацоли во исто време пред новинарите нагласи дека врз него не биле вршени притисоци да ја повлече кандидатурата. Таквата одлука ја поздравија Тачи и Мустафа. Претходно партиите на опозицијата порачаа дека повторно ќе го бојкотираат изборот на Пацоли, ако се кандидира уште еднаш. Тоа би го одвело Косово во уште подлабока политичка криза и свикување нови предвремени избори - само шест месеци по претходните.

Поддршка од американската амбасада

Во надминувањето на спорот учествувал и амбасадорот на САД во Приштина, Кристофер Дел. Тој изјави дека е многу горд на косовските лидери, кои покажале зрелост и ги ставиле интересите на државата пред партиските и личните.

„Косово мина низ тежок период и покажа сила, но и одржливост на неговите млади институции.“

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово: Иса МустафаФотографија: DW/B.Shehu

Амбасадорот Дел посебно интервенирал да се прифати барањето на најголемата партија на опозицијата, Демократскиот сојуз на Косово, за измена на членот на уставот што се однесува на изборот на идниот претседател на државата. Лидерот на партијата Иса Мустафа изјави:

„Ќе сториме се’ за да ја реализираме постигнатата спогодба и тоа точка по точка. Имам доверба во спогодбата и стојам потполно зад неа.“

Според постигнатата спогодба на тројцата лидери, изборот на нов претседател и тоа на директни избори ќе се одржи за една година. Нови парламентарни избори, пак, ќе има во 2013 година, една година пред истекот на мандатот на сегашната влада на премиерот Тачи.

Автор: Зулфија Јакупи / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми