1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските муслиманки без шамии на универзитетите

30 јули 2010

Косовските власти одлучија да го забранат покривањето на жените во училиштата и на факултетите. Одлуката предизвика реакции кај верниците, но властите опстојуваат на ставот дека Косово е пред се’, секуларна држава.

Младите муслиманки не можат да се покриваат во образовните институции во КосовоФотографија: AP

Упатството на косовското Министерство за образование, со кое се забранува носење на верски униформи и шамии на универзитетите, предизвика негодување кај муслиманските верници. Во Приштина беа организирани и демонстрации од кои беше барано поништување на спорното упатство, а на муслиманките да им се овозможи „да ја почитуваат својата вера и да се школуваат“.

„Ние, девојките од Косово од основното и средното образование, повикувајќи се на темелните човекови права, имаме право да носиме шамии. И јас сакам да бидам рамноправна во практикувањето на верските слободи како и сите мои браќа по вера“, рече една девојка на собирот во Приштина.

ПриштинаФотографија: DW

Реагираше и тамошната Исламска заедница, која оцени дека упатството на Министерството е во спротивност со косовскиот Устав и најави дека ќе бара толкување од Уставниот суд. „Врз основа на Уставот на Косово, загарантирана е слободата на вероисповедта. Девојките со шамии не мораат да бидат само верници или професорки по теологија, туку и докторки и правнички“, вели Сабри Бајгора, главен имам на Косово, потсетувајќи дека шамиите за жените се предвидени и во други религии.

Косово е секуларна држава

Од друга страна, косовскиот министер за образование Енвер Хоџај во изјава за Дојче веле се повикува на Уставот, кој според него е многу јасен и прецизен. „Република Косово е лаичка држава, а косовското општество е секуларно. Јас како министер сум задолжен само да го почитувам Уставот и да го имплементирам во пракса. Доколку има такви кои мислат дека не е така, тогаш нека се жалат пред надлежниот суд. Тоа е нивно право“.

Фотографија: presse

Исмаил Хасани, социолог на религијата на Универзитетот во Приштина, вели дека ваквите појави се карактеристични за општества кои немаат длабоки корени во Исламот и настојуваат себеси да се гледаат како дел од она што се нарекува исламски идентитет или исламско општество. „Причината за оваа појава е не толку длабоката традиција во Исламот, односно процесот на реконвертирање кој има свои корени во историјата, но не е долготраен, како што е случај во арапскиот свет или во други земји, каде Исламот е далеку потрадиционален“.

Повеќе од 80 проценти од жителите на Косово се муслимани. Останатите се воглавно православни Срби, но има и околу 65 илјади Албанци-католици.

Автор: Рефки Алија/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми