1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовските Срби повторно на барикадите

14 септември 2011

Воздржаност во Брисел во пресрет на очекуваното преземање на граничните премини од страна на косовски цариници. Србите веќе започнаа да поставуваат барикади на патиштата на северот на земјата.

Барикади на северот на КосовоФотографија: DW

Припадниците на српското малцинство на Косово повторно подигнаa барикади на патиштата кои водат кон Србија. Намерата е да се спречи косовската влада да ја преземе контролата врз граничните премини Јариње и Брњак, претходно контролирани од Србите. Излезот од Митровица во правец на Србија е попречен со бариери и товарни возила.

Косовскиот премиер Хашим Тачи, претходно, уште еднаш најави дека цариниците и граничарите од Приштина в петок, на 16 септември, ќе ги преземат двата гранични премини, Јариње и Брњак.

За разлика од пораките од официјална Приштина, во Брисел, претставници на ЕУ велат дека „преговорите се‘ уште се во тек“. Од канцеларијата на високата претставничка за надворешна политика, Кетрин Ештон тврдат дека се‘ уште се разговара со двете страни за можните решенија.

„Во прашање е имплементацијата на договорот за царинските печати, постигнат на последната рунда од дијалогот меѓу Белград и Приштина“, вели Маја Коцијанчиќ, портпарол на шефицата на европската дипломатија. „Нашата цел е постигнатиот договор да се имплементира во пракса. Тоа е договор за кој се сложија и Белград и Приштина. Тој, веднаш по својата примена ќе има позитивен ефект во пракса“, вели Коцијанчиќ.

Различни толкувања

Уште во текот на последната, шеста рунда, преговори во Брисел, српската страна нагласила дека новиот договор за печатите во ниту еден случај не го прејудицира статусот или функционирањето на премините Јариње и Брњак, на кои за Белград е „апсолутно неприфатлива т.н. косовска царина“. Од друга страна, косовската страна уште тогаш соопшти дека во имплементацијата на договорот ќе се вклучи целосно и со „контрола на сите премини, вклучително и на спорните Јариње и Брњак“.

Протести на Србите кај Рударе во јули годинаваФотографија: dapd

Договорот постигнат меѓу КФОР, Белград и Приштина во август годинава предвидуваше КФОР да ги контролира премините до 15. септември. Во моментов, во Брисел ниту официјалните претставници ниту аналитичарите не сакаат да шпекулираат со можниот исход на новиот договор кој би требало да стапи во сила на 16. септември. Сепак, во Брисел нагласуваат дека за нив Косово е единствена царинска територија.

Потполна царинска контрола од 16. септември

Европската мисија на Косово, Еулекс веќе ги информираше српските претставници дека на северот нема да има враќање на старата состојба од пред 25 јули, и дека по 16. септември на сите премини ќе биде воведена „потполна царинска контрола“.

„Нормалната контрола е потребна заради воспоставување на нормален систем, поради борбата со криминалот и корупцијата и заштитата на заедницата. Деталите како тоа ќе изгледа се‘ уште се разработуваат“, вели Маја Коцијанчиќ.

Автор: Марина Максимовиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми