1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Говорот на омраза е огромен, заканите по живот безбројни“

22 април 2021

Ниту една од пратеничките од опозицијата не стана да го осуди ни говорот на омраза од „Левица“ од типот „ќе висите, децата крв ќе ви плукаат“, вели пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Вчера учествуваше во работата на парламентот без скафандер, откако истекол рокот за нејзина изолација заради лесна асимптоматска форма на Ковид -19. Дел од пратениците со кои вчера се разминала и ги поздравила, не и одговориле на поздравот. Се чини дека тоа е побенигниот аспект, ако се има предвид со какви закани, навреди, говор на омраза, дури и желби за смрт, деновиве се соочува пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ. И не само таа. Вели дека слични пораки добивале и нејзината мајка и сопругот.

„Говорот на омраза после моето доаѓање да гласам е огромен. Заканите по живот се безбројни. За среќа, благодарноста од граѓаните кои чекале месеци на помошта е исто така голема“, вели пратеничката.

Лавината тргна откако таа и пратеникот Мирослав Богдановски од ДОМ, во неделата го обезбедија кворумот за 32-та седница на парламенот. Двајцата излегоа од изолација и со скафандери учествуваа во работата на Собранието, според „Протоколот за спроведување гласање за пратеници кои се наоѓаат во домашна изолација“. Опозицијата тоа го сметаше за несоодветно, па за Костадиновска и Богдановски, како и за претседателот на Собранието, Талат Џафери, партиите Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа кривични пријави.

Костадиновска вели дека на денот кога дошла да гласа, била во целосна заштитна опрема и никој не бил изложен на никаква опасност.

„Се движев по протокол кој беше дополнет во ноември минатата година, за да може да можат да гласаат Ковид-позитивни пратеници како мене, кои се асимптоматски и не се на болничко лекување. Апсолутно е неточно дека сум прекршила здравствен протокол. Поголемо и побезобразно прекршување е она на Наум Стоилковски кој потроши заштитна опрема залудно да се прошета во полициски час, или на ВМРО- ДПМНЕ во Битола кога шетаа со скафандери по Широк Сокак. Јас бев придружувана од лекар и сестра, во Собранието се движев по посебна патека и гласав во кабина над пленарната сала. Да потсетам, и Арбен Зибери гласаше по истите протоколи и од истото место за избор на Владата! Апсолутно никој не беше изложен на никаква опасност!“, тврди пратеничката.

Фотографија: Regierung Mazedonien

Ни С од солидарност

Професорката по англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола и мајка на петмесечно бебе, вели дека ако сторила кривично дело, ќе понесе одговорност. Но, смета дека најголема одговорност треба да понесат оние кои доаѓаат во парламентот, но не учествуваат во неговата работа и блокираат закони кои се од интерес на сите граѓани. А она што најмногу ја погодува, е отуството на солидарност.

„Зборуваме за родова еднаквост и женска солидарност, а ниту една од пратеничките од опозицијата не стана да го осуди ни говорот на омраза од Левица од типот ‘ќе висите, децата крв ќе ви плукаат’, вели Костадиновска.

Повеќе:

-Џафери за ДВ: Ни во воена состојба пратениците не се ограничени во движењето!

-Собрание на респиратор

-Пирова победа во битката за спас на економијата

Се потсетува како пратениците се обидувале да не се изгласа буџетот во декември 2020 година.

„Знаеjа дека јас сум дома со бебе старо три недели и претпоставуваа дека нема да дојдам. Кога тргнав кон пленарната сала, ме пречекаа пред салата довикувајќи: ‘Срамота, се криете по кабиенти, за ние да помислиме дека не сте тука!' Тоа значи дека свесно ги кочат сите процеси за нормално функционирање на државата“, вели Костадиновска.

Според неа, истото и сега се случува.

„Ако пратениците oд опозицијата видат дека имаме мнозинство, тогаш влегуваат во салата. Ако со броење на лице место воочат дека немаме 61, не влегуваат и има случаи кога не можеме да утврдиме ни дневен ред. Никогаш пратеник од мнозинството не бил отсутен заради хир, секогаш од здравствен карактер или семејна причина. Што значи тоа? Дека сме луѓе, дека се разболуваме, дека и оваа работа е како сите други, каде се случуваат разни ситуации. А со тоа опозицијата нас не условува! Поддржувачите и гласачите треба да се запрашаат за што ги гласаат - за анархија и за намерно кочење на сите процеси или за бранење на нивните интереси. Досега освен бесмислени амандмани и блокирање на преголем број закони ништо друго не е конструктивно понудено од нивна страна", смета пратеничката.

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Потсетува и на навредливите амандмани на Левица на предлогот за онлајн учество во работата на парламентот за пратеници кои се во изолација (пратеникот да има бојадисано јајце пред камера, да не се слуша бебешки плач во позадина и сл.), но и на еден апсурд.

„Пратениците од опозицијата учествуваат со сите други тела во онлајн форма, но ете за сопственото собрание, сопствениот законодавен дом не сакаат тоа да е случај", констатира Костадиновска. 

Ловецот на загадувачите

Нејзиниот колега Мирослав Богдановски не беше достапен за да ги коментира кривичните пријави за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ (по чл. 206 од КЗ) и „Пренесување на заразна болест“ (чл. 205 од КЗ).

Далеку пред оваа собраниска епизода, Мирослав Богдановски беше личноста што на јавна сцена собра многу пофалби кога од позиција в.д. директор на Државниот инспекторат за животна средина почна да ги лови загадувачите. Поранешната претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска вели дека тој е човекот што пред неколку години покажал непоткупливост, чесност и професионалност на најжешкото еколошко столче - Државниот инспекторат за животна средина.

„Тој влезе во рудникот во изградба Казандол, по пријава на еколошко здружение и утврди дека објектот не е ни изграден, а камо ли да почнал со работа, спротивно на рокот од договорот за концесија. Ова беше клучен доказ за Владата да ја одземе концесијата. Една пикантерија - во исто време Државниот инспекторат за техничка инспекција ‘утврдил' дека објектот постои!? Овие ‘разлики' во записниците беа претставени на широк состанок во Владата и обработен во неколку истражувачки стории. Екологистите тоа добро го помнат“, вели Поповска.

Потсетува дека Богдановски бил и тој што за првпат направил инспекциски надзор во депонијата „Дрисла" и утврдил дека опасниот отпад се согорува надвор од стандардите, ја изрекол првата казна и наложил набавка на прописна опрема. 

Активистите за животна средина беа разочарани кога во политичкиот пазар раководното место во Дражвниот инспекрторат и припадна на ДУИ. 

„Со многу потези Мирослав изгради доверба кај екологистите, кои бурно реагираа за неправдата што му беше нанесена, кога по седум месеци беше тргнат од ДИЖС. Но, беше повикан од Градот Скопје да го води Градскиот инспекторат. Се нафати и воведе систем во работењето, го отвори кон граѓаните и го модернизира инспекторатот со е-платформи за пријавување загадување, со акции деноноќно на терен. Не се штедеше ни во случаи како со „Еко клуб“, фирма за третирање опасен и медицински отпад, каде утврди примитивна машина за мелење, по што отпадот се фрла директно на депонија! За ова јавноста беше известена на прес-конференција заедно со градоначалникот на Скопје“, потсетува Поповска.

Богдановски е магистер по економски науки. Како пратеник тој ја поднесе иницијативата за јавна расправа за штетноста на малите хидроцентрали.

„Кога го запознав пред многу години, кога работев во Град Скопје, тој беше граѓански активист за помош на возрасни, социјално загрозени лица. Уште една ‘ситница' што малкумина ја знаат: за време на страшните поплави во Гази Баба, Мирослав, деноноќно пренесуваше помош до најзафрлените делови на своето моторче, заедно со група млади кои тогаш ги запозна", открива Поповска.

Со оглед дека не стапивме во контакт со Богановски, ДВ нема увид дали и тој, исто како Костадиновска, е изложен на закани, навреди и говор на омраза. На социјалните мрежи има бројни критики за речникот што се користи против двајцата пратеници, но и за универзитетски професори и партиски водства кои со нивни коментари не само што не го спречуваат, туку го промовираат и охрабруваат говорот на омраза.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми