1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцарев ги критикува договорите со Бугарија и Грција

ДТЗ
23 февруари 2022

Во експозето тој повикува земјата геостратешки да се сврти кон трите суперсили и изразува скептицизам за влез во ЕУ

Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

„Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба претставуваат извор на нестабилност во регионот и значат разнебитување на Македонија“, порача првиот човек на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Љупчо Коцарев на Годишното собрание на највисоката научна институција. Потенцирајќи дека станува збор за негови лични ставови, изнесени во експозето тој наведе дека постојат три предизвици за земјата – македонскиот опстој, интеграцијата во ЕУ и иднината на државата.

Според него, „Бугарскиот договор, Преспанскиот договор и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот од едноставна причина што секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“. 

Извор на сите проблеми 

Тој потенцираше дека македонскиот национален супстрат го сочинуваат Македонците во земјава, но и Македонците во соседството и во светот. „Оттука сите документи што не се конзистентни со таквите премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија“, рече Коцарев

Љупчо КоцаревФотографија: privat

Република Македонија во 2018 година под тоа име била призната од над 130 земји од 193 членки на Обединетите нации или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги трите суперсили Кина, Русија и САД. Но, според Коцарев, Преспанската спогодба не само што ги избришала тие факти, туку покажала дека „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на соседите, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“.

„Според мое мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили“, рече Коцарев. 

ЕУ нема желба за проширување 

Тој се соврна на евроинтеграциските процеси и барањата на бугарската страна за одлокирање на процесот. Коцарев смета дека ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување.

„Ако ЕУ преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да ја ревидира синтагмата „фашистички окупатор“ што, за жал, е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зар тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава?“, праша Коцарев. 

Промена на изборен модел 

Тој се осврна и на потребата за промена на изборниот модел во една изборна единица.  „Ако Македонија е граѓанска држава, треба засекогаш да го напуштиме сегашнот хибриден модел на владеење, мешавина на етномнозинска и консоцијална демократија, и да го замениме со граѓанска консенсуална демократија. Во консенсуалната или пропорционалната демократија, партиите учествуваат во формирање на Владата процентуално со добиените изборни гласови“, вели Коцарев.

Отворање на Уставот

Академик Владо Камбовскиво однос на барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот, вели дека некоја држава може да сугерира што било, но дека прашањето зависи од нас самите и од нашата одлука. „Ние имаме механизми за тоа, ако се поведува иницијатива за промени на Уставот, тоа треба да биде наша одлука“, вели Камбовски.  

Владо Камбовски во однос на барањето на Софија за внесување на Бугарите во Уставот, вели дека некоја држава може да сугерира што било, но дека прашањето зависи од нашата одлукаФотографија: M. Jovanoski

Тој смета дека не може да се меша и да и диктира на Северна Македонија што да прави. „Ако оцените дека треба да го правите, тоа го правите аргументирајќи го својот потег со меѓународните стандарди, со постојната уставна рамка, стандардите за човекови права и слично“, рече Камбовски.

Тој посочува дека е нужно да се изврши реформа на еден важен дел од Уставот, а тоа е делот кој се однесува на Уставниот суд и на уставно правната заштита по можност и со воведување на институтот на уставна тужба за заштита на основните човекови слободи и права. Тој најавува серија расправи со сите научни кругови, но и можна ревизија на цел Устав од почеток. 

„Во делот на институциите честопати наидувавме на бројни уставни празнини или недоречености. Да ги спомнам само уставните одредби кои се однесуваа на конституирањето на Собранието кои малку поради нејаснотијата на уставните одредби, повеќе заради лошото толкување, предизвикаа неколкумесечна блокада на Собранието што резултираше со 'црниот понеделник'“, посочува Камбовски. 
 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми