1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кочници“ за изградбата на фабрика на Тесла во Германија

Андреас Бекер
19 февруари 2020

Прво со одушевување беше прифатена веста дека гигантот за производство на електрични возила, Тесла има намера да гради фабрика во источна Германија, а сега градбата е стопирана. Кои се причините?

USA Teslas CEO Elon Musk in Hawthorne
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. C. Hong

Во источногерманската покраина Бранденбург настана голема радост кога американскиот концерн Тесла најави почеток на изградба на голема фабрика во местото Гринхајде, близу границата со Полска. Во фабриката, Тесла планира да произведува и до половина милион модели 3 и Y годишно. Дозволите беа издадени за кратко време, зашто производството би требало да започне уште во јули 2021 година, а неодамна започна и сечењето на шумата на теренот на кој треба да се изгради фабриката. А тогаш во играта се вклучи една задруга за заштита на околината, Зелена лига, која пред судот издејствува засега да се стопира со сечењето на терен. Уследија критики од страна на економисти и политичари. „Случајот Тесла е симтоматичен за една претерана, неефикасна и самобендисана бирократија која се` почесто е кочница за благосостојбата и конкурентноста на германското стопанство“, изјави во едно интервју за весникот „Ханделсблат“ Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања.

Притоа Фрачер не кажа каде конкретно гледа грешки на управните структури. Слично мислење дели и Волфганг Штајгер, генерален секретар на Економскиот совет на ЦДУ, кој исто така за „Ханделсблат“ потсети и на губењето на имиџот поради долгогодишното пролонгирање на отворањето на новиот аеродром во Берлин, па токму поради тоа регионот во случајот Тесла требаше да одработи „чиста процедура со успешен исход“. 

И покраинската влада во Бранденбург инсистира на побрзување, зашто сака да ја искористи приликата една компанија како Тесла да направи инвестиција во економски слаб регион како што е Бранденбург. Но, покраинската влада, вклучувајќи ја и службата за заштита на природната средина, воедно сакаше при забрзаната процедура за одобрување на изградбата на фабрика да остане транспарентна, па на јавноста и` ги дава на увид одобрените документи. Граѓаните ќе имаат прилика на 18 март јавно да искажат свое противење или одобрување на овој проект, што потоа ќе се разгледа.

Голем притисок

Доколку Тесла веќе во јули 2021 година сака да започне со производство на возила, потребно е уште до в лето да се осигура градежна дозвола. Премиерот на Бранденбург, Дитмар Воидке тоа го нарекува амбициозна цел. „Ги ангажираме сите сили за забрзување на процедурата, земајќи ги во вид законските рамки.“

Во овој шумски регион треба да се произведуваат автомобилите на ТеслаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Активисти за заштита на околината се сомневаат во исправноста на законската процедура. „Не сакаме да ја спречиме фирмата Тесла, но покраинската влада создава голем притисок. Затоа сакаме по судски пат да провериме дали се` тече законски“, изјави во интервју за Дојче веле Хајнц-Хервиг Машер, претседател на Зелената лига во Бранденбург.

Инаку, вакви големи проекти како фабриката на Тесла поминуваат проверки кои можат да траат и до една година. Притоа се проверуваат разни аспекти на заштита на околината, како заштитени животински и растителни видови или сезони на парење, пред конечно да се даде зелено светло за градежна дозвола. Покраинската влада сето тоа го скрати за да излезе во пресрет на Тесла. Но, без оглед што уште не е издадена градежна дозвола, а проверките уште траат, покраинската Служба за екологија одобри Тесла да започне со „подготвителни мерки“, наведува Машер. Во тоа спаѓа и сечењето на шумата, започнато на површина од околу 92 хектари. 

Активистите ја добија првата битка

Покраинската влада тука не гледа никаков проблем и смета дека во случајот со Тесла не е дојдено до „специјален третман“. Освен тоа, Тесла врши сеча на шумата на „сопствен ризик“, наведуваат од владата во Потсдам.

Но, зошто е всушност толкаво брзање? Тесла сакаше да избегне пролонгирање на почетокот на работите поради сезоната на парење која почнува напролет, а тогаш е забранета сеча на шума. 

Повеќе: 

Ништо не е случајно: Тесла ќе гради фабрика во Берлин

Револуцијата на Илон Маск: Визионерски тунел или хиперболизирана дупка?

Електромобили и за обичниот народ

Вишиот управен суд Берлин-Бранденбург засега ја стопира понатамошната сеча, а Службата за екологија на покраината Бранденбург има прилика да ги изложи своите аргументи. Потоа судот повторно ќе го разгледува случајот. Покраинската влада смета дека судот на крајот ќе одобри продолжување на подготвителните работи за изградба на фабриката.

Покрај заштита на флората и фауната, на еколошките активисти им задава главоболки и друга работа: потрошувачката на вода на идната фабрика. Тесла наведува дека на неговата мега- фабрика и` се потребни 372.000 литри вода - на час.

Како и да е, покраинската влада се воздржува од критикување на активистите за заштита на околината. За среќа, живееме во правна држава, порача портпаролот на покраинската влада. Активистот Машер е благодарен што покраинската влада не долева масло на огнот, зашто, како што вели, ситуацијата во регионот и онака е напната.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми