Коштуница: Косово било и засекогаш ќе биде дел од Србија
29 јуни 2006Придружен со силно обезбедување на КФОР српскиот премиер Коштуница сепак отиде на Косово, да го одбележи најголемиот српски празник Видовдан. Симболиката која ја носи овој ден на кој се слави Косовската битка и победата врз Турците, српскиот премиер ја искористи да го искаже српскиот став за Косово.
„Нема подобро и поважно место да го повторам она што секој Србин мора да го знае, а тоа е дека Косово било и засекогаш ќе биде дел од Србија“.
Обраќајќи им се на насобраните граѓани, Коштуница истакна дека Грачаница сведочи како е создаден српскиот народ и како се раѓала Србија.
„Вистина е денеска драги пријатели дека немаше да може да му се помолиме на бога и да им се поклониме на нашите големи предци да не не штити војската и да не чуваат волку тенкови, и се прашувам има ли во Европа за некој кој дозволува во 21 век да се случува вакво нешто.“
Српскиот премиер изјави и дека, Србија сака правда, право и мир и историски правично решение за Косово.
На цело Косово вчера имаше големо полициско и воено обезбедување. Членовите на движењето „Самоопределување“ ги блокираа сите премини од Србија кон Косово, а нивниот лидер Аљбин Курти, посетата на Коштуница ја оцени како најпровокативно сценарио во последниве седум години. На доаѓањето на Косово на Коштуница се противеа и косовските владини претставници кои оценија дека тој не е добредојден бидејќи ни седум години по конфликтот не ја прифатил новонастатаната реалност.