1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕијас во Охрид: На маса се најтешките прашања

11 април 2018

Опсегот на употреба на името останува најтешкото прашање во македонско-грчките разговори. Атина бара уставни измени, Скопје смета дека не се потребни

Mazedonien Griechenland Nikos Kotzias bei Nikola Dimitrov in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Додека во парламентот ќе се расправа за барањето за гласање доверба на Владата поднесено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во Охрид привршуваат последните подготовки за вечерашната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, и утрешната нова рунда разговори со неговиот македонски колега Никола Димитров. Како што објави грчката ТВ „Алфа“ во пресрет на новата рунда, посредникот на ОН во разговорите, Метју Нимиц, им испратил писма на Скопје и Атина во кое ги нотирал досегашните резултати од преговорите во Виена. Според грчката телевизија, Нимиц во писмото посочил дека најголема пречка во оваа фаза од раговорите се измените на македонскиот Устав, кои Грција ги бара преку инсистирањето на име за севкупна употреба (ерга омнес) - и на меѓународен, и на внатрешен план .

Повеќе: 

-Парче пелин, парче чоколадо

-Димитров и Коѕијас во Светата недела ќе ги анализираат позициите

„Скопје продолжува да го чува македонскиот идентитет, јазикот и Уставот. Основна линија на грчките позиции е новото име да се користи внатре и надвор од државата и тоа да се рефлектира и со измени на Уставот на ПЈРМ“, било наведено во писмото на Нимиц.

Фотографија: Ministry of Foreign Affairs Macedonia

Ерга омнес со фуснота

Опсегот на употреба на името е најтешкото прашање за кое утре ќе се дебатира на охридскиот брег. Весникот „Катимерини“ пишува дека формулата ерга омнес останува „клуч“ за преговорите, но и дека според „информирани извори“, Заев се согласил со опсег ерга омнес, но со ѕвезда (фуснота), односно името што евентуално би било договорено да не биде за внатрешна употреба.

„Македонската страна сака да го задржи правото да го користат зборот 'Македонија' во земјата поради различни причини (на пример, за имињата на институции како 'банка на Република Македонија', 'Универзитет Македонија'). Ова ќе им овозможи на издавањето на дипломи, сертификати и други официјални документи, во кои 'Македонија' ќе преживее по можно решение за името“, пишува весникот во текст под наслов „Заев и четирите трња“.

Четирите трња се четирите точки кои според весникот се единствените нерешени од вкупно 14 точки.
„Практично, двете страни веќе постигнаа целосен договор за 10 од 14 точки од преговорите, кои се однесуваат првенствено на полесни политички прашања - соработка во високото образование, културата, енергетиката, технологијата, прекуграничната соработка... Четирите преостанати се оние покритичните, името (најверојатно 'Горна Македонија'), опсегот на употреба (ерга омнес), промена на Уставот, и меѓународните односи (во НАТО, ЕУ и ОН)“, пишува весникот.
Со цел да се помогне процесот на разговори за тешките прашања, биле формирани две експертски комисии. Наводно, во нацрт-договор била внесена и преамбула, која треба да ја потенцира разликата помеѓу историската античка Македонија која била грчка, и модерната географска Македонија што опфаќа три држави.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Парламентарна математика

Како суштинска пречка за напредокот во раговорите е фактот дека Заев нема двотретинско мнозинство во парламентот кое би поддржало промени во Уставот.

Април се нотира како клучен месец кој ќе покаже дали двете страни може да се постигнат договор пред самитот на НАТО следниот јули. Доколку претходно не се постигне договор за името, грчки медиуми оценуваат дека акцентот ќе биде ставен на засилено градење на мерки на доверба, но оти нема да се прифати фазно решавање на спорот, односно одложена, идна уставна ревизија.

Повеќе: 

-Александар си замина, решение за името сѐ уште нема

-Атлас на иредентизмот

„Со вклучувањето на новото име во Уставот (како и со измени на некои членови како што е членот 49 во врска со 'македонската дијаспора') се смета дека Грција им нуди неопходни политички гаранции за искоренување на неодговорноста“, пишува „То вима“, додавајќи дека земји како Германија и САД сметаат дека треба да има уставна ревизија во Македонија. Но, смета дека проблем е што е речиси невозможна промена на Уставот да помине во параламентот до летото. Поради ова, повторно е во фокусот идејата Македонија да добие надграден статус во односите со НАТО. Според  „То вима“, Атина се обидува да ја реши „квадратурата на кругот“ во спорот, дури и ако не е изводливо да се обезбеди решение, а со цел да се избегне вината и на домашен и на меѓународен план. Според дипломатски и владини извори на кои се повикува весникот, целта била да се развие „патна карта“ за насоката во која ќе се движат работите.

„Причината е јасна. Поради парламентарната аритметика, се чини дека е многу тешко во ПЈРМ да помине ревизија на Уставот. Атина не се согласува да се даде покана за членство на Самитот на НАТО на 11-12 јули, или да го прифати почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ на Европскиот совет неколку дена порано, на 28-29 јуни. Некои луѓе во позадина разговараат за можноста да му понудат на Скопје еден вид 'надграден однос' со Алијансата сѐ додека не се спроведе уставната реформа“, пишува весникот.

Во текстот се констатира дека Македонија веќе поминала голем дел од нејзинот пат за влез во Алијансата, бидејќи во 1995 година доби Акционен план за членство (МАП), па прашање е зошто би прифатила таков „однос“. „То вима“ отвора и друга дилема: „Што би можело да се случи ако Скопје одлучи да го користи толкувањето на Времената спогодба од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за ставот на Грција на самитот во Букурешт во 2008 година?“

Наводно, идејата Македонија да добие надграден статус во односите со НАТО, била разгледувана од Коѕијас и негови советници, кои го имале предвид случајот со Шведска и Финска, па дури и Јордан, кој неодамна потпишал договор со НАТО зајакнување на одбранбениот капацитет. Но, овие идеи во грчката јавност отвораат повеќе прашања: Дали Македонија ќе ги прифати тоа, со кое име земјата ќе добие надграден статус имајќи ги предвид ставовите на Атина, и како став ќе имаат трети земји, особено Турција?

„Да потсетиме дека ништо во НАТО не се одлучува без согласност на Анкара, а таа најверојатно нема да сака да ѝ помогне на Атина“, оценува „То вима“.

Судејќи според медиумските наводи, на Атина и одговара да се случи „застој“ до Самитот на НАТО во јули, бидејќи процесот на ратификација на членство е линеарен и не трае долго, додека во ЕУ е многу подолг процесот на пристапни преговори, па „ќе ѝ дозволува на Грција подобро да ја контролира усогласеноста на Скопје со низа критериуми за пристапување“.

Клучни и тешки разговори

Утрешните разговори во Охрид од грчката страна, се третираат како „клучни и тешки“. Коѕијас синоќа ја започна неговата мини-балканска турнеја најпрво со посета на Белград, каде има средба со неговиот колега Ивица Дачиќ, и прием кај претседателот Александар Вучиќ. Во фокусот на разговорите ќе бидат и состојбите во регионот со акцент на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Вечерва Коѕијас со грчката делегација ќе пристигне во Охрид и ќе има работна вечера со Димитров. Утре ќе ги продолжат разговорите таму каде што застанаа на состанокот во Виена на 30-ти март.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

По Виена, Коѕијас оствари средби со раководствата на повеќе грчки партии, на кои ги информираше за текот на разговорите. Резултатите од разговорите од Виена и од утрешните во Охрид, се очекува да бидат споделени на лидерска средба во Скопје во претстојниот викенд.

Ако соговорниците утре се приближат во ставовите, на крајот на април или почетокот на мај може да се очекува и средба на премиерите Ципрас и Заев. Двајцата имаат отворена комуникација, а според грчки медиуми, и редовни телефонски контакти пред сите рунди разговори. 

„Ако слушнат граѓаните дека се закажува средба помеѓу Заев и Ципрас, тоа значи конкретна практична потврда дека преговорите се во вистинска насока и дека е можно да се дојде до решение. Јас верувам дека тоа е возможно. Добро е за Македонија да се случи колку што може порано, поради тоа што тоа за нас значи комплетна гаранција за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но и автоматска покана за членство во НАТО“, изјави премиерот Заев во интервју за МИА пред неколку дена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми