Шефот на грчката дипломатија излезе со оптимистички став во врска со решавањето на деценискиот спор по состанокот на потесниот кабинет на грчката влада предводен од премиерот Алексис Ципрас во Атина.
Реклама
Грција сака да го реши деценискиот спор околу името на Македонија, изјави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас во Атина. Таквиот договор се очекува да ги одблокира аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО и да започне преговори за членство со ЕУ.
„Мислам дека 2018 ќе биде годината кога надворешно-политички прашања кои беа заглавени во кал со децении ќе се решат“, изјави Коѕијас во Атина, по одржаниот состанок на потесното раководство на грчката влада.
„Сите ќе придонесеме за добробитта на целиот Балкан“, дополни Коѕијас.
Повеќе сигнали од Скопје и Атина последниве месеци укажуваат дека двете влади се обидуваат да го забрзаат решавањето на спорот во пресрет на самитот на НАТО во јуни годинава во Брисел. Германската агенција ДПА, повикувајќи се на грчки дипломатски извори денеска објави дека САД вршат голем притисок за влез на Македонија во НАТО.
Коѕијас денеска рече дека се преговара за сложено име.
„Во спорот за името, владата преговара и поддржува сложено име кое ќе биде употребувано насекаде“, рече Коѕијас без понатамошна елаборација.
Во грчката влада сепак нема единствен став по ова прашање. Лидерот на помалиот коалициски партнер на левичарската Сириза во владата, Панос Каменос од партијата Независни Грци, кој е министер за одбрана, сѐ уште се залага за решение на проблемот со име кое нема да го содржи терминот Македонија. Каменос, како што пренесува МИА, по состанокот сепак рече дека има доверба во министерот Коѕијас дека ќе се најде добро решение. Каменос, според грчките медиуми, сепак оставил простор за решение кое би го содржело терминот Македонија, и ја критикувал опозициската Неа демократија поради ставот дека нејзините пратеници ќе го поддржат ставот на владата само доколку и тој го поддржи.
Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција
Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.
Фотографија: Dnevnik
Забрана за зборот „Македонија“
Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.
Фотографија: Reuters/A. Avramidis
Привремената спогодба од 1995 година
На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Antonov
Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
(Нe)потребна провокација
Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.
Фотографија: AP
Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.
Фотографија: MIA
Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Преговори во (не)пријателска атмосфера
Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.
Фотографија: picture-alliance/ dpa
Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Barbarousis
„Вечниот“ Метју Нимиц
Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.
Фотографија: MIA
Нов оптимизам
Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.