1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква улога има Турција во Авганистан

Даниел Хајнрих
2 септември 2021

По повлекувањето на САД од Авганистан, Турција се обидува да ја преземе нивната улога во земјата – и од сопствени интереси. Многу Турци го критикуваат „флертот“ со талибанците.

Türkei Präsident Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: Aytac Unal/AA/picture alliance

Бројките на ОН не дозволуваат никакви разубавувања, ситуацијата во Авганистан е драматична. Според проценките на експертите од ОН, на преку 18 милиони луѓе во Авганистн им е потребна помош, тоа е повеќе од половина од вкупното население. Централна улога во совладувањето на најитните проблеми му припаѓа на аеродромот Хамид Карзаи во главниот град Кабул. По повлекувањето на меѓународните трупи, тој веќе не е во функција. Но, функционален аеродром е предуслов за брзо внесување во земјата на итно потребните стоки. Со тоа Турција влегува во фокусот на меѓународната дипломатија.  

Анкара беше присутна во Авганистан уште од почетокот на мисијата на интернационалните заштитни сили, делумно со околу 2000 војници. Од јуни 2002 до февруари 2003 година и уште еднаш од февруари 2005 до август 2005 година, дури целокупната мисија од 43 држави беше под команда на турски офицери. Централен елемент на турскиот налог беше обезбедувањето на аеродромот. Уште на маргините на самитот на НАТО во јуни, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот американски колега Џо Бајден разговараа околу воената поддршка од Анкара. Уште тогаш се навестуваше дека турската војска треба да го преземе обезбедувањето на аеродромот по повлекувањето на Американците.

Затоа не е чудно што талибанците деновиве во Катар водат разговори со Турците околу повторно отворање на аеродромот. Намерите на турската влада меѓутоа се чини не се ограничени само на обезбедување на аеродромот.

„Пред талибанците да го освојат Кабул, Анкара уште веруваше дека може да добие нова улога во Авганистан“, вели Кристиан Бракел, раководител на фондацијата Хајнрих Бел во Истанбул. Тоа беше во согласност со сѐ посамостојната надворешна политика на Анкара.

Обидот на Турција на примерот на Авганистан да го изостри својот надворешнополитички профил, стана појасен и преку обидот Истанбул пролетоска да се наметне како место за преговори меѓу талибанците и авганистанската влада, вели експертот. Но, преговорите пропаднаа, зашто талибанците откажаа учество.

Признание во НАТО

Сепак, дека Турција и во иднина може да игра сѐ поголема улога, се признава не само во САД. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас деновиве затоа се сретна со својот турски колега по функција, Мевлут Чавушоглу, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, зборува дури за клучна улога на Турција во конфликтот.

Аеродромот во Кабул - се преговара да го обезбедува ТурцијаФотографија: Wakil Kohsar/AFP/Getty Images

Турскиот ангажман наоѓа на одобрување и од причина што Турција, во очите на многу западни набљудувачи, како мнозински муслиманска земја може да заземе посебна улога во разговорите со талибанците. Но, кон оваа теза е нужна и претпазливост, што покажува и самата дискусија и противречните изјави на талибанскиот портпарол Сухејл Шахен. Само пред неколку недели тој во разговор со БиБиСи јасно кажа дека од Авганистан треба да се повлечат „сите странски војници, советници, инструктори“. На крајот на август меѓутоа ретерираше во изјава за турската телевизија и рече дека посакува добри односи со Турција, зашто двете држави конечно се „браќа во верата“. Турскиот претседател го подзеде аргументот и заигра на религиска карта. Не постои никаква противречност меѓу верата на талибанците и онаа во Турција, во Турција нема ништо што противречи на нивната вера“, рече Ердоган.

„Ти си талибан"

Но, многу Турци тоа не го прифаќаат, своето незадоволство го изразуваат посебно на социјалните мрежи. На изјавите на портпароот на талибанцитеконтрираат со хаштагот #TalibanKardesimDegildir („талибанците не се мој брат“), а лутината ја истураат и на претседателот Ердоган, под хаштагот #SensinTaliban („ти си талибан“). Недвосмислената порака гласи – претседателот се лаже, на темата религија не постои никакво заедништво меѓу Турција и талибанците. Еден од најсподелуваните и најчитани Твитови е оној на познатиот актер, филмски режисер и автор, Илијас Салман. Осврнувајќи се на расположението во земјата, вели Салман, не се потребни никакви залажувања. Ако се изземе еден „многу мал и радикален процент“, дури и приврзениците на претседателот не би сакале живот како во Авганистан.

И покрај жестоките внатрешнополитички протести, се чини дека во круговите на турската влада постои цврста желба за градење солидни односи со новите властодршци во Авганистан. Тоа се должи на една страна што Турција стравува од масовна миграција од Авганистан во правец на Турција и натаму кон ЕУ, доколку ситуацијата на Хиндукуш не се стабилизира. Од страв од очекуваните бегалци од Авганистан, турската влада веќе гради граничен ѕид кон Иран.

Кристиан Бракел меѓутоа истакнува и друг поттик, тој претпоставува дека Анкара стреми кон преговарачка позиција меѓу Западот и Авганистан, за „повторно да ја поправи во последно време многу руинираната надворешнополитичка репутација на Турција во Вашингтон и во Брисел."

Факт е дека односите на Анкара со многу партнери во НАТО во моментот се повеќе од затегнати. Во некои престолнини на воениот сојуз владее повеќе од иритација што Турција од зимоска сака да го штити својот воздушен простор со рускиот ракетен одбранбен систем С-400.

Како реакција на одлуката на Анкара, во Вашингтон беше дури донесена одлука Турција да биде исклучена од програмата на борбени авиони Ф-35. Кон ова се надоврзува претходното оптоварување на односите преку дискусијата за турскиот масакр врз Ерменците за време на Првата светска војна. Џо Бајден злосторствата над Ерменците ги квалификуваше како геноцид, што предизвика бура протести од Анкара.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми