1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е целта на паравоените формации на Косово и во Македонија?

16 ноември 2007

Фактичка или предимензионирана опасност од паравоените формации? Поранешен командант на УЧПМБ ги осудува потезите на Љирим Јакупи во Македонија. Србија ќе интервенира доколку дојде до инциденти на нејзиниот југ.

Српска патрола на административната линија кон КосовоФотографија: AP

Вооружени групи и поединци од Косово и северозападот на Македонија планираат да предизвикаат безредија на југот на Србија. Ова го тврди Душан Спасоевиќ, потпретседател на Координативното тело за Јужна Србија и помошник-министер за одбрана во владата на Србија. Според него, сознанијата произлегуваат од извештаите на сите надлежни државни служби. „Постојат групи и поединци во поширокиот регион – не само на југот на Србија, туку и на Косово и Метохија и во северозападна Македонија - кои имаат намера, по добивање сигнали од одредени политички центри, да предизвикаат криза и да ја злоупотребат ситуацијата за остварување на некои свои цели“, вели Душан Спасоевиќ.

Потенцијалното предизвикување криза Спасоевиќ го поврзува со фактот дека водачот на неодамна разбиената вооружена група во Македонија Љирим Јакупи, со прекар „нацист“, е роден во Бујановац и оти бил еден од челниците на расформираната Ослободителна војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац. „Такви има доста во регионот, такви групи постојат и ние на тоа предупредуваме веќе подолго време“, вели Спасоевиќ.

Претерано внимание за работи кои латентно постоеја и досега

Во Прешевската долина нема следбеници на Јакупи, а овдешните

Албанци сакаат мир повеќе од сите други, изрично вели заменик-претседателот на општина Бујановац и поранешен политички командант на Јакупи во ОВПМБ Јонуз Муслиу. Тој ги осудува потезите на групата на Јакупи во Македонија и оценува дека стабилноста во ова подрачје зависи од потезите на владата на Србија. „Овде има доста луѓе без никакви амблеми, изгледа како да е вонредна состојба“.

И другите тамошни политичари сметаат дека е предимензионирана опасноста од прелевање на инцидентите од регионот на југот на Србија. Претседателот на општина Прешево Рагми Мустафа ги обвинува новинарите дека измислиле движења на паравоени косовски организации долж административната линија на разграничување со Србија. Претседателот на Одборот на Демократската партија во Бујановац Горан Ташковиќ смета дека е претерано што толку им се посветнува внимание на тие случувања и се акцентира можноста која латентно постои од престанувањето на оружените судири.

Душан Спасоевиќ, меѓутоа, смета дека вистината не треба да се скрива, но нагласува дека Србија ќе реагира молневито доколку дојде до инциденти на југот, за што - како што додава - се известени сите актери во регионот.

Милица Ивановиќ

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми