1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој, ако не Германија!?

28 октомври 2011

Германија ја докажува водечката улога во Европа, Меркел-мајстор во контролирано „минирање“, Европа повторно се одлучи на долгови, ова се само дел од коментарите во германските весници по кризниот самит на ЕУ.

Presseschau Deutsche Zeitungen Symbolbild
Фотографија: DW

Отпис на грчките долгови и нов арсенал финансиско-политички оружја: Европа конечно си дојде на себе, ги коментира весникот „Зиддојче цајтунг“ заклучоците на вонредниот самит на ЕУ за спас на еврото:

„Шефовите на држави и влади од еврозоната веќе постигнаа нешто, што е исто толку важно колку и отписот на долговите и буџетската контрола-тие ја вратија довербата во ЕУ. Европа е жива и е доволно силна да си ги реши проблемите. Но, единството од Брисел има и висока цена. Сега станува збор за променета Европа, тежиштето на моќта во Унијата е трајно поместено. Франција, која долго доминираше со европското обединување, падна на второ место, зад Германија. Темпото и методите на совладувањето на кризата ги диктира Берлин. Германија, од оправдани причини, секогаш избегнуваше да игра водечка улога во ЕУ. Но, сега таа му припадна на Берлин, а бидејќи нема никој друг кој сака да ја преземе, мора тоа да го направи Германија. За ЕУ би била предност ако Берлин улогата ја користи умно и самосвесно, но во таков случа германската влада треба да одолее на обидите да ги замени европските интереси со германските“, предупредува „Зиддојче цајтунг“.

Фотографија: DW

Меркел-мајстор во „минирање“

„Шпигел“ ја истакнува пак пресудната улога на германската канцеларка Ангела Меркел:

„Со заклучоците од Брисел Европа се приближи чекор поблиску до спас на својата валута. Тоа е пред се‘ заслуга на канцеларката Меркел. Таа минатите месеци од прогонуван се претвори во креатор. Меркел го подготви минирањето на разнишаната зграда (Грција), надминувајќи ги притисоците веднаш да притисне на копчето, сега постои контролирано уривање: сите одоколу имаат барем заштитни кациги на главите за да го избегнат првиот силен бран на експлозијата. Бриселскиот самит е потег во низа, ќе следат уште многу самити. Остануваат уште многу отворени прашања...Но, Меркел се претстави како добра Европејка и патем неутрализираше двајца противници. Доби предност во натпреварот со францускиот претседател Никола Саркози за водечката позиција во Европа. Второ-опозицијата во Германија таа ја втурна во улога на статист. Габриел и Штајнмајер од СПД, Тритин од Зелените, во Бундестагот само ќе климаат на она што таа го предлага“, заклучува „Шпигел“.

Од долгови-во долгови

Весникот „Тагесшпигел“ пак ја анализира суштината на донесените одлуки на ЕУ-самитот, коментирајќи-Европа повторно се потпира на долговите:

„Европа ја зафати олеснување. Лидерите покажаа ефикасност. Но, радоста не смее да го помати фактот што долгорочно не е решен ниту еден проблем, само повторно се врати малку мир. Во кризата, равенка со многу непознати, многу нешта можат да тргнат наопаку. Освен тоа, повторно спасот треба да бидат нови долгови, зашто преку Европскиот фонд за спас на еврото ќе бидат пласирани државни обврзници на финансискиот пазар. Одново од тоа ќе профитираат банките и осигурителните компании. Тие навистина мораа „доброволно“ да отпишат половина од грчките државни обврзници, но во иднина при обврзниците од кризните земји можат да ги земат на одговорност евро-државите. Долгорочно, овој пат не води кон успех. Презадолженоста не се решава со нови долгови. Тоа звучи логично, но само во светот на изборните ветувања“, коментира „Тагесшпигел“.

Автор: „Зиддојче цајтунг“, „Шпигел“, „Тагесшпигел“

Превод: Ж. Ацеска

Редактор: А.Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми