1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја контролира иранската економија?

Томас Колман/сн20 февруари 2016

Тие имаат имиња како „Пророково едро“, но не се ништо друго освен гигантски профитни холдинзи во корумпираниот економски систем. Околу 80 проценти од стопанството во Иран е под контрола на верски фондации.

Фотографија: FARS

Секој патник кој ќе слета на меѓународниот аеродром во Техеран станува муштерија на Иранската револуционерна гарда - го сакал тоа или не. Имено, оваа елитна единица на Исламската Република управува со аеродромот „Имам Хомеини“ и одлично заработува. Таа исто така ги држи под контрола и другите аеродроми и пристаништа и одлучува која стока смее да влезе во земјата. Револуционерната гарда не плаќа царини и даноци и никому не мора да му полага сметки за тоа колку стока во која вредност ќе заврши на црниот пазар и колку заработува од тоа.

„Војската чувари на Исламската револуција“, како што гласи службеното име на гардата, располага со вооружени сили, го набљудува иранското вооружување и има повеќе од 120.000 војници. Самите Чувари на револуцијата се најважен економски фактор во земјата, кој е активен во речиси сите бранши: од здравството и производство на различни возила преку изградбата на патишта па сѐ до нафтената и гасната индустрија и рударството.

Нивните активности се непрегледни, а за нив западните медиуми многу ретко известуваат. Во 2009 година британската телевизија Би-Би-Си извести за зделка на Револуционерната гарда вредна 8 милијарди американски долари. Станува збор за изградбата на железничка пруга до пристаништето Чах Бахар. Овој стратешки инфраструктурен проект, како и другите инвестиции вредни милијарди долари, ги водеше Кхатам ал-Анија (Пророково едро). Зад ова религиозно име не се крие некоја добротворна организација,туку технолошкиот холдинг на Револуционерната гарда. Тој е основан кон крајот на 80-тите години од минатиот век поради обновување на земјата по војната против Ирак. Но Гардата преку тој холдинг успеа значително да го прошири своето економско влијание.

Фотографија: Fars

Во меѓувреме овие претпремачи во униформи контролираат една третина од иранската економија, вели стручњакот за Иран, Бахман Нируманд во разговорот за ДВ. „Секако, за тоа нема прецизни статистики и податоци, но реалната проценка е дека една третина, или можеби и повеќе, од иранската економија е во рацете на Револуционерната гарда.“ Според проценките на Светската банка, иранскиот брутодомашен производ во 2014. година изнесувал повеќе од 435 милијарди американски долари - тоа би значело дека бизнисот на Гардата имал волумен од 140 милијарди долари.

Претприемачи во свештенички облеки

Но иранската економија не ја контролира само Револуционерната гарда. Тука се и верските фондации со кои истотака управуваат шиитските верски лидери. Германското министерство за надворешни работи проценува оти фирмите со кои управува иранската верска елита контролираат вкупно 80 насто од иранската економија.

Деталите за нивното работење не се познати бидејќи тие не мораат да ги објавуваат своите бројки и да полагаат сметки. Кога за време на претседателскиот мандат на Махмут Ахмадинеџад без трага исчезнаа милијарди, многумина Иранци се прашуваа каде тие завршиле. Но одговор никогаш не добија, се присетува Бахман Нируманд. Тој вели дека корупција имало и за време на владењето на шаховите, но, како што вели, „тоа беа ситни крадци во споредба со овие кои денес се на власт“.

Големата религиска фондација Сетад, која во 1989 година ја создаде основачот на Исламската Република, ајатолахот Хомеини, располага, како што пренесува Ројтерс, со повеќе од 90 милијарди долари. Тоа „главно седиште за спроведување на имамовите наредби“ беше основано за да може да управува со недвижности кои им се одземени на пребеганите приврзеници на шахот и дисиденти и би требало да им бидат доделени на сиромашните. Оттогаш ,Сетад стана една од највлијателните фирми и директно е подредена на „Врховниот лидер“.

Фотографија: khatam.com

Кој профитира од укинување на санкциите?

Ајалтолахот Хамнеи го надгледува Сетад од 1989 година. Оваа економска империја, според пишувањето на Ројтерс, се занимава со финансии, нафта и телекомуникации, но и со продажба на средства за контрацепција или одгледување ноеви. На американскиот попис на ирански фирми за кои се применуваат санкции Сетад беше застапен со цела низа свои фирми-ќерки. Американската влада преку Сетад сакаше директно да ги загрози економските интереси на иранското раководство. Бидејќи, според изјавите од американското министерство за финансии, Сетад не е некоја безопасна фондација туку „гигантска мрежа на привидни фирми кои по налог на иранското раководство тајно имотот го ставаат на страна“.

Тоа значи дека со укинување на санкциите најмногу ќе профитираат фирмите кои работат со милијарди и со кои управува иранската државна елита. Но Бахман Нируманд заклучува: „И обичниот народ ќе има некоја полза, бидејќи веројатно ќе заживее трговијата. И така, трговците во Иран, а и сите оние кои нудат услуги, на крајот ќе профитираат од укинување на санкциите.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми