1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Кој ги демантира наводите на крунскиот сведок?

Кристијан Трипе | Катсјарина Крижанускаја
19 декември 2019

Потресеност, барања за сеопфатна истрага, но и негирање: вакви реакции предизвика извештајот на ДВ за убиствата сторени од одреди на смртта во Белорусија пред 20 години наводно по налог на државата.

Yuri Garavsky weißrussischer Soldat
Фотографија: DW

ДВ на почетокот на неделата известуваше за наводниот крунски сведок, кој детално и очигледно како некој кој има сознанија за сторените злосторства, даде информации за исчезнувањето на тројцата белоруски опозициски политичари. Некогашниот белоруски министер за внатрешни работи Јури Захаренко, некогашниот претседател на Централната изборна комисија на Белорусија, Виктор Гончар и бизнисменот Анатоли Красовски, кои во 1999 година исчезнаа без трага. Нивната судбина до денес не е во целост разјаснета.

Во ексклузувно интервју за ДВ, Јури Гаравски тешко го обвини Димитри Павличенко, основач на паравоената единица СОБР и висок офицер на белоруското Министерство за внатрешни работи. Тој рече дека Павличенко ги планирал и наредил киднапирањата и убиствата и оти ладнокрвно ги убил тројцата опозициски политичари.

Државно обвинителство: Случајот не е затворен

Павличенко реагираше само неколку часа откако ДВ го објави извешајот. Тој за белорускиот портал „tut.by“ изјави дека тоа се „будалаштини“ и го доведе во прашање кредибилитетот на сведокот. Но, потврди дека Гаравски бил припадник на Единицата бр. 3214. Од оваа единица во 1999 година се регрутирани војници за СОБР. Павличенко тврди оти Гаравски никогаш не бил член на единицата на СОБР. Бидејќи, вели, тој во тоа време кога исчезнаа тројцата политичари бил притворен поради различни деликти. Државното обвинителство на Белорусија соопшти дека случајот за тројцата опозициски политичари не е заклучен. За „Радио свабода“ Димитри Брилев, портпарол на Обвинителството, изјави оти сите нови информации внимателно ќе се разгледаат. Гаравски во интервјуто за ДВ најави дека во целост ќе соработува со сите истражувачи и дека своите изјави ќе ги повтори под заклетва пред некои од судовите во Европа.

Фотографија: SB.by

Документите достапни за јавноста

Во меѓувреме, Анатоли Лебедко, близок соработник и пријател на Виктор Гончар, официјално се обрати до државните служби во Минск. Тој рече дека изјавите на крунскиот сведок се важни. „Поради тоа упатив писма до Истражниот комитет и до Државното обвинителство на Белорусија со предлог да се отворат актите стари 20 години и подробно да се истражи случајот“, изјави Лебедко за ДВ. Тој вели дека „чувствува лична обврска“ кон семејствата Гончар и Захаренко. Германските политичари, исто така, бараат целосно разјаснување на случајот.

Кај ова „многу мрачно поглавје во историјата на Белорусија“, би морале сите факти да се стават на маса, бара Јирген Харт, претставник од ЦДУ/ЦСУ задолжен за надворешна политика. Харт за ДВ укажа и на „позитивниот развој“, бидејќи притисокот на ЕУ во последните години доведе до подобрување на состојбата на човековите права во Белорусија. „Раката на Европа и натаму ќе остане испружена доколку Белорусија е подготвена да ја обработи својата историја и вмешаноста на државата во насилства и репресија, како и да направи чекори во насока на демократизација“, изјави Харт.

Предупредување од избрзани осуди

Односи со Минск германскиот Бундестаг негува преку парламентарната група со која претседава Оливер Качмарчек. Тој за ДВ истакнува: „Во интерес на семејствата на жртвите го поздравуваме конструктивното разјаснување на случајот“. Тој, меѓутоа, предупредува и дека не треба да се донесуваат избрзани осуди пред завршувањето на истрагата. А таа, додава тој, треба да се води според меѓународните стандарди.

Фотографија: Getty Images/AFP/S. Gapon

Гиде Јенсен, претседателка на Комисијата за човекови права на германскиот Бундестаг, за ДВ изјави дека Германија има посебна обврска да ги поддржува слободата, човековите права и демократските вредности во Европа. Во овој случај, но и во сите други случаи, според неа, многу важна е најголема можна транспарантност и Германија силно мора да се заложи за тоа.

Крунскиот сведок Гаравски уште во понеделникот доби многу мејлови од пријатели. За ДВ тој истакна дека се чувствува многу полесно откако сѐ изнел во јавноста и се надева оти односот на силите во Белорусија би можел да се промени.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми