1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кој е лекот против десниот радикализам?

Кај-Александер Шолц
30 август 2018

Насилни деснорадикални демонстранти: настаните во Кемниц го шокираа Берлин. Политиката сака да преземе мерки. Но, првите потешкотии се појавуваат уште кај полицијата, а има и поголеми проблеми од тоа.

Deutschland Demo in Chemnitz - Polizisten
Фотографија: Imago/Max Stein

Највидливиот одговор на германската држава на нападите врз странци во Кемниц веројатно ќе биде пред сѐ поголемо присуство на улиците. Најавени се натамошни протести на деснорадикали, тогаш ќе има и повеќе полиција. Сојузниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер рече дека се надева на „превентивното влијание на силното полициско присуство“. Тоа треба според него да придонесе за почитување на законите, да спречи земање на правдата во свои раце и да го гарантира монополот на државата врз употреба на сила.

Но, според германскиот Устав, за безбедноста приоритетно надлежни се покраините – во случајов значи Саксонија и тамошната полиција. Нејзе пак ѝ се префрла дека го минимизира проблемот со деснорадикализмот.

Министерот ја повтори понудата од минатиот понеделник, дека сојузната полиција може да помогне во Саксонија, но додаде дека „за тоа одлучува покраината Саксонија". Колку полицајци и кога ќе бидат побарани од Берлин, ќе се одлучи во Дрезден

Поголемо полициско присуство и засилен надзор на деснорадикалната сцена

Според извештаите на агенциите и канцеларката Меркел се ангажирала околу прашањето. Имено, по прес-конференцијата на Зехофер, таа телефонски разговарала со премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер за поддршка од страна на сојузната полиција. Попладнето портпарол на Зехофер потврди дека Саксонија ја прифатила понудата.

Во вторникот премиерот на прес-конференција најави дека сака да прифати помош од Берлин, но очигледно не брзал со одлуката. Притоа Кречмер нагласи дека ситуацијата е многу сериозна: „Мора да спречиме Кемниц да стане место за собирање на екстремисти од цела Германија." На протестите во понеделникот имало „хаоти" од пет различни сојузни покраини, изјави саксонскиот министер за внатрепни работи Роланд Велер. Станува збор за вкупно 6000 лица, многу повеќе отколку што очекувале Саксонците.

Покраинскиот премиер на Саксонија, Михаел Кречмер и министерот за внатрешни работи Роланд ВелерФотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

43-годишниот Кречмер, кој од минатата година е премиер на покраината, објаснува дека тоа е благодарение на „силната моболизација преку интернет". Во наредниот период засилено ќе се следат активностите на интернет. Следните протести се најавени за денеска. Двете министерства за внатрешни работи досега не најавија дополнителни оперативни мерки.

Посети на лице место и едуцирање

Шокот за настаните се чувствува и во Берлин и според Зехофер, е предмет на дебата во кабинетот на канцеларката. Зехофер смета дека покрај преземањето на безбедносни мерки, сега ќе мора да бидат дефинирани и причините.

Политиката сака да користи веќе докажани средства: разговори на лице место. Во петок сојузната министерка за семејни прашања, Франциска Гифај, планира разговори со одговорните лица во покраината и „да им даде поддршка за да се борат локално за демократијата во Кемниц", како што се вели. Премиерот Кречмер планира посета ден претходно, но неговиот термин беше одамна закажан.

Кречмер нагласи дека постои уште едно средство во борбата против десниот радикализам: едукација. „Погледнете убаво на која идеологија припаѓаат иницијаторите на демонстрациите", предупреди тој. Дали навистина граѓаните сакаат рамо до рамо да протестираат со хулигани и деснорадикални лица?

Повеќе: 

Што всушност се случува во Кемниц?

Очекувано фијаско во Кемниц

Дебата за пропусти на политиката

Дебатата за причините веќе започна. Саксонската министерка за интеграција, Петра Кепинг, во телевизиско интервју изјави дека канцеларката Меркел не треба само да праќа полицајци во Саксонија, туку „Берлин треба сериозно да го сфати проблемот со истокот на Германија": граѓаните на истокот честопати се чувствуваат како „граѓани од втор ред”. Кепинг неодамна го привлече вниманието на медиумите бидејќи се залага за политичка разработка на малку дискутираните години по обединувањето на Германија во 90-тите години на минатиот век. Во тогашната масовна безработица таа ја гледа причината за тоа што граѓаните на истокот се поприемчивии за политички пораки кои ја ставаат под прашање германската држава, или пак целосно се против неа. Бегалскиот бран од 2105-16 година кој многумина ги затече неподготвени, е само масло во оганот.

Професорот по политички науки во Дрезден, Вернер Пацелт, кој со години се занимава со односите во Саксонија, дели слично мислење. „Миграциската и интеграциската политика отуѓи многумина од државата", вели тој. Само да се разговара отворено за темата, ќе помогнеше пред три години да се намали притисокот во јавноста. Граѓаните сега бараат решенија и затоа се вртат против државата. Пацелт смета дека сега мора да се зафатат и со „немилите теми" во миграциската политика. Вербални осуди не помагаат поради тоа што се само „педагошки мерки". Тој страхува дека Кемниц е само почетокот на таквите настани.

АфД - партнер на демонстрантите во Кемниц? Фотографија: Getty Images/O. Andersen

Пегида и АфД се само најава за случувањата во Кемниц

Политиката всушност требаше да се „разбуди” уште пред многу години. Исламофобичното движење Пегида кое појдовната точка исто така ја имаше во Саксонија, вербалното деснорадикално насилство уште од 2014-та е присутно меѓу народот. Деснопопулистичката Алтернатива за Германија, АфД, од минатата година е и составен дел од германскиот парламент. Според прогнозите, АфД во Саксонија и околните покраини од тогаш до сега успеала да стане втора најголема политичка сила. Следната година таму се одржуваат покраински избори. Целта на сите преостанати партии во Германија, АфД да се држи во тесни рамки, до сега не е постигната.

Но, настаните во Кемниц се предизвик и за самата АфД. Од една страна напади со нож како оној врз Германец од страна на двајца осомничени со миграциска позадина, се тема која вообичаено ја користат за да анимираат приврзаници. Една од претседателките на пратеничката група на АфД во Бундестагот, Алис Вајдел, еднаш изјави дека по станувањето наутро прво на Гугл пребарува вести под поимот „нож". Слична беше и нејзината реакција на последните случувања.

Од друга страна, во самата партеничка група се трудат да држат дистанца спрема деснорадикалното крило на АфД, за да не си ги изгубат граѓански ориентираните гласачи. Партијата избегнува да заземе јасен став за настаните во Кемниц. За да се одвлече внимание од тоа прашање, фокусот го ставија на медиумите. Според партискиот шеф Александар Гауланд, наводно нема диференцирање меѓу „хаоти" и „загрижени граѓани". Порадикалните струи на покраинско ниво, како на пример Бјорн Хеке од Тирингија, пак имаат други ставови. В сабота тој планира да одржи марш со молчење заедно со Пегида. Тоа пак, би значело отворена поддршка за екстремистите, за што политиката ќе мора да најде нови одговори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми