1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: стрес-тест за демократијата

Лиза Хенел
9 април 2020

Изолација, заразени шефови на влади: коронавирусот ги стави земјите пред огромни проблеми. Автократите реагираат со ригидни мерки, демократиите се потпираат на консензус. Кој е поефикасен во борбата против Ковид-19?

Deutschland Berlin | Coronavirus | Frau mit Smartphone
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/E. Contini

Кога кинеската влада на 23 јануари реши да го стави 11 милионскиот град Вухан во целосен карантин и без пристап до надворешниот свет, останатиот дел од светот гледаше со зачуденост кон Азија. Се чинеше незамисливо дека коронавирусот така силно ќе ги погоди и индустриските нации во Европа и Америка. Во меѓувреме Ковид-19 доведе до големи ограничувања на основните права и во градови како Њујорк, Мадрид или Берлин. Ограничено движење, забрани и апели го обликуваат секојдневниот живот. Парламентите работат ограничено, а во некои земји од вирусот се заразени и шефови на влади. На некои места луѓето со завист гледаат кон Кина. Таму животот полека се враќа во нормала, дел од продавниците полека се отвораат. Жителите на Вухан повторно може да патуваат.

Дали ова значи дека автократите со своите можности и рестриктивни мерки имаат предност пред демократиите и нивниот пристап кон пандемии како коронавирусот? Што ќе остане од почитување на човековите права по Ковид-19? Експертот за демократија од Австрија, Тамара Еш, смета дека и покрај тоа што пристапот на автократите во справувањето со коронавирусот има очигледно брз успех, тоа не е добар знак: „Оној кој поддржува ригорозни забрани и мерки како во Кина, во светло на пандемијата ќе види јасно дека ова не би било потребно доколку во земјата има транспарентност.“

Колку е важна транспарентноста во борбата со една пандемија покажува примерот со Ишгл. Во скијачкото место во Австрија рано имаше случаи на корона. Но, центарот не беше затворен. Така вирусот се рашири во разни делови на Европа преку луѓето кои таму биле на скијање. И Холгер Спаман, професор на Правниот факултет на Харвард, смета дека „голема транспарентност“ е единствениот исправен пристап во справувањето со коронавирусот. Тој посочува дека „за разлика од човечките непријатели“, вирусот не може да ја промени стратегијата „затоа што ние сме се откажале од нашата“.

Огромни кршења на човековите права

Па сепак брзото ширење на вирусот исто така ги принудува и демократските држави да преземат ригорозни мерки кои се инаку познати за авторитарните системи: како на пример, забрани за движење и собири, или ограничување на верски слободи. Вицепретседателот на Европската комисија, Вера Јоурова во понеделникот изјави дека според нејзина проценка 20 ЕУ-земји досега донеле „некаков вид на итни закони“ со цел да ги намалат последиците од коронавирусот. Таа сепак предупредува дека масовни ограничувања на основните права може да доведат до слабеење на демократијата.

Експертот за демократија, Еш посочува дека сериозноста на мерките, не е секогаш доказ дека тие се недемократски: „Постојат индикации по кои се препознава дали некоја мерка е оправдана или не: дали мерките ја оправдуваат целта - да се победи вирусот и дали се донесени според процедурите на една правна држава,“ вели Еш.

Во ваков случај и една строга забрана за движење може да се донесе во демократски рамки. Но, доколку некој премиер претера и носи мерки кои немаат врска со целта, и делува по свое, тогаш е критично. Како на пример таканаречениот „Велигденски декрет“ кој сакаше да го воведе австрискиот министер за здравство. Со ова на полицијата би ѝ се дозволило ненајавено да проверува по станови дали семејството се собрало за Велигден. Ваков тежок удар на приватноста исто така може да биде воведен во една демократија, но секако не без согласност на парламенотот, и не само по желба на министерот за здравство, вели Еш. „Велигденски декрет“ не е воведен по масовниот протест на опозицијата и граѓаните.

Важноста на парламентот

Политичкото противречење и транспарентноста им помагаат на демократиите да ги проверат мерките во борба против Ковид-19 и доколку е потребно да ги коригираат. Според експертот за демократија Еш, затоа е неопходно парламентите и понатаму да заседаваат. „Парламентите имаат функција на трибина во која се очигледни противречностите. Во една демократија секогаш има алтернатива и тоа е видливо на пленарните седници“, нагласува Еш. Поради тоа е важно, парламентите да не ретерираат, како што се случи во Унгарија. Таму парламентот изгласа еден контроверзен закон за вонредна сосојба со која на премиерот Виктор Орбан му се даваат отворени раце без временски ограничувања. Така на пример, во вонредна состојба не може да се одржуваат избори, а за ширење на „вознемирувачки информации“ може да се оди во затвор.

Унгарија несомнено воведе најрестриктивни мерки во цела Европска унија. Но, и други земји, како на пример Шпанија реши привремено да ја запре работата на парламентот или понекогаш да се водат електронски седници, секако во уставни рамки. Сличен предлог на претседателот на германскиот Бундестаг, Волфганг Шојбле предизвика жестока дебата. Шојбле предложи помал „итен парламент“ кој би можел да дејствува во кризата. Но, германскиот устав дозволува ваков парламент само во состојба на национална одбрана. Неколку опозициски парламентарци го критикуваа, со оценка дека сега не е време да се прават промени во Уставот.

Излез од шок

За Тамара Еш, од австриската Академија за науки, многу е важно корона-мерките на владите да бидат следени од страна на будно граѓанско општество. Првите две недели таа била зачудена од „иритирачкиот конформизам“: мал отпор од опозицијата, речиси никаква критика од медиумите. Тоа во последните денови е променето: „На опозицијата ѝ се дава сѐ поголем простор во медиумите и има стручни гласови кои треба да се слушнат.“
Повеќе:Германска студија: Последиците од карантинот можат да бидат потешки и од самата пандемија

И довербата е фактор во битката против Ковид-19

Автократите ја сакаат пандемијата

Страв од „Ковид-диктатура“ во Европа

Моментот на кризата, вели Еш, може исто така да биде и момент на авторитети. Секој мора да придонесува демократиите да не настрадаат на долг рок. Таа не смета дека демократиите преку ноќ ќе се претворат во автократии. „Загрижена сум дека граѓаните поради стравот сакаат уште посилни лидери, и радо би прифатиле понатамошни ограничувања на слободата во замена за тоа.“  Освен тоа, и политичарите сфатија до каде може да одат пред да се соочат со отпор. „Прашањето е кои автократски елементи се скриени во нашите демократии, кога кршливиот баланс меѓу слободата и безбедноста, на пример, е нарушен.“

Секоја мерка на една демократска влада против коронавирусот мора да има временско ограничување. Во Германија, на пример, владата на канцеларката Ангела Меркел сѐ уште нема дадено термин кога ќе се олабават мерките, и сѐ уште нема поднесено излезна стратегија. Неделава интервенираше и Етичкиот совет во земјата и побара од политичарите транспарентно да ги изнесат своите аргументи за блокирањето на земјата. Членовите на Етичкиот совет препорачуваат дека никогаш не е рано да се дискутира патот за излез од кризата. Во спротивно, владата ризикува да ја загуби довербата од населението.

Довербата пак е клучната предност на демократиите во споредба со автократиите. Довербата значи дека луѓето во голема мера ги поддржуваат владините одлуки. Во однос на пандемијата со коронавирус, тоа значи разлика меѓу криење на болеста поради страв и недоверба кон владата, или спротивно подобра контрола на ширењето на заразата и навремени тестирања. Со други зборови, таа доверба може да значи разлика меѓу попречување или забрзано ширење на пандемијата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми