1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој за Грета, кој за Гревота

27 септември 2019

Напаѓачите се плашат од појава на милиони млади Грети и дека крајот на ерата на алфа мажите и несовесните политичари, ќе дојде пред да заврши оваа цивилизација базирана на уништување на планетата. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Недоличноста би требало да има одредена граница. Веројатно тоа и младата Грета се обидува да им го каже на светските лидери, а некои од нас се обидуваме тоа да им го објасниме на палетата ширачи на омраза против една млада девојка со добра кауза.

Очигледно е веќе, но со цел да се објасни степенот на омраза, антипатија, насилство, цинизам кој активизмот на оваа девојка го предизвикува кај одредени луѓе, па и категории или групи, треба да се повикаме на психоанализата. Ниеден друг пристап не може да објасни како толкав набој на кретенска омраза може да се покрене кон некој млад човек што зборува за подобри навики, за подобри промени, за проблеми кои што сите не тангираат, па дури и да не се согласувале, било со формите или со начинот, вреди на момент да застанеме и да подразмислиме. Мислам дека ниту еден Трамп или Орбан, потпалувачите на Амазонија, или нашите локални политички и криминогени деструктивци, со други зборови, оние кои полноправно го заслужиле презирот на човештвото, не станале мета на слична омраза изнесена со толкава леснотија на умот.

Се јавија сите светски и домашни циници, конформисти, конзервативци да ни ја разбистрат маглата: „Грета е завера. Грета е продукт на зелениот капитализам. Либералите си купуваат време на грбот на едно девојче. Манипулирана е од зеленото лоби, од лобито на екологистите (замислете, постои и такво лоби). Жртва е на нејзините алчни родители. Не тера да не јадеме месо, а купува банани. Комунистите се позади неа, водена е од злобните масонерии на жидовски плутократи кои сакаат да ги осиромашат масите плашејќи ги со фетишот на катастрофизмот и крајот на светот. Да не беше болна ќе ја прегазев со кола“. Да, имаше и такви коментари низ светот. Па потоа коментарите околу нејзиниот изглед, нејзините изјави, па дека не била искрена, била подготвувана од некого, луѓе се ужаснувале од нејзините гримаси, дури ја изедначија и со женската младина на нацистите заради плетенките.

Митот - децата се закана

Постои еден интересен психолошки конструкт кој се нарекува комплексот на Лај. Токму тој, таткото на Едип, носителот на далеку попознатиот комплекс меѓу луѓето. Лај е таткото кој стравува да не биде тргнат од тронот и бара начин како да го елиминира својот син. Овој мит е присутен во многу култури. Во античка Грција тоа е Кронос кој ги јаде своите деца, во Рим тоа е Сатурн. Но, основата на митот секаде говори за истиот страв: дека децата се закана. Една од големите дволичности на човештвото.

Затоа што освен што Грета е манипулирана и таа самата е наводно манипулатор на милиони и милиони млади луѓе низ светот. А во што се состои манипулацијата?! Во тоа што таа младина која допрва доаѓа покажува огромна свест за климатските промени, за екологијата, за заштитата на животната средина?! Или пак во фактот дека се раѓа една нова идеологија базирана на амбиентализмот и екологизмот?! И тоа би требало да биде некакво зло, нешто од што треба да стравуваме?!

Значи, очигледна е една генерациска фрактура која допрва ќе се развива. Се разбира дека многу сили низ светот стравуваат од милиони млади луѓе кои покажуваат повисоко ниво на свест за состојбите на светот, кои не го прифаќаат актуелното уништување на планетата, неодговорностите на политичките и економските елити, фактот дека и понатаму одржуваме идеја за економија базирана на бесконечен раст.

Фотографија: Reuters/A. Hofstetter

Порано носители на овие проблематики беа традицоналните партии со целиот нивен политички и идеолошки багаж. Со кризата на постидеализмот, кризата на левицата, политиката која се сведе на султан партии зависни од лидери, уништување на здравата и активистичка партиска база, овие проблеми останаа да ги интересираат само младите. На светско ниво младите помеѓу 18 и 30 години се оние кои најмалку гласаат и кои не се заинтересирани за дневнополитичките збиднувања. Оваа реакција на младите е токму последица и на тие процеси.

Оттука во генерациска смисла, многу е полесно ваквите нови барања и потреби да се дочекаат со сарказам и цинизам, ако не и со отворен расизам. Се разбира дека таа реакција е полесна отколку да се признае дека на младите им се остава во наследство еден полош свет, дека не се знае повеќе како да им се обратиме, дека сите партии гледаат кон своите клиентелистички бази на гласачи, наместо кон групите кои се оставени без глас и кои се чувствуваат обесправено. Со други зборови зад оваа омраза во многу аспекти се крие непризнавањето на нечистата совест кај многумина, како и непризнавањето на направените грешки.

Kултурна хегемонија на злобниците

Но, генерацискиот аспект не е доволен да се објасни феноменот. Постои и една културна хегемонија на злобниците кои презираат се` што е добро, и како дури да чувствуваат физичка болка пред капацитетот на одредени луѓе, кои покрај сите маки и потешкотии, успеваат да се борат или заложат за нешто поголемо. Испаѓа дека борците, а не циниците, се хипокрити и морализатори, кога ситуацијата е сосема обратна. Како за многу прашања, дали е мизогинија, феминизам, храбрите изблици на #сегакажувам против сексизмот и насилството, постојат групи на луѓе кои просто уживаат да не разберат дека некој работи за општото добро. За таквите, луѓето се само еден меланж од ниски пулсации и злобни мисли, некој голем конструкт кој има за цел да им ја одзеде слободата да бидат идиоти и така отворено да се однесуваат. Идеализмот повеќе не се контемплира, и трагично е тоа да се забележи и кај луѓе кои цело време демек зборуваат за идеали.

Овдека гледаме како се расплетува и расплинува еден сон на младината, една страст која привлекува милиони млади, можеби и помалку наивна и популистичка, но затоа ништо помалку автентична. И луѓе си мислат дека е правично и праведно на тоа да изреагираат со својата лична замореност и цинизам, со својата горчина и токсичност, со разочараните соништа на сопствената генерација. Од младите кои денес се будат се претендира една апсолутна кохерентност, стоичка издржливост, живот на аскети за да докажат дека се вистински, во спротивно веднаш ќе бидат удавени во морето на цинизмот. За жал, оваа старачка болест има зафатено и не толку возрасни луѓе, но кои повеќе од живи, се живи мртовци.

Биолошки расизам

Постои и еден друг аспект како што веќе навестив, а тоа е чистата омраза, расизмот на добар дел од светот кој со суровоста на цртежите на Бројгел, го опишува ликот и делото на Грета, и во кој можеме да го препознаеме истиот биолошки расизам пропагиран и спроведуван од клиничко-политичката субкултура на нацизмот. Да се гледа на некој како да не е доволно нормален, не е доволно здрав, помалку човек затоа што болен од нешто - па таквиот уште и ќе си дозволува да кажува како требало, и ќе ја труе нашата здрава младина. Гротеската, франкенштајнизацијата, карикатуризмот кон Грета, но и кон секој човек кој во денешно време се обидува да се бори за големи каузи, кој се нафаќа со прашања кои не делат и разгоруваат страсти, стана една фашизоидна нормала која повеќе како и да не ја приметуваме.

Па потоа лажната грижа кон субчовечкото. „Кутрата Грета, таа која повеќе не ни оди на школо, таа со истиот тој транспарент, а позади неа тие злобници гладни за нови профити и поголема моќ над масите“. Ете, или таа очајна мемеизација на Грета, прикажана покрај нацистичката Лига на девојки пред свастиката, таа алузија на расистичката пропагадна, каде невиното дете секогаш е злоупотребено од силите на злото.

Оттука не разбирам друг начин освен човек да застане на страната на Грета, макар било и смешно и погрешно, сепак делува помалку за гревота отколку човек да е на страната на оваа токсична омраза и цинизам.

Колку повеќе конзумираме – толку повеќе загадуваме

Конечно нешто и за објективните аспекти на заложбите на Грета и младите низ светот. Како она шише за вода кое насекаде го шета, откажувајќи се од пластичните шишиња. Сега е мода да се носат тие модерни стомни за вода. Стомната не е технолошки предмет и нема никаков технолошки скок зад нејзината употреба. Има нешто многу порадикално и поодлучно, а тоа е еден вид на културен скок. Нејзината функција и форма се толку базични што алудираат на зората на човештвото: еден банален сад за вода. Но, за разлика од пластичните шишиња, трае низ времето. Не се фрла, и за општествата базирани на ѓубре и контењери тоа е голема новост. Постојано се обновува содржината, а не контејнерот на содржината.

Други колумни од авторот: 

Пропорционални по вокација

Парламентарната демократија го победи Борис Брегзит

Македонија гори поради своите Болсонаровци!

(Thinker Tailor Zaev Spy) Зошто никој не го спасува војникот Заев?

И тоа важи за милион аспекти во нашето секојдневно живеење, кажано на еден упростен начин. Секој ден читаме за научните факти, особено околу штетноста на емисијата на јаглероден диоксид, проценките за топењето на глечерите, за порастот на океаните, за влијанието на штетните гасови по здравјето на луѓето и сите причинители на ова аномално затоплување на планетата. И целото инсистирање околу научните вистини и зголемениот сензибилитет кон климатските промени, се` тоа е една виртуозна последица на ефектот Грета. Мора да разбереме дека и по тоа емотивно реагирање кое денеска доминира, и по таа мода која денес ја шири Грета и на неа сличните, потоа следува желбата повеќе да се дознае или научи, па потоа следуваат евентуално и дополнителни заложби и желби нешто да се промени. Целото тоа е еден комплементарен процес.

Грета е одличен двигател и промотор на научните вистини, иако самата не е извор на тие вистини. Двигател е и на уште еден битен факт. Вкрстувајќи ги сите податоци на светот околу загадувањето и климатските промени, цело време паѓа во очи еден податок, еден макро-податок. Колку повеќе конзумираме – толку повеќе загадуваме. Ни се допаѓало или не - колку повеќе климатизатори, колку повеќе автомобили, колку повеќе коњски сили, колку повеќе лед во пијачката, колку повеќе пластика - толку помалку здравје за нашиот екосистем. И тоа е факт. Ќе беше убаво да е само некое субјективно мислење, но не е. Или ќе си дадеме некоја нова мерка, или кога-тогаш планетата сама ќе ни ја наметне.

Затоа на крај на нештата сум убеден во уште работа. Била поединецот Грета во прашање, или некоја група зад неа, луѓето немаат проблем со субјектот Грета. Луѓето, оние со тесни и себични интереси и оние со помрачени и ограничени умови, имаат проблем со фактите. Фактите за реалните состојби, фактите кои повеќе не се прашање на субјективно мислење, туку се токму научни факти. Како фактите за климатските промени, загадувањето и недејствувањето на државниците. И големината на Грета е што на човештвото, на младите, на оние кои доаѓаат, им зборува за фактите. И бидејќи многу е потешко да се разобличат фактите, оние кои се научни и кои не зависат од демократските слободи и права на секој да изнесе свој суд, луѓето решаваат да удрат по Грета, по оној што ни ја носи пораката. А добро знаеме, науката и научните факти не се прашање на демократија. Затоа индивидуата Грета е распната и нападната.

Се разбира, поголемиот страв на напаѓачите е дека ќе се појават милиони и милиони млади Грети и дека крајот на ерата на алфа мажите и несовесните политичари, ќе дојде пред да заврши оваа цивилизација базирана на уништување на планетата, сфатена во својство на привремен дом на човештвото.

Но, за крај се прашувам и уште една работа.

Зарем не уживате барем малку во овој спектакл од кој се имаме комплетно одвикнато: дека се` уште може да се насети некаква промена благодарение на колективната волја, ова чувство дека нешто можеби навистина зависи од нашиот разум, од нашиот капацитет каков избор ќе направиме, од нашата можеби желба да се подобриме.

Замислете, нешто да зависи од нас?! Морам да признаам, сме заборавиле какво е тоа чувство, камоли како изгледа некоја си таква реалност.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми