1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој и зошто гласа за деснопопулистичката АфД во Германија?

Кај-Александер Шолц
3 септември 2019

Деснопопулистичката АфД станува сѐ посилна. Резултатот од покраинските избори во Саксонија и Бранденбург е доказ за тоа. Кој е рецептот за успех на АфД и каде грешат останатите партии?

Bundespressekonferenz AfD Jörg Urban und Andreas Kalbitz
Јерг Урбан (л.) и Андреас Калбиц, врвни кандидати на АфД на изборите во Брандебург и Саксонија добро расположени на прес-конференција во Берлин еден ден по покраинските избориФотографија: picture-alliance/dpa/M. Sohn

Околу сто гости на изборната забава на АфД во покраината Бранденбург се радуваа на постигнатиот резултат - 23,5% освоени гласови. Славеа пред телевизиските камери откако беа објавени првите прогнози. Но, сѐ остана на кари-колбаси и пиво. Шишињата со шампањ не беа отворени. Зашто АфД по водство на Андреас Калбиц не заврши на првата, туку на втората позиција по освоени гласови. Во Бранденбург, покраината каде традиционално најсилна е СПД, социјалдемократите си ја задржаа власта.

Во Саксонија победи ЦДУ и со тоа ја одбрани својата позиција во покраината. АфД под водство на Јерг Урбан заврши на второто место со 27,5% освоени гласови. Изборната забава се одржа на брод на реката Елба - без новинари. Меѓутоа, разочарувањето може да се претпостави. Саксонија требаше да стане покраината каде АфД е најсилна. Во оваа покраина десните популисти за првпат успеаја да обезбедат влез во покраински парламент. Дел од анкетите предвидуваа победа на АфД во Саксонија, што ќе беше вест на вечерта во неделата.

Нема едноставно објаснување за мотивите на избирачите. Избирачкото тело е преголемо и преразновидно за да може да се даде такво објаснување. Но, има работи кои се воочливи. За АфД не гласаат натпропорционално многу пензионери или млади луѓе, туку нејзини избирачи се главно луѓе на средна возраст и тоа особено мажи.

Кој гласа за АфД?

Едно од упориштата на АфД е Лаузиц, регион на истокот на Саксонија и југот на Бранденбург. Тука АфД освои дури и над 30 проценти гласови. Лаузиц е регион кому му се заканува структурен пресврт - втор по распадот на економијата на ГДР по 1989 година. Треба да исчезне ископувањето јаглен, единствената преостаната голема индустрија. Лаузиц е структруно слаб регион, особено во делот кој припаѓа на покраината Саксонија. Демоскопите дојдоа до заклучок дека луѓето од структурно слабите региони особено често гласаат за АфД.

Од Лаузиц треба да исчезне ископувањето јаглен, единствената преостаната голема индустријаФотографија: LEAG/H. Rauhut

Саксонија и Бранденбург долги години во своите развојни планови дефинираа региони во кои се инвестира многу и региони каде инвестирањето се исплаќа помалку. Оваа политика е видлива во делумно пустите села на полската граница, на пример, каде е второто упориште на АфД: стари улици и осветленија, нема продавници, речиси и да нема деца. Многумина се чувствуваат оставени на цедило од страна на оние на власт. Луѓето таму имаат слаби шанси за создавање благосостојба и остануваат губитници од трансформацијата по распадот на ГДР во 1989 година.

Владата на Саксонија се фалеше со покраина која зрачи. Но, во многу села зрачењето беше слабо. Кога потоа дојдоа бегалците и цела земја се грижеше за нив, многумина веќе не го разбираа светот. За нив не се интересираше никој, а тие живеат во земјата долго. Такви зборови се слушаа во 2015/16 година, на врвот на бегалската криза. Но, вакви зборови од луѓето на улица може да се чујат и до ден-денес.

Од протест и убедување

Долгогодишната пратеничка на Зелените во Бундестагот, Анке Херменау, за Саксонците во својата нова книга „Како Саксонците го гледаат светот“, пишува дека се тоа луѓе на кои им е важно „да има економски напредок“. Уште на претходните избори АфД добиваше гласови „од протест“, поради тоа што работите „не одеа“, оценува Херменау, која во меѓувреме е активна кај „Слободните избирачи“. Демоскопите тврдат дека од избирачите од протест во меѓувреме АфД и нејзината програма добија избирачи од убедување.

Фотографија: DW/K-A. Scholz

АфД во Саксонија е присутна со години, а нејзиниот тон во оваа покраина е поумерен отколку во други покраини. Освен тоа, во партиското раководство има многумина кои се родени на истокот. Тоа наидува на позитивен одек во источна Германија, каде што некои граѓани се чувствуваат како да се од втора класа затоа што имаат помали плати и пензии отколку во западниот дел од земјата. На одлучувачки позиции на власт во администрацијата и политиката сѐ уште седат луѓе од западна Германија.

Сојузното раководство на АфД ги искористи изборните резултати за да си даде нов бренд. Партискиот лидер, речиси 80-годишниот Александер Гауланд, сега ја смета АфД за „единствена граѓанска опозициска партија“, барем во Бранденбург. Зашто, ЦДУ во оваа покраина со 15% гласови е речиси маргинализирана, а либералите не успеаја да влезат во покраинскиот парламент. Зад тоа се крие калкулацијата дека АфД треба да се тргне од имиџот на партија на десните популисти и десните екстремисти. Се верува дека само така АфД може да биде гласана од повеќе луѓе во западна Германија кои партијата не ја сметаат баш за граѓанска, туку ја оценуваат како екстремна.

Повеќе:

Германија се бори со себе

По изборите во Бранденбург и Саксонија: АфД втора по јачина

Теми кои им се важни на граѓаните

Двајцата стари и веројатно нови премиери на Саксонија (Михаел кречмер од ЦДУ) и Бранденбург (Дитмар Воидке од СПД) вечерта по изборите изјавија дека е важно да се разговара за проблемите на граѓаните. Тоа звучеше како признание на вина дека тоа досега не се правело доволно.

Волците и ветерниците се два вакви проблема. Дури и кога комуните се изјаснуваа против поставувањето ветерници преблиску до селата, владата на Бранденбург го имаше последниот збор. На крајот многу селани имаа ветерници поставени преблиску до нивните имоти. Многумина се возбудуваа и поради волците. Додека многу политичари се изјаснуваа за заштита на волците, селаните мораа да ги заштитуваат дополнително своите кози и овци, па сепак голем дел од нивните животни беа убиени од страна на волците. Во некои села во меѓувреме има дури и „стражи“ како превенција од волци. За овие теми АфД зборуваше на многу предизборни собири, ги слушаше граѓаните и вети помош.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми