1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кој попушта, тој губи“

Јоша Вебер / Е. М. Фиданоска21 јуни 2014

Германската репрезентација, по резултатот од 4:0 против Португалија, самоуверено го чека вечерашниот натпревар против Гана. Сепак, селекторот Лев ги предупредува своите избраници дека задачата ќе биде тешка.

Fußball WM 2014 Nationalmannschaft Deutschland Training 14.6.2014
Фотографија: REUTERS

Многу предупредувања деновиве за Јоахим Лев. Групната фаза на СП во Бразил е борба за опстанок дури и за големите европски тимови и фаворити. Светскиот првак Шпанија е надвор, исто како и мајката на фудбалот - Англија. Европскиот вицешампион Италија загуби од Костарика, а Холанѓаните кои беа фалени на цел глас откако ја „прегазија“ Шпанија, одвај избегнаа пораз од Австралија. Затоа, за германскиот селекторЛев, пред натпреварот со Гана, вечерва (21.06) е јасно: „Кој попушта, тој губи на овој турнир.“

Радоста и олеснувањето по победата од 4:0 против Португалија беше голема, исто како што сега е голем „психолошкиот предизвик“ да не се попушти. „Победата на првиот натпревар беше добра за нас, но сега мора да продолжиме“, нагласува Лев, кој на своите избраници им порачува дека не смеат да бидат пресигурни. Се чини дека таквата порака им е јасна на играчите. „Победивме на само еден натпревар, тоа не е ништо“, вели Тони Крос, а голманот Роман Вајденфелер оценува: „Досега не сме освоиле ништо“. Сами Кедира пак, уверува дека тимот е „многу концентриран“.

Толку што се однесува до изјавите, а сега фактите: германската репрезентација, доколку победи вечерва, има шанса да си го осигура предвреме пласманот во осминафиналето на СП. Гана пак, по тесниот пораз од САД, веќе сега трепери од можно збогување од првенството. Досегашните два дуели меѓу Германија и Гана завршија со победа на Германците.

Боатенг против Боатенг

Натпреварот вечерва ќе биде посебен за Жером Боатенг. Тој, исто како на СП 2010, во групната фаза ќе се сочи со својот полубрат Кевин-Принс, кој игра за Гана. Дајцата велат дека му се радуваат на дуелот. Кевин-Принс Боатенг со својата енергија ќе биде сигурно голем предизвик за германската одбрана, но нема да биде и единствениот играч на Гана кој ќе им создава проблеми на избраниците на Лев. Репрезентативците на Гана имаат извонредна физичка сила, тимот игра офанзивно и не се крие пред големите противници. „Тие играат за својата последна шанса. За нив е ова практично финале“, оценува Лев и додава: „Ќе играме против тим кој крваво ќе се бори против нас.“

Кевин-Принс и Жером Боатенг на СП 2010Фотографија: Stephane De Sakutin/AFP/Getty Images

Кедира вели дека нема изговори: „Условите за сите се исти. Знаеме дека се атлетски силни и мора да се носиме со тоа.“ Да се издржи, да се игра борбено, компактно - кој ги слуша ваквите изјави од кампот на Германија брзо може да добие впечаток како Гана да е фаворит во овој дуел. При сите оправдани предупредувања, спортски фаворит на натпреварот сепак е германската репрезентација. Но, што тоа воопшто значи на ова СП...

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми