Кој стигнал на Ѓерба - успеал!
3 март 2011Да беа нормални времиња во овој регион, во холот на аеродромот во Ѓерба сега ќе стоеја европски туристи. Но, времињата не се нормални. Кинези, Малезијци и луѓе од Бангладеш со денови го преполнуваат аеродромот на туристичкиот остров во Тунис, кој во моментов е се’ друго освен рај за одмор. Ѓерба деновиве повеќе личи на прифатилиште преку кое илјадници бегалци треба да се транспортираат од Либија во нивните татковини. Речиси на секој час, авиони на „Египет ер“ од Каиро слетуваат, полетуваат и повторно слетуваат, но и покрај тоа не можат да ги однесат дома толпите Египќани кои живееле во Либија како гастарбајтери. А ги имало околу еденипол милион. Сега речиси сите сакаат да си заминат од Гадафиевото кралство кое пропаѓа.
Солидарноста како обврска
Оној кој стигнал до Ѓерба, успеал. Египќаните кампуваат на аеродромот, чекаат, се молат и одвреме-навреме му заблагодаруваат на Бога што ги извлекол од Либија. Веднаш до нив, со бели капчиња на главите, стотици Кинези уредно чекаат на нивниот лет за татковината. Униформиран кинески офицер со остар тон командува со евакуацијата.
Туниските лекари во моментов се грижат за болните и исцрпените лица и велат дека е нормално да им помогнат на оние на кои им е потребно. Токму од нивната револуција тргна пресвртот во Египет и во соседна Либија. Тунезијците чувствуваат обврска да бидат солидарни со овие бегалци. Се дели храна, шишиња со вода и со чај за многумина сиромашни луѓе од Египет и од Југоисточна Азија кои во Либија со години ги работеле валканите работи - на нафтените полиња, во фабриките, на градилиштата.
250 опасни километри до спас
Стотици илјади работници бегаат од Либија. Државата богата со нафта сега е само земја во која збеснатиот изолиран диктатор со сета сила се бори против сигурната пропаст.
Повеќе од 75 илјади луѓе во изминатите денови преминаа преку либиско-туниската граница. Сите тие мораа да го минат патот меѓу Триполи и пограничното место Рас Џедир, 250 опасни километри на кои пакостат силите верни на Гадафи, полицајци и вооружени банди. Бегалците постојано се ограбувани, но без оглед на се’, овој пат останува единствениот излез од хаосот.
Многу бегалци од бегалскиот камп во Рас Џедир, со помош на хуманитарните организации, стигнаа и до 200 километри оддалечената Ѓерба и за да биде парадоксот поголем - со туристички автобуси со шарени натписи „Јасмин турс“ или „Саншајн Травел“. Во нормални времиња, во овие автобуси се возат Европејците желни за одмор, но сега преку прозорците внатре во нив се гледаат измачените лица на луѓе кои зад себе оставиле страотни моменти.
Автор: Мартин Дурм / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска