Можеше ли да се предвиди невремето во Скопје?
10 август 2016 Три дена по големото невреме кое го зафати Скопје и однесе 22 човечки животи Управата за хидрометеоролошки работи се јави со соопштение во кое тврди дека катастрофата била досега незабележена во архивите на Управата.
„Појдовни услови за формирање и развој на овој тип на невреме се продорот на ладен воздух во областа на Џеновскиот залив, формирање на висински циклон и придружни фронтални бранови, кои постепено се поместуваа преку централните делови на Апенинскиот Полуостров и централен Јадран, и кои беа следени и најавувани во дневните прогнози од 3-ти,4-ти,5-ти до 6 август со потенцирање за случување на дестабилизирање на атмосферата во (сабота) 6 август“, се наведува во соопштението.
На социјалните мрежи пак, актуелни се снимките од прогнозата која УХМР ја давала преку националните телевизии попладнето и вечерта на 6 август, кога се случи невремето. Во нив нема ни збор предупредување за невремето кое му се случи на Скопје.
Универзитетскиот професор по кризен менаџмент и цивилна заштита, Марина Митревска за ДВ вели дека во кризата затаиле повеќе институции.
„Затаија во Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи кои треба да се во постојани контакти. Ако обиколницата е критична, зошто не ја затворија, зошто не предупредија, па таму имаше најмногу жртви. Постојано се зборува дека има инструменти, подготвени активности, превенција и рано предупредување. Зарем никој не знаел дека во тоа кризно место има несредени канали, одводи, каде е тука системот за кој ние секојдневно обезбедуваме пари за тој да работи и да биде функционален“, вели Митревска.
Во меѓувреме, Автомотосојузот на Македонија информираше дека обиколницата Скопје од вчера попладне е повторно пуштена за сообраќај во двата правца, но со предупредување дека делови од коловозот се оштетени.