Вооружените сили на Ерменија и на Азербејџан војуваат веќе десетина дена. Меѓутоа во конфликтот околу Нагорно-Карабах се вклучени и други држави со различни интереси.
Реклама
Десетина дена по разгорувањето на борбите во јужен Кавказ, нема назнаки дека тие наскоро би можеле да згаснат: завојуваните страни Ерменија и Азербејџан се решени да сторат сѐ, неколку стотици војници и цивили веќе се убиени од двете страни. Министерот за одбрана на Азербејџан, Закир Хасанов во вторникот нареди да продолжи „насоченото и консеквентно уништување на непријателските сили“.
„Динамиката на конфликтот едноставно стана толку опасна што нема да биде лесно за надворешните актери да му стават крај на овој конфликт“, вели Штефан Мајстер. Тој е на чело на канцеларијата на германската фондација „Хајнрих Бол“ во Тбилиси, главниот град на соседна Грузија, и е соработник на Германското друштво за надворешна политика. Мајстер не очекува борбите да завршат наскоро, едноставно поради загубите на двете страни и поради првичните територијални придобивки за Азербејџан: „Стравот е всушност дека ова ќе се претвори во поголема војна што ќе ги погоди не само Нагорно-Карабах и провинциите окупирани од Ерменија“.
За што станува збор?
Конфликтот околу регионот Нагорно-Карабах тлее уште од распадот на Советскиот Сојуз - двете противнички страни веќе еднаш водеа војна на почетокот на 90-тите години, а оттогаш секогаш одново се случуваат инциденти. Нагорно-Карабах е во Азербејџан, кој се повикува на принципот на територијален интегритет. Меѓутоа, во Нагорно-Карабах мнозинството жители се Ерменци, поради што Ерменија инсистира на самоопределување на населението. Делови од Нагорно-Карабах прогласија независност во 1991 година, но ниту една држава во светот не го признава тоа, па дури ни Ерменија.
Во суштина, станува збор за конфликт меѓу две завојувани соседни земји. Но, Азербејџан настапува сѐ посамоуверено, бидејќи соседна Турција засилено застанува на страната на владата во Баку. Една од причините за ова е големата етничка и културолошка сличност меѓу овие две земји во кои се зборува турски и кои се придржуваат до принципот „една нација, две држави“.
Патот на Турција кон авторитарност
Преминот на Турција кон авторитарност е во тек веќе 10 години. Но, по неуспешниот воен пуч во 2016 година, претседателот Ердоган и АКП ја забрзаа консолидацијата на власта.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
Јули 2007: Абдула Ѓул станува прв исламистички претседател
По повеќегодишни реформи на пазарната економија, транзицијата на Турција полека почнува да оди наназад. Кандидатурата на исламистот Абдула Ѓул за претседател во 2007 сигнализира напуштање на секуларистичката политика и ги затегнува односите меѓу АКП и армијата. Сепак, со широка поддршка на исламистите и либералите, Ѓул е избран за претседател, а АКП победува на парламентарните избори.
Фотографија: A.Kisbenede/AFP/GettyImages
Септември 2010: Уставни реформи
Тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган предлага уставни измени за зголемена контрола над правосудството и армијата, овозможувајќи и на владата да бира судии и високи воени офицери. Амандманот, комбиниран со мерки за заштита на децата и засилување на правото на жалба, е одобрен со големо мнозинство на референдум.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tumer
Мај 2013: Ерупција на незадоволство во Гези Парк
Насобраниот гнев на младите луѓе кон Ердоган, Ѓул и исламистичката АКП достигнува точка на вриење во мај 2013. Насилното полициско расчистување на мал собир за заштита на Гези Парк предизвикува масовни анти-владини протести. Најмалку 11 луѓе загинаа, а повеќе од 8.000 се повредени, пред демонстрациите да згаснат еден месец подоцна.
Фотографија: picture-alliance/abaca
Јули 2015: Офанзива против Курдите
Нестабилното примирје меѓу турската влада и курдската бунтовничка ПКК се распаѓа поради тензиите кои ги создава војната во Сирија. Воените сили ги продолжуваат операциите во југоисточниот дел на Турција против Курдите. На почетокот на 2016, групација на ПКК ја презема одговорноста за два бомбашки напади во Анкара во кои гинат речиси 80 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/abaca/M. Coban
Јули 2016: Неуспешен воен пуч
Воен удар против владата до темел ја потресува Турција и накусо ја претвора земјата во воена зона. Околу 260 цивили ги загубија животите во ноќните судири со армијата во пет големи градови. Ердоган ги повикува своите поддржувачи на отпор, и веќе следното утро војници се во заседа на илјадници цивили на мостот Босфор, каде и се предаваат.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Bozoglu
Јули 2016: Ердоган воведува вонредна состојба
По неуспехот на пучот, Ердоган воведува вонредна состојба. Се апсат десетици илјади луѓе осомничени за учество во пучот, но и политички противници. Меѓу уапсените се воени и судски функционери и избрани претставници на про-курдската ХДП партија. Чистчката подоцна опфаќа и јавни службеници, универзитетски професори и учители.
Фотографија: Reuters/U. Bektas
2016: Задушување на медиумите
Како дел од пресметката на Ердоган со наводните „поддржувачи на тероризмот“, Турција станува една од водечките земји во светот по бројот на уапсени новинари.Владата затвора околу 110 медиуми по пучот и затвора повеќе од 100 новинари, меѓу нив и Германецот со турско потекло Денис Јуџел.
Фотографија: Getty Images/S.Gallup
Април 2017: Ердоган победува на референдум
Ердоган тесно успева да победи на референдумот на кој се гласа за проширување на неговата моќ. Турскиот парламентарен систем практично се напушта во корист на силна егзекутивна власт. Ердоган добива можност да владее до 2029 година. Меѓународните набљудувачи велат дека на гласањето имало неправилности, а медиумската кампања во целост била во корист на кампањата на Ердоган.
Фотографија: Reuters/M. Sezer
Јуни 2018: Нова изборна победа на Ердоган
Ердоган си обезбедува нов петгодишен мандат и огромни извршни надлежности откако убедливо победува на изборите на 24 јуни. Неговата АКП и нивните националистички партнери добиваат убедливо мнозинство во парламентот. Меѓународните набљудувачи го критикуваат гласањето, со оценка дека медиумското покривање и вонредната состојба му дале огромна предност на Ердоган.
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Weiken
9 фотографии1 | 9
Меѓутоа, Турција со години се обидува сопственото снабдување со енергија да го направи што понезависно од рускиот природен гас - преку ангажман во Либија, истражувања во источниот Медитеран и големи зделки со партнерите во Баку. Важи за сигурно дека Турција дури и регрутирала платеници во Сирија за поддршка на Баку.
Каква улога игра Русија?
Од гледна точка на Москва, ситуацијата е особено комплицирана: Русија одржува врски со двете поранешни советски републики, но оние со Ерменија се многу поинтензивни. Ги снабдува двете страни во конфликтот со руско оружје - но Ереван плаќа повластена цена. Русија има воена база во вториот по големина град на Ерменија, Ѓумри.
„Русија игра многу проблематична улога во овој конфликт, затоа што го користи за да ги задржи двете земји зависни од себе“, вели Мајстер во интервју за ДВ. Но, таа всушност не е заштитничка сила на Ерменија: „Ерменците навистина не се чувствуваат безбедно, но повеќе владее чувство дека Русија игра со двајцата актери. Исто така, гледаме релативно слаба руска реакција, додека Турција воено масивно интервенира во полза на Азербејџан во овој конфликт “.
Владимир Путин: Патот до моќта
Владимир Путин е избран за претседател на Русија во четвртиот мандат. Поглед кон подемот на Путин од нискорангиран агент на КГБ до незапирлива политичка сила.
Фотографија: Reuters/D. Mdzinarishvili
Кадет на КГБ
Роден во Санкт Петербург во 1952, Путин се пријави во советската раразузнувачка служба КГБ веднаш по завршувањето на правниот факултет во 1975. Негова прва задача бил надзорот на странски државјани и вработени во конзулатите во родниот град, тогаш со името Ленининград Потоа замина на служба во Дрезден, источна Германија. Тој наводно запалил стотици документи на КГБ по падот на Берлинскиот ѕид.
Лево на фотографијата, младиот Путин стои до тогашниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатоли Собчак. Тој му беше професор на Путин и го назначи за свој советник за меѓународни прашања. И покрај корупцискиот скандал на почетокот од службата, Путин не ја загуби работата, токму поради пријателството со Собчак.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Метеорски подем
Путин набргу се префрли во Москва. Во 1997 рускиот претседател Борис Елцин му додели среднорангирана функција во неговата администрација- позиција која Путин ќе ја искористи за да создаде важни политички пријателства, кои ќе му бидат од полза во наредните децении.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Смртта на пријателот
Путин беше длабоко потресен од смртта на Собчак во 2000 година. Откако ученикот политички го надмина својот учител, Собчак стана гласен поддржувал на кандидатурата на Путин за претседател на Русија. Една година претходно, Путин ги искористи своите врски за да бидат отфрлени обвинувањата против Собчак за проневера.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov
Привремен претседател
Во јуни 2000 година, Борис Елцин поднесе оставка, отстапувајќу му на премиерот да стане привремен лидер на државата. За време на успешната претседателска кампања, повторно излегоа на површина обвинувањата за корупција против Путин од времето на неговата служба во Санкт Петербург. Марина Салје, пратеничката која ги изнесе обвинувањата, беше замолчена и принудена да го напушти градот.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Тандемократија
Кога Путин уставно беше спречен да се кандидира за трет последователен мандат во 2008 година, премиерот Дмитри Медведев се кандидираше на негово место. Кога Медведев беше избран, тој го назначи Путин за премиер. Тоа доведе до критики за „тандемократија“ во Москва и многумина беа убедени дека Медведев е марионета на Путин.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Победа
Во март 2018 година, Владимир Путин е избран за руски претседател во четврти мандат. Путин ќе биде на власт и во наредните шест години, со оглед дека претседателскиот мандат претходно беше продолжен на шест години. Избоrите беа засенети од обвинувањата за нерегуларности и манипулации, како и од фактот дека немаше вистинска опозиција на Путин.
Фотографија: Reuters/D. Mdzinarishvili
7 фотографии1 | 7
Каде би можеле да започнат преговорите?
Ханс-Јоахим Шпангер од Хесенската фондација за истражување на мирот и конфликтите, исто така смета дека Русија има интерес во неизвесност која ги врзува двете страни со Москва - Азербејџан преку испорака на оружје, Ерменија преку пакт за помош. Како и да е, Москва неколкупати во минатото играше најактивна улога во преговорите. Сепак, Шпангер верува дека е целосно можно руската воена поддршка за Азербејџан да пресуши во натамошниот тек на конфликтот: „ Можно е и Турција да е заинтересирана само за кратка инвазија“, изјави Шпангер за ДВ.
Од гледна точка на ЕУ, која сака да издејствува прекин на огнот во источното соседство, според Шпангер, би можело да има совршена смисла да се преговара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за неговиот ангажман во јужен Кавказ. Шпангер исто така смета дека Германија, како сегашен претседател на Советот на ЕУ, може да постигне нешто преку неофицијални преговори со спротивставените страни: Во 2008 година, Франција под тогашниот претседател Никола Саркози, преговараше за прекин на огнот во грузиската војна за време на неговото претседателство со Советот на ЕУ. Во сегашниот случај, Меркел веќе им се јави на шефовите на влади во обете земји, но, според Шпангер, тоа не е доволно.
Кој би можел да посредува?
Со оглед на тоа што во Франција живеат многу Ерменци во егзил, од азербејџанска гледна точка оваа земја тешко дека овојпат може биде неутрален посредник.
Според Штефан Мајстер, и ЕУ тешко може да изврши некакво влијание врз Ерменија и Азербејџан: „Поради безбедносни прашања, ЕУ се држи целосно настрана“, вели Мајстер. Двете земји се дел од источното партнерство на Унијата, но со нив нема договори за асоцијација како оној со Украина - што би значело поголема финансиска поддршка. „Самиот јужен Кавказ е повеќе маргинален регион од перспектива на Брисел или на повеќето земји-членки“, проценува Мејстер, особено затоа што многу внимание веќе е насочено кон ситуацијата во Белорусија, случајот со труење со Навални или новиот конфликт во Киргистан.
Таканаречената Минск-група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со која претседаваат Русија, Франција и САД, се смета за влијателно тело. Министрите за надворешни работи на трите земји издадоа заедничка декларација во која се повикува на „итен и безусловен прекин на огнот“. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу веднаш ги обвини дека немаат идеи за решение на конфликтот.
Заедничкиот сосед Грузија, од друга страна, има многу добри односи со двете страни. Тбилиси се понуди да посредува неколкупати. „Но, Грузија тука не е одлучувачки играч“, вели Штефан Мајстер: „Едноставно, не е доволно силна за да преземе таква улога“.
Што е со Иран?
Со Кавказ, меѓутоа, граничи и регионалната сила Иран - која е поблиска до Ерменија отколку до Азербејџан, кој пак купува оружје од иранскиот непријател Израел. Според извештаите на Азербејџан, најмалку една граната веќе ја погодила иранската територија за време на борбите на југот на Нагорно-Карабах. „Иран е многу, многу скептичен во однос на турскиот ангажман и на промената на моќта во регионот“, вели Штефан Мајстер. Од иранска гледна точка, исто така, би било опасно ако конфликтот се прошири на соседните земји - многу Азербејџанци живеат на иранската страна на границата.