1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја врати Македонија од Виена?

Катерина Блажевска19 април 2016

Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски, во 2010 година тврдеше дека Македонија на патот кон ЕУ стигнала до Виена. Шест години потоа, во Виена ја чека само преговарачката маса

Фотографија: picture-alliance/AA/I. Nikolovski

Ќе одат ли лидерите на партиската четворка на преговори во Виена и под кои услови? Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го потврди своето присуство на зелената маса без дополнителни образложенија, а во опозицијата за тоа ќе се изјаснат по внетрепартиските и по консултациите со граѓанските организии. Политичари предупредуваат дека не треба да се прифаќаат преговори, кои ДПМНЕ повторно ќе ги претвори во тоалетна хартија, како многу пати досега.

„Претходните искуства покажуваат дека не треба да се оди на преговори без претходно исполнети услови, како гаранции за она што потоа ќе се разговара или решава таму“, вели поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„Лидерот на СДСМ не би требало да оди на преговори, без претходно да биде исполнет минимален пакет од предуслови. Прво, да се повлече одлуката на Иванов за аболиција. Второ, да се одложат изборите до создавањето услови за нивно одржување. Трето, четирите партии да побараат оставка од Иванов, и четврто - сите партии да дадат безусловна и целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство. Иако има и други, ова се тие четири минимум услови без чие претходно исполнување нема никаква логика да се оди во Виена, бидејќи ќе има само штета. Како ќе разговараш и ќе правиш компромис со некој што ја контролира целата држава?“, дециден е Андов.

Нови услови синоќа испорачаа и граѓанските организации обединети во здружението #Протестирам. Покрај досегашните три (повлекување на одлуката за аболиција, оставка на Иванов и одложување на изборите), тие поставија уште четири нови барања: пред да почнат какви било преговори меѓу четирите партии, Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Законот за специјалното обвинителство; да се формира судско одделение кое ќе ги процесуира предметите на СЈО; да се формира преодна влада која ќе ги спроведе итните реформски приоритети и заостанатите обврски од пржинскиот договор; и граѓанските организации да бидат вклучени во официјалните преговори за излез од кризата.

Со слични барања денеска се огласи и Фронтот за демократска Македонија. Од ФРОДЕМ прашуваат зошто по повеќе од една година, на посредниците на ЕУ и САД не им е јасно дека политички партии и лидери кои придонесоа за најголемата уставна, политичка и економска криза во историјата на Република Македонија, не можат повторно да се јавуваат во улога на нејзини спасители. Тие од претставници на ЕУ и САД бараат во преговорите во Виена да бидат вклучени и претставници на граѓанските организации и асоцијации, вклучително и на ФРОДЕМ и други, движења и фракции за демократизација. Барањата на ФРОДЕМ се речиси идентични со барањата на граѓанските организации, со единствена разлика што Фронтот се залага за формирање техничка влада која „на крајот на месец септември ќе спроведе фер, демократски и регуларни парламентарни и претседателски избори.

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Нервоза во ДПМНЕ

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ која потврди дека ќе присуствува на средбата во Виена, засега нема никакви одговори или коментари на ваквите барања. Ноќеска доцна во партијата се одржувале консултации околу претстојното враќање на преговарачка маса, по бројните меѓународни предупредувања дека земјата ќе се соочи со меѓународна изолација и економска дестабилизација.

Неофицијално, партијата барала модалитети како да ја симне од себе етикетата на мотиватор на аболицијата, и како да ја избие како аргумент против изборите од рацете на опозицијата, непосредно пред новата преговарачка средба. Притоа, се барале правни совети за „заобиколни начини“ преку кои одлуката може да се релативизира, а без да мора да биде повлечена од претседателот. Според правни експерти, тоа никако не може да се реши преку индивидуални барања за изземање од даденото помилување, какви што досега стигнаа од неколку лица, бидејќи одлуката мора да биде повлечена во целост. Особено, што индикативен е фактот дека барање за изземање од одлуката на претседателот досега не доставија најблиските соработници и поранешни министри во кабинетот на Груевски - Гордана Јанкулоска, Миле Јанкиески и неколку други, кои предничат по бројот на кривични постапки за кои добија помилување.

Според партиски извори, во ДПМНЕ вледее голема нервоза и разногласие по ова прашање. Дел од раководството се залагало „да се оди бескомпромисно до крај во конечна пресметка и да не се дозволи поради неколку 'гангстери од опозицијата' да ја изгубат власта. Други, пак, се залагале „сега да се игра мудро и одмерено, за да се избегнат евентуални санкции, а потоа повторно ќе ги земат работите во свои раце“.

Во кабинетот на Иванов молчат околу неговите наредни чекори, но според партиски извори тој е во многу деликатна ситуација откако најави дека нема да ја повлече одлуката, а сега е повикан да го стори спротивното. Од неговото натамошно постапување целосно ќе зависи развојот на настаните, а од партијата велат дека секој негов потег мора да биде договорен, усогласен и одобрен од ВМРО-ДПМНЕ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Што „беседеше“ Наумовски?

Ако се погледне хронологијата на македонските заложби за евроинтеграции, кои сега се во целосен застој поради политичката и правната криза, изјавата на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски, кој денес е амбасадор во САД, најилустративо покажува колку Македонија назадувала на тој пат, под водство на владите на Никола Груевски.

„Ако патот кон Европската Унија го претставиме како едно патување од Скопје до Брисел, Република Македонија во 2009 стигнала до Будимпешта, а во 2010 до Виена. Ниту останала во Будимпешта, ниту се вратила во Белград. Продолжила да се движи кон Брисел“.

Вака во 2010 година, тогашниот вицепремиер за европски прашања, Васко Наумовски, симболично го опиша напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.

Шест години подоцна, Македонија се уште е многу далеку од Виена. Таму засега се очекува да стигнат само лидерите на четирите најголеми партии, но не за да одбележат нов напредок кон Брисел, туку да бараат решенија како да ја вратат на колосек земјата која се уште се наоѓа на старната позиција и нема поминато ниту еден километар напред.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми