1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ја шпионира полската опозиција?

Јацек Лепјарц
5 јануари 2022

Опозициски политичари и една критичка јавна обвинителка се шпионирани со помош на израелскиот шпионски софтвер „Пегаз.“ Но, владата и државниот обвинител покажуваат мал интерес за расветлување на случајот.

Illustration | Website der NSO Gruppe - Pegasus Software
Фотографија: JOEL SAGET/AFP/Getty Images

Кога меѓународниот новинарски исвестигативен тим ги објави резултатите од истражувањето за злоупотребите на шпионскиот софтвер  „Пегаз"  („Пегасус") против политичари, новинари и активисти за човекови права во јули 2021 година, само една земја од ЕУ беше обвинета заедно со автократски држави во Азија и Африка, како Азербејџан, Судиска Арабија, Руанда и Мароко: Унгарија.

Но сега, шест месеци подоцна, на виделина излегуваат информации кои укажуваат дека и полската владејачка конзервативна партија Право и правда, ПиС, која во Виктор Орбан гледа некој урнек, одела паралелно со својот унгарски сојузник и на ова поле. Кржиштоф Брејза, водечки политичар на либералната опозициска партија Граѓанска платформа, ПО, објави непосредно пред Божик дека неговиот смартфон е хакиран 33 пати меѓу јуни и август 2019 година.

Во тоа време Брејза го предводеше предизборниот штаб на својата партија за парламентарните избори на 13 октомври 2019 година, а полската државна телевизија ТВП објави манипулирани меилови кои требаше да докажат дека тој води кампања на омраза кон своите политички противници. „Ова не е случајно“, сигурен е 38-годишниот политичар. Всушност, електронските пораки се незаконски украдени од неговиот телефон, а потоа променети.

Брејза не е единствена жртва на хакерски напади. Роман Гиртч, бивш министер за внатрешни работи и адвокат во блиски односи со либералната опозиција, се жали на 18 напади на неговиот паметен мобилен телефон. А на телефонот на државната обвинителка Ева Врзосек, која се судри со владата поради некои спорни изборни постапки и која е активна во адвокатското здружение „Лекс супер омниа“, критички настроено кон власта, се откриени траги од шест напади меѓу јули и август 2021 година.

Трагите на „Пегаз“

Шпионскиот софтвер  „Пегаз“  е производ на израелската фирма НСО. Им се продава на државите во светот наводно заради борба против тероризам и организиран криминал. Програмата може да шпионира Ајфони и Андроид смартфони во реално време, да снима разговори, да чита податоци за локацијата и тајно да ја активира камерата. Информатичкте експерти велат дека нема одбрана од овој вид шпионски софтвер.

Брејза за шпионските напади дознал од извештај на новинската агенција АП, додека Врзосек ја предупредил Епл. Канадската истражувачка група Ситизен Лаб од Универзиттеот во Торонто ги потврди сите случаи.

Со оглед на последните откритија, полската опозиција сега зборува за „полски Вотергејт“ и повикува на формирање парламентарна истражна комисија – можно е користењето на  „Пегаз“  да влијаело врз изборните резултати.

Владата нема поим

Но, во владејачката партија ПиС се оградуваат од секакви сомнежи. „Не знам каква комисија сакате“, изјави заменикот министер за правосудство Михал Вос на прашањата на новинарите. Нагласи дека министерот за правда и државниот обвинител Збигњев Зиобро исто така не знаел за незаконито прислушкување.

Брејза вели дека му се украдени и манипулирани меилови од телефонотФотографија: Rafa³ Guz/PAP//picture alliance

Всушност, обвинителството покажува мал интерес за случајот. Адвокатот на Брејза поднесол кривична пријава, чека на одговор. Во случајот на Врзосек, отворањето постапка е одбиено поради недоволен почетен сомнеж.

Премиерот Матеуш Моравјецки дури навести дека е можно шпионските операции да ги воделе странски тајни служби, „кои во светот ги има во голем број".

Договор на највисоко ниво

Но, ситуацијата за владата станува сѐ попроблематична. Полека на виделина излегуваат документи кои сѐ повеќе ги расветлуваат случаите. Така на пример лево-либералниот весник „Газета Виборшча“ објави дека Виктор Орбан, тогашната полска премиерка Беата Шидло и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состанале во Будимпешта во јули 2017 година и тогаш наводно е донесена одлука за купување на софтверот „Пегаз“.

За да се прикрие договорот, сметката од 25 милиони злоти не е платена од сметката на Централното тело за борба против корупција, ЦБА, што би било логично ако се работело за инструмент за борба против организиран криинал, туку од Фондот за помош на жртвите на злосторства, подредено на Министерството за правосудство.

За да се овозможи тоа, статусот на Фондот морало да биде променет во парламентот. Заменикот министер за правосудство Вос поднесол барање до Одборот за финансии. Како што наведува „Газета Виборшча“, на пратениците не им е кажано дека станува збор за пари за купување шпионски софтвер. 

Нов софтвер за прислушкување

Израел наводно го редуцирал бројот на држави кои смеат да користат „Пегаз“ од преку 100 на 37. Меѓу земјите на кои им е одземена дозволата се Полска и Унгарија. Полската опозиција меѓутоа се сомнева дека тоа ќе стави крај на шпионирањето.

„Во следните денови ќе ги дознаеме точните имиња и телефонски броеви на луѓето кои биле шпионирани“, вели Грегорж Шетина, соосновач на ПО и бивш министер за внатрешни работи.

Но тука не е крајот: угледниот експерт за безбедност Пјотр Њемчук истакнува дека израелската фирма Сајтрокс, регистрирана во  Северна Македонија,  веќе нуди алтернатива за „Пегаз“ со својата програма „Предатор“.

Во меѓувреме, претседателот на ПиС и потпретседател на владата, Јарослав Качински на сите кои се плашат од прислушкување, половина на шега им порача: „Ви советувам да користите мобилен телефон како мојот, стар, но наводно со него можете и да сликате, ако притиснете вистинско копче“, изјави Качински, познат по недовербата кон модерните пронајдоци.

 

Јацек Лепјарц Новинар во полската редакција со фокус на германско-полски теми.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми