1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе биде „шеф“ на Балканот – Турција или Германија?

31 август 2011

Покрај пораките на Ахмет Давутоглу за заедничкиот животен простор и просперитет на Балканот, во Република Српска постои сомнеж поради влијанието на оваа евроазиска земја.

Давутоглу предлага земјите од Балканот да настапуваат со исти позиции, како заеднички блок во ОНФотографија: picture-alliance/dpa

Аналитичарите потсетуваат дека не е само Турција заинтересирана за Балканот.

„Турција сака да помогне во создавањето простор на заеднички живот во регионот“ – ова е основната порака на турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу, кој престојува во повеќедневна посета на балканските земји. „Секоја криза може да се реши со дијалог и тоа е принцип во турската политика кон соседите и балканските земји, со кои Турција е поврзана преку историјата“, рече шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу за време на посетата на Сараево.

„Најважно е да креираме нова визија за регионот, а првото прашање за Србите, Албанците, Босанците и Хрватите е каков регион сакаме во иднина? Дали сакаме кризи и војни, сакаме ли Балканот и понатаму да биде жртва на глобализацијата, или ќе имаме нова визија“, изјави шефот на турската дипломатија.

Појаснувајќи ја турската визија за балканската перспектива, Давутоглу нагласи дека сите земји од ова подрачје во ОН треба да функционираат како своевиден балкански блок, кој ќе има заедничка платформа и ќе застапува исти позиции.

Кој кого поддржува на Балканот?

На аналитичарите не пропуштија да ја забележат разликата во настапите на германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу.

Босанските аналитичари сметаат дека интерес на Балканот има и ГерманијаФотографија: dapd

„Меркел на Балканот дојде да подели лекции, а Давутоглу да моли за мир во регионот“, изјави поранешниот босански дипломат, Хајрудин Сомун. Меѓутоа, опозициониот лидер од Република Српска, Младен Иваниќ, не смета дека има суштински разлики во настапите на Меркел и Давутоглу. За Иваниќ е логично што по неуспехот на берлинските разговори, германската канцеларка го заобиколи Сараево во текот на неодамнешната посета на Балканот.

„Мислам дека Турција и поради внатрешни прашања има причина да биде поприсутна во Босна и Херцеговина, а Германија го нема тоа во толкава мера. Германската канцеларка не беше надмена, туку многу реална и коректна, сместувајќи ја Босна и Херцеговина таму каде што и‘ е местото“, рече Иваниќ. Иако пораките на Меркел предизвикаа негативни реакции во Србија и во босанско-херцеговачкиот ентитет Република Српска, во Бања Лука немаат толку задршка кон германското, колку што имаат кон турското влијание на Балканот. Раководството на Република Српска смета дека „Турција е навивачки расположена и дека ги поддржува Босанците“.

Младен Иваниќ: „Турција нема да биде регионална сила без поддршка од Србија“

И лидерот на Партијата на демократскиот прогрес, Младен Иваниќ верува дека „Турција се обидува да се наметне како некој вид заштитник на Босанците во Босна и Херцеговина“, при што својата позиција во регионот ја гради со помош на други земји.

Турција не може да биде регионална сила без поддршка од СрбијаФотографија: AP

„Турција нема да биде регионална сила без поддршка од Србија. Очигледно е постоењето на силни економски фактори, бидејќи турската економија се развива, напредува и Турција ќе биде незаобиколна во регионалните процеси“, вели Иваниќ.

Во Босна и Херцеговина често се полемизира за тоа која моќна сила застапува интереси на еден, втор или трет конститутивен народ. Директорот на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии, Зијад Беќировиќ, потсетува дека со ангажманот во регионот, големите сили ги „застапуваат своите, а не интересите на Хрватите, Србите или Босанците“.

„Секако, целта им е стабилен Балкан и промоција на сопствената економија. Германија, Турција, Русија или некои други држави, пред се‘ водат сметка за своите интереси и многу е значајно политичките елити во Босна и Херцеговина да почнат да се грижат за интересите на граѓаните“, вели Беќировиќ.

Аналитичарите потсетуваат дека речиси зади секоја политичка одлука стојат првенствено економски причини, како и дека во тој контекст треба да се набљудува и евентуалното ривалство помеѓу големите сили за лидерската позиција во овој дел од светот.

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми