1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го гради ѕидот меѓу САД и Мексико?

Николас Мартин
6 март 2017

Од денеска фирми од цел свет можат да конкурираат за „зделката на столетието“. Доналд Трамп сака да изгради ѕид кон Мексико и тоа во најбрз можен рок. Потенцијалните извршители на работата се во натпреварувачка „треска“.

Grenze Mexiko USA Grenzzaun Mauer Zaun Menschen Symbolbild
Фотографија: Getty Images/J. Moore

„Никој не гради ѕидови подобро од мене“, изјави Доналд Трамп во предизборната кампања, во свој познат стил. Очигледно, како претседател реши да го одржи предизборното ветување, кое на некој начин се искристализира во еден од најважните елементи на неговата политика.

Од денеска, 6 март, заинтересираните изведувачи можат преку интернет страницата на Министерството за државна безбедност, во чија надлежност е чувањето на границите, да ги испраќаат своите идејни решенија за овој политичко-градежен проект на векот. Веќе следиот месец би требало да биде избран и изведувачот, зашто време нема на претек - новиот претседател вети дека ѕидот ќе биде готов за две години. Едно е уште сега (речиси) сигурно: тоа ќе биде ѕид, а не ограда, околу што досега се шпекулираше. Единствено недефинирана е неговата висина, визијата на Трамп досега се движеше меѓу 10 и 30 метри. Понудувачи има на претек. Како што пренесува СиЕнЕн, досега интерес за вносната зделка пројавиле околу 300 претпријатија. Единствено меѓународните концерни се држат понастрана од овој проект и тоа од страв дека учеството во овој спорен симбол на Трамповата изолационистичка политика може да им наштети на други пазари.

Прежежок залак

Од германските фирми, градежниот гигант Хехст брзо се повлече по невнимателните изјави од раководството дека се „размислува за учество на конкурсот“. И германскиот градежен гигант Хајделберг Цемент во меѓувреме не сака никаква врска со новиот американско-мексикански граничен ѕид. Имено, веднаш по победата на Трамп, шефот на Хајделберг Цемент, Бернд Шајфеле сигнализираше можност неговата фирма, со погони „ на теренот“, во Тексас и Аризона, веднаш да влезе во проектот. Подоцна, на прашање од Дојче веле, овие изјави се демантирани. „Одлуката треба да ја донесе американскиот менаџмент на претпријатието“, порачаа од Хајделберг. Демант сепак звучи малку поинаку.

Огромни трошоци за одржување - песокот би го затрупал ѕидот без постојани интервенцииФотографија: Getty Images/J. Moore

Мексикански цемент за антимексикански ѕид?

Слична индиректна реакција стигна и од управата на најголемиот светски производител на градежен материјал, ЛафаргХолцим. На директно прашање за интерес во изградбата на „Трамповиот ѕид“, швајцарската фирма одговори дека сака „да учествува во сите решавачки инфраструктурни проекти во САД“. Ништо конкретно околу ѕидот, само забелешка дека Министерството за државна безбедност е на листата на постојани муштерии на ЛафаргХолцим. Занимливо е што единствената глобална фирма која отворено покажа интерес е токму мексиканскиот цементен џин Цемекс. „Кога некој нѐ прашува за цената, ние радо испраќаме понуда“, изјави неодредено директорот на Цемекс, Рогелио Замбрано за дневникот „Реформа“.

Непредвидливи трошоци

Но, за ѕидот не е потребен само цемент. Стражарски кули, бодликава жица, инфрацрвени камери, дронови- листата на опрема е долга. И скапа. Трамп зборува за 10 милијарди, експертите од економскиот институт Бернштајн за најмалку 15 до 25 милијарди долари. И тоа во случај ѕидот да биде висок „само“ 12 метри. Стручњаците, поради високите температири, препорачуваат вградување модули слични на оние кои ги делат деловите од палестинските подрачја од Израел.

Но, ѕидот не треба да се гради по цела должина. Уште Бил Клинтон на делови од границата на западниот брег подигна ограда. Со градење продолжи неговиот наследник, Џорџ Буш. Досега се изградени вкупно 1.100 километри, кои „проголтаа“ околу седум милијарди долари. Трасата која Трамп има намера да ја гради е многу покомплицирана, зашто поминува низ тешко проодни терени. Кога ѕидот еден ден ќе биде готов, долж него ќе патролираат 26.000 (!) погранични полицајци, 5.000 повеќе отколку сега. А сето тоа чини пари. 

Латиноамерикански бегалци се обидуваат да ја прескокнат оградатаФотографија: Getty Images/S.Olson

Сепак „само ограда“

Да се прашува Доналд Трамп, овие неверојатни суми би требало да ги платат самите Мексиканци,што се разбира, беше одбиено. Новиот американски претседател тоа и го очекуваше, па најави воведување посебен данок на дознаките кои Мексиканците од САД ги испраќаат на роднините во Мексико.

Се чини, на крајот мамутскиот ѕид сепак ќе го платат американските даночни обврзници. Засега тоа се продава како „привремена мерка“. „Градбата прво ќе ја финансира Конгресот“, изјави портпаролот на Претставничкиот дом, Пол Рајан. Кој ќе ја надомести таа сума, засега е непознато. Самиот министер за државна безбедност, Џон Кели, веќе не зборува за ѕид, туку за „физичка бариера“. Значи, можеби сепак поевтина ограда од челични столбови? Трамп и онака веројатно би се обидел да извлече корист и од овој пораз и сето тоа скапо да го продаде како добробит кон американската индустрија за челик, на која во предизборната кампања ѝ вети илјадници нови работни места.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми