1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го прави автомобилот на иднината?

Хенрик Беме/З. Јордановски17 септември 2015

Автомобили кои сами возат произведуваат не само автомобилските концерни, туку и гигантите од ИТ-браншата и час кооперираат, час си конкурираат. Тоа е мега-тема на ИАА. Кој ќе ја добие трката?

Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Гугл нема свој штанд и не е официјален учесник на саемот на автомобили во Франкфурт (ИАА). Но, уште спроти саемот предизвика возбудувања со најавата дека ќе ја презентира својата визија за мобилната иднина. На една од манифестациите на саемот шефот на Гугл за Германија Филип Јустус рече дека „Гугл не е и нема намера да биде производител на автомобили“, туку само сакал да биде партнер на автомобилската индустрија. А тоа, всушност, веќе и е - формира алијанса со 35 производители, за во автомобилите да се примени андроид - оперативниот систем на смартфоните.

„Голема револуција“

Што би значело тоа за производителите на автомобили? Автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер од универзитетот Дуизбург-Есен смета дека е тоа почеток на „една голема револуција“ и сите кои нема да се престројат во таа смисла „со голема веројатност ќе загубат“. Тој потсети дека кога започна ерата на локомотиви на електричен погон не преживеа ниту еден производител на локомотиви на погон на пареа.

Ново концептно возило на МерцедесФотографија: Getty Images/AFP/D. Roland

Вмрежена мобилност, автономно возење

Мерцедес и Ауди, на пример, брзо реагираа на новиот тренд. Концепт-автомобилите, кои сами се управуваат или се вмрежени, што претходно ги изложуваа и на Консјумер електроник шоу во Лас Вегас, тие ги прикажуват и во Франкфурт, каде една хала е посветена на „Новиот свет на мобилноста“. А таму станува видлив проблемот - во фокусот не се возилата, туку ИТ-решенијата за мобилност на иднината. Значи, сепак борба меѓу Гугл и Ејпл против производителите на автомобили?
„Тоа би било погрешно“, вели за ДВ Улрих Хакенберг, шеф за развој на Ауди. „Ние соработуваме оти нашите муштерии сакаат да ја имаат во автомобилот таа вмреженост“. Има соработка на некои полиња, но и области „во кои ние одиме сами по свој пат, во конкурентски натпревар. Тоа го заживува бизнисот, дава поттик“.
Така аргументираат и во Дајмлер. Шефот Дитер Цече вели дека концернот се гледа себе си како изумител на автомобилот, кој денес треба наново да се дефинира и тоа не сака да им го препушти на другите. Како одговор на самоуправувачките автомобили на Гугл, Дајмлер прикажува комплетно вмрежен концепт-автомобил. Шефот за развој Томас Вебер вели дека „многу релаксирано и самоуверено“ гледа на конкуренцијата од Силиконската долина.

Ламборгини „Хуракан“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Meyer

Свртниците се поставени

„Дигитализацијата станува дополнителна клучна тема“, но за да може да се произведе комплетен автомобил, укажува Вебер, е нужна способност истовремено да се усогласат сите карактеристики на едно такво возило: комфор, дизајн, возна динамика, погонска технологија. Во однос на вмрежувањето и автономното возење „ние се чувствуваме одлично подготвени и ги поставивме сите свртници за успешна иднина“, рече Вебер за ДВ.
Овие негови зборови даваат објаснение зошто Дајмлер, заедно со Ауди и БМВ, вложија 2,5 милијарди евра за купување на сервисот за навигација „Хиер“ на Нокиа. Карти со висока прецизност се клуч за автономно возење. Но, дали е тоа доволно во борбата за пазарите на иднината? Оти, одамна е во прашање повеќе отколку само да се вози од А до Б, во прашање е целокупниот концепт на мобилност, на пример за мега-градовите во светот. Таму може да се очекуват во голем број автономно возени автомобили на Јубер (американска ап-конкуренција на класично такси - н.з.) или автомобили на Гугл.

Нова филозофија

Важни компоненти за градските возила на Гугл испорачува германскиот лиферант Бош. Фолкмар Денер, шеф на Бош, затоа не гледа борба на гигантите од ИТ-браншата против производителите на автомобили: „За нас фирми како Гугл се клиенти на Бош. Новите играчи во индустријата, како на пример Тесла (американски производител на електро-автомобили, н.з.), се наши важни муштерии“.
Тесла, пак, е добар пример за тоа дека не е нужно 100-годишно искуство за правење автомобили, за да се биде успешен на пазарот. Пионерот на електро-мобилитет од Калифорнија, кој веќе 12 години е во овој бизнис, се’ уште не може да земе замав, но во секој случај умее да прави шик електро-автомобили и може да се верува дека ќе успее да се пробие. А тој носи и поинаква филозофија: „Тоа оди дотаму, што ние ги ослободивме нашите патенти, за ова да го поттикнеме“, вели Јохен Рудерт од Тесла Германија. Тој објаснува дека нема да биде правно гонета ниедна фирма, која патенти на Тесла за мотор, погонски склоп или акумулатор за позитивни цели ќе ги примени во сопствените возила. „Нашата мисија е да го забрзаме настапот на електромобилитетот на автомобилскиот пазар и тоа сакаме да го форсираме со сите средства“, вели Рудерт. Нова филозофија, нови играчи, нови технологии - во тој контекст зборовите на Филип Јустус од Гугл Германија, дека неговото претпријатие не сака да биде производител на автомобили, треба да се сфатат како покана до автомобилските концерни. Оти, Гугл е извонредно заинтересиран за нешто друго: вмрежен автомобил создава огромно количество вредни податоци. Тоа е валута на интернет-ерата.

Гугл автомобилФотографија: picture-alliance/dpa/Google
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми