Кој ќе го премисли свештеникот-фанатик?
10 септември 2010Американскиот претседател Барак Обама се‘ уште се надева дека свештеникот ќе ја откаже планираната акција: „Се надевам дека ќе ја послуша својата повисока промисла и ќе сфати дека е тоа уништувачки акт.“
Обама предупреди дека се можни последици од планираното спалување на светата книга на муслиманите. Во земји како Пакистан или Авганистан е можно да дојде до насилни безредија. Радикалните исламисти би добиле голем замав и поголем број луѓе би биле подготвени да се кренат во воздух како атентатори- самоубијци во американските и европските градови, вели Обама и нагласува дека акцијата ќе ги доведе во опасност и американските војници.
Во меѓувреме, повеќемина шефови на држави и влади упатија итен апел до Обама да го стопира палењето на коранот. Меѓутоа, Обама не може да стори многу. Првиот член на американскиот Устав гарантира широка верска слобода и слобода на изразување:
„Фрустрирачки е, но ние сме правна држава и мора да се држиме до нашите закони.“
Свештеници во акција на убедување
Лери Рајмер, свештеник во една друга црква во Гејнсвил, Флорида, веќе се обиде безуспешно да го премисли неговиот колега-фанатик. Тој денеска, заедно со сите религиозни водачи од Гејнсвил, ќе му предаде на Тери Џонс листа со потписи, со молба да се откаже од спалувањето на коранот. Доколку тоа сепак се случи, свештеникот Рајмер се надева дека ќе биде послушан гласот на неговите пријатели муслимани: „Муслиманите околу мене апелираат да не се применува насилство. Тие зборуваат дека се повредени, но на нивните браќа и сестри им велат: тоа е дело на една личност, ве молиме не реагирајте со насилство.“
Автор: Ана Енгелке / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска