1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе одговара за бегството на Груевски?

15 ноември 2018

Без разлика дали неспособноста на институциите, од судот до МВР, му го отворија патот на Груевски до Будимпешта, или станува збор за некаков заткулисен „валкан“ договор, едно е сигурно: Македонија вака нема да ја биде.

Bildergalerie Mazedonien Nikola Guevski Ex-Premierminister nach der Stimmabgabe bei den Wahlen 2006
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Бегството на Никола Груевски долеа вода во воденицата на македонскиот политички театар на апсурдот кој никогаш не разочарува со својата очајна глума и бескрајна неинвентивност. 

ВМРО-ДПМНЕ побара оставки од премиерот Заев и министерот Спасовски поради бегството на нивниот почесен претседател. Уште еднаш препрочитајте ја последната реченица, па ако нејзината апсурдност не е доволна, еве го и вториот дел:

„Наместо да се правдаат, сега е вистинско време двајцата (Заев и Спасовски, н.з.) да си поднесат неотповикливи оставки заради нефункционирањето на институциите и разорувањето на Македонија.“ 

Но и фарсата која ја сервира власта во изминативе денови е исто така вредна за одбележување. 

„Пропусти нема направено ниту една институција“, рече премиерот Заев. Единствено, ќе дополни, ако граничните премини направиле некаков пропуст, ама тоа се истражувало. Граница ко граница. Едни излегуваат, други влегуваат. Кој да им го фати крајот? 

Никој не е виновен

Мантрата „никој не е виновен“ во Македонија одамна стана сама по себе разбирлива презумпција на невиност за сите политичари на власт. Таа важи сѐ додека вина не се утврди, а дотогаш вината ја утврдува премиерот. Глупаво би било за утврдување на вината да биде надлежно некое друго тело во држава во која поделбата на власта е одамна апсолвирана категорија. До толку е преџвакана и утврдена, постигната е една таква симбиоза, што нема потреба веќе ни да постои, ниту да се споменува. За Заев, можеби, е виновен некој таму граничен службеник, за Спасовски судот, за судот- обвинителството, за обвинителството - никој, и така во круг. Сѐ додека кругот не стигне до ВМРО-ДПМНЕ, се разбира, а таму, додека седат во „замрзнатата“ Бела палата се држат за глава каква е оваа полициска држава во која нивниот почесен претседател не може да побегне ни до Унгарија, а МВР да дознае за тоа. Во нивно време МВР „дознаваше“ вакви работи уште пред некој да биде и обвинет, а камоли осуден.

Ова актуелново МВР, пак, работи исклучиво според Уставот и законите. Не, не, овојпат навистина. Разликата е огромна: откако МВР почна да ги почитува Уставот и законите криминалците масовно бегаат од државата. Ако продолжи полицијата вака да работи, реални се шансите дека во Македонија за некоја година навистина нема да остане ниту еден криминалец. Сите ќе заминат. 

Додека порано се одеше во затвор за 100 украдени кебапчиња, денес веќе, во 30 дневен притвор завршуваат луѓе што испушиле џоинт на улица. Е има разлика. Па не се тие бивши премиери осудени за криминал, па ќе пребираат денеска сакам, утре не сакам обезбедување. Ќе дојдам во Шутка, ама да помине викендот... Ако ме нема до понеделник, испратете „Алфи“ во вторник да ме побараат. Само да се приклучам на интернет ќе ви пишам на Фејсбук, не сум далеку (кисче). Нема за нив внатрешната контрола на МВР да истражува кој и како им помагал. Се знае, согласно Уставот и законите -  затвор. 

Фијаско

А еве, „експресно“ се јави и Јавното обвинителство кое по допрен глас ќе истражува дали некој службеник му помагал во бегството на Груевски. Логично, затоа што кога поранешен премиер бега од својата земја каде е осуден или обвинет за серија кривични дела, најчесто во тоа му помагаат таму некои службеници - ситна боранија која единствено може да организира пат од 800 и кусур километри преку најмалку три граници без пасош. 

Делува дека сите имаат по малку „путер на главата“, па веројатно наскоро ќе почне да им тече и по лицето, а не само „низ ногавици“. Четири дена, од петокот до понеделникот, јавноста се замајуваше со прашањето кога на Груевски ќе му бидат отворени портите на Шутка. „Не се секирајте, тука е“, беше вообичаениот одговор од власта. Претставата продолжи со камери пред домот на Груевски, па во гаражата на ВМРО-ДПМНЕ...

Фалеше уште и околу крстот на Водно да го побараат - да не е излезен на воздух? И премиерот ја уверуваше јавноста: не е таков човекот, доаѓа на седници во Собрание, на рочишта во суд, зошто не би отишол и во затвор? 

На крајот- трагедија. Сите толку му веруваа, а тој, измамник, си замина. Неверојатно! Кој да помисли дека ќе дочекаме бивш премиер со такво беспрекорно СиВи, почитуван и сакан на сите страни, едноставно да се спакува и да си замине. Ни со жената и децата не се поздрави. Еве од СЈО велат дека немал човекот ни имот, ниту пари. Ќе му стигне ли пратеничката плата? Жално.

И сега „шу праиме?“, што би рекла новата ѕвезда на македонските телевизии. 
Можеби е власта среќна што наместо „маченик за каузата“ доби бегалец кај Орбан. Можеби е и опозицијата задоволна што добива шанса да се ослободи од сенката на корумпираната сива еминенција. 
Можеби дури и некои европски политичари ликуваат што бегството на Груевски истовремено ќе му ја затне и устата.

Можеби сето тоа е така. Можеби и не е. Без разлика дали ќе веруваме оти неспособноста на институциите, од судот до МВР, му го отворија патот на Груевски до Будимпешта, или пак станува збор за некаков  заткулисен „валкан“ договор, едно е сигурно: Македонија вака нема да ја биде. 

И, кој ќе одговара за бегството на Груевски? 

Ама ајде сега пак со тие глупости! Таман профункционира правната држава. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми