1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

11 јули 2020

Македонија влезе во последната недела на кампањата под двоен баражен артилериски оган: едниот беше со анкети, а другиот со аудио снимките. Програмите на партиите останаа замаглени во чадот на овој оган.

Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Минатата недела, откако завршија парламентарните избори во Хрватска, во емоционално девастираниот штаб на Социјалдемократската партија (СДП) никој не можеше да си дојде при себе – тие не можеа да веруваат во она што го гледаа во излезните анкети, а потоа и при објавувањето на официјалните резултати. Она што требаше да биде мртва трка меѓу социјалдемократите и Хрватската демократска заедница (ХДЗ) (анкетите тоа го кажуваа до последниот ден) се претвори во потоп за СДП. ХДЗ освои 66, а СДП 41 пратеник во Саборот. Резигнирано, но многу свесно, еден од високите раководители на СДП, им изјави на медиумите: „Излегува како ние да ги бевме потплатиле агенциите што вршат анкети да објавуваат резулати во наша корист. Но не е така, ние погрешивме некаде, и тоа многу“.

Вообичаено, анкетарите горе-долу ги погодуваат резултатите од изборите. Така, на 28 јуни речиси во процент го погодија исходот од првиот круг на претседателските избори во Полска. Зошто толку промашија во Хрватска сѐ уште никој нема соодветен одговор. Една од причините беше ниската излезност поради короната и политичката апатија – под 50 отсто. Во Полска, пак, излезноста беше дури 63 отсто, највисока уште од првите повеќепартиски избори во 1989 година. А и таму има корона, но таму политичкиот влог и драматично поделеното општество беа поголеми отколку во Хрватска.

Надвор од „бомбардирањата“ со пропагандни спотови на телевизиите и бесконечните телевизиски дебати, Македонија влезе во последната недела во кампањата за изборите под двоен баражен артилериски оган: едниот беше со анкети, а другиот со аудио снимките. Појавувањето на толку анкети, како ретко кога во последните десетина дена од кампањата, има две едноставни објаснувања: првото е дека некои партиски афилации, кои се претставуваат како анкетни куќи, сакаат да ѝ помогнат на блиската партија за да ја зголеми нејзината претстава меѓу граѓаните; а другата е попрозаична – некои од новите „истражувачки центри“ преку сопствените анкети сакаат да обезбедат место на пазарот. Не е важно дали нивните прогнози се точни и дали е добро избран примерокот – важно е анкетата за овие избори да ја ставиш во портфолиото за идните зделки. 

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Повеќе:

-Лажни анкети и рејтинзи за лов на (не)партиски опортунисти

-Негативни на Ковид-19, негативни и во кампањата

-Скендербег, НАТО и четвртата индустриска револуција

Онаа анкета што изгледаше најдоверлива од сите нив, на Националниот демократски институт од САД, спроведена во втората половина на јуни со теренски анкетари, беше фрлена на маргините и речиси никој не ја споменуваше во трескавичната битка со рејтинзите. Не беше прашањето тоа дека во неа СДСМ водеше пред ВМРО-ДПМНЕ со 3,6 отсто, а ДУИ пред Алијансата за Албанците со 1,5 проценти, туку повеќе да се создаде една таква врева во којашто сите ќе зборуваат дека нѐ очекува мртва трка на 15 јули.

Прочистување

Можеби и така ќе биде. Но кој би можел со сигурност да тврди дека ќе решава фотофинишот. Во тоа веруваше опозицијата во Хрватска, па доживеа слом. Може ли последната недела пред гласањето на оние граѓани што ќе излезат на изборите работите да им се почисти, а размерот на нивните гласови да не одговара на анкетните предвидувања? Секако дека може и со тоа да биде непријатено изненадена едната или другата страна.

Како би можеле работите да се прочистуваат? Едната од нив, секако е слегнувањето на чадот од гранатите што се фрлаа како аудио записи секој ден. Оваа бомбашка пресметка наликува како борба од ровови од Првата светска војна – фрлај гранати до изнемоштеност, па дури и до бесмисленост. Големо прашање е дали оние што ја спроведуваат оваа бомбашка офанзива имаат вистинска претстава колку тоа може да влијае врз расположението на неодлучните гласачи. Читаноста на транскриптите од разговорите по канцеларии или кафеани драматично се намали. Најмногу заинтересирани за нив останаа само приврзениците или членовите на партиите и, секако, новинарите кои сметаат дека им е должност да го објават она што се појавува на мистериозни канали на Јутјуб. Но и пренесувањата на разговорите стана лапидарно, пренесување во само шест-седум реченици. Медиумите се трудат од чадот на бомбите да не им се замагли понудата на партиите и на некој начин тие успеаја да го најдат балансот во известувањето. 

Ова претворање на Македонија во сцена на општ воајеризам нема да им донесе многу корист на партиите. Детонациите од овие нови „бомби“ сѐ помалку одекнуваат, иако уште можат да се слушнат. На некој начин тие станаа јасен показател дека општеството има сериозен проблем, дека се разболело на многу злокобен начин – дека не можеш веќе да бидеш сигурен оти оној што седи со тебе не те снима тајно за после да го злоупотреби доверливиот или лежерен разговор. СДСМ веќе поднесе кривична пријава до обвинителството против непознатите објавувачи, согласно новиот закон, додека Христијан Мицкоски сношти на Телма рече дека „ќе оставам тоа што е пуштено во етер да си тече така, за мојата интервенција да не се протолкува како притисок“ и дека по изборите како иден премиер „и тоа како“ ќе се зафател со „бомбите“ и ќе постапувал против „тој што ги објавува и против тој што ги презема овие аудио материјали“. Повеќе на директен отколку на директен начин тој се согласи дека и со „бомбите“ на тајните испорачатели може да се води кампањата.

Но клучното прашање е кој може да прокнижи некој поен повеќе. Кампањата е многу црна, дури и поцрна отколку што очекувавме, но таа не може да им донесе на сите подеднаква корист. СДСМ се трудеше со позитивен пристап кон иднината и со придобивките од Преспанскиот договор да ги означи хоризонтите. Секако дека и црните спотови за политичкиот ривал беа дел од таа кампања. Но нивниот размер беше обратнопропорционален од размерот на вмровските спотови, во кои се оцрнуваше Зоран Заев како најголем „предаваник“ што го родила Македонија, на штета на нивната програмска понуда. Еден од силните адути на вмровските високи претставници во дебатите дека нема одреден датумот за преговори на ЕУ со Македонија им го исфрли од раце Ангела Меркел. Зборувајќи во Европскиот парламент за приоритети на германското претседателство со ЕУ оваа недела таа изјави дека првата меѓувладина конференција (со која почнуваат преговорите) ќе биде отворена до крајот на годината. Можеби Радмила Шекеринска не знае кога земјите членки на ЕУ ќе ја усвојат конечната преговарачката рамка, но тоа би требало да го знае Меркел како претседавач со ЕУ. Со тоа на одреден начин потврди дека „предавството“ на Заев не било предавство туку влог за иднината во ЕУ.

Експлозијата на Ковид-19 во регионот го израмни политичкиот терен дома

Грубо е да се каже, но објавувањето на бројките на новозаболени и починати од корона вирусот стана вообичаена вест на денот, која ја чекаат сите, но не и со истата драматика како пред еден месец, на пример. Луѓето се навикнуваат на лошите вести (колку и да звучи тоа непријатно), па информациите на здравствените власти ги примаат со загриженост, но не со преголема драма. Па дури и бројот на оздравените како да не добива големо значење. Вчера имаше 336 оздравени лица во еден ден, што е огромна бројка, но таа беше перцепирана главно само како статистика на денот.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Во гнездото

-Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

-Изборен ролеркостер

Кога пред еден месец почна овој нов бран на корона вирусот (или вториот пик на првиот бран) тоа во тој момент изгледаше како ситуација која може да ги урне изборните надежи и пресметки на СДСМ. Но кога насекаде околу нас во сите држави на Балканот ситуацијата драматично се влоши со новите инфекции (особено во Србија, Бугарија и Косово) јавноста сфати дека сите сме во истата каша, само што таа стигна малку порано кај нас. Или можеби нашите здравствени власти биле поискрени од оние во другите земји и ги објавувале точните податоци. Тоа што можеше да изгледа како пропаст за СДСМ наеднаш повторно го израмни теренот, па можеби на социјалдемократите им даде мала предност, откако владата ја затвори границата за грѓаните на четири земји кои немаат нови ПЦР-тестови.

Кризата со Ковид-19 брзо ги менува настаните. Во Белорусија на претседателските избори на 9 август има големи изгледи „последниот европски диктатор“ Александар Лукашенко да падне од власта по 26 години, освен ако не направи масовно лажирање на резултатите. Најмногу поради екстремно лошата работа на властите со опасноста од короната. Во Хрватска премиерот Андреј Пленковиќ ги доби убедливо изборите во голема мерка поради успешното справување во првата фаза со корона кризата, иако и таму сега има експлозија на новозаболени. Гледате секоја вечер што се случува во Србија по изборниот триумф на Александар Вучиќ – такви брутални пресметки на полицијата со демонстрантите немало од времето на најтврдите години на Слободан Милошевиќ. Короната и лажните статистики го изнесоа гневот на улиците.

Хаотичните слики од Белград потсвесно може да одиграат некаква улога кај неодлучните. Се разбира, тоа не може да се тврди со сигурност, но она огромно присуство на полицијата во центарот на Белград, па дури и на коњица, неброени солзавци, сочувство со тепаните граѓани, а и со нападнатите полицајци и жандарми, ги враќаат сцените од неколку вакви слични настани во Македонија и многу веројатно на овдешните граѓани им е смачено од драми, крвови и историски пресметки дома. И дека е можно тие да го насочат својот глас кон оние кои можат да им понудат посигурен живот, поголемо заедништво, а помалку делби. Секако, тоа е само претпоставка, но претпоставка која не може да се исклучи.

Весникот „Независен“ направи една широка анализа за тоа како се одвиваше дигиталната кампања и дали таа допира до поширокото граѓанство. Таа покажа неочекувани резултати: дека кампањата и пораките во неа се следеле многу, дури зачудувачки многу. Според оваа анализа на следењето на собирите, на кои изгледа дека лидерите и кандидатите за пратеници си се обраќаат сами на себе, податоците од социјалните медиуми даваат поинаква слика. Бројките покажуваат дека дигиталната кампања на СДСМ е погледана и празновидна од таа на ВМРО-ДПМНЕ. Но дали е тоа доволно за нивна убедлива победа? Тоа никој не може да го каже со сигурност, па дури ни да претендира дека е во право.

Овие избори се целосно непознат терен од сите оние кои беа досега. Не може да се премерат митинзите, не може да се премери енергија, не може да се премери бројот на личните средби (иако генерално се знае дека тој е многу помал), не може да се препостави кој ќе биде вистинскиот одѕив на гласачите, не може да се премери големината на стравот кај многумина кои се мислат дали да излезат на избирачките места. Но би можело да се претпостави дека резултатите од изборите во значајна мерка ќе зависат и од тоа колку луѓе ќе излезат да гласаат. И дали меѓу нив ќе биде голем бројот на оние кои се решени да им го подјадат изборното тело на социјалдемократите и вмровците.

Анкетите, барем овие што френетично се објавуваа последните десетина денови, не можат да дадат одговор на овие прашања. Можеби само делумно да навестат некои трендови. Затоа, не е исклучено да очекуваме поголеми изненадувања (во оваа или онаа насока) отколку она што сите го предвидуваат како мртва трака. Но кој би се осмелил да стави голем облог на висока предност на едните или другите? Некој, сосем веројатно, ќе биде оладен на 15 јули.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми