1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе ја сноси одговорноста за поплавите во БиХ?

Драган Максимовиќ/Б. Георгиевски22 мај 2014

Нивото на реките во БиХ опаѓа, а зад себе остава пустош и катастрофа од широки размери. Дали последиците можеа да се ублажат,кој не ја исполни задачата, може ли да се делува во кризни ситуации без централна организација?

Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Жителите на бањалучката населба Борик се убедени дека за големата катастрофа се виновни надлежните кои раководат со браната на хидроелектраната Бочац. „Само да пуштаа вода на време, а не да калкулираат за да обезбедат доволно количество бидејќи неделава требаше да се одржи првенство во рафтинг на Врбас, сето ова ќе беше избегнато“, велат жителите на Борик. Дополнително, тие се прашуваат зошто никој не ги информирал и зошто не биле алармирани надлежните органи, доколку однапред се знаело дека ќе се испуштаат големи количества вода. Од ХЕ Бочац велат дека сѐ се тоа шпекулации и оти било правено сѐ за да се избегне катастрофата.

Но, ова е само еден сегмент- локален, во кој надлежните ќе треба да истражат дали имало пропусти во работењето. Некои фирми кои работат во тој регион веќе најавија дека ќе подигнат тужби против раководните во ХЕ Бочац за несовесно работење.

Фотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Државна (не)координација

Она што повеќе загрижува е што во земјата не постои организација на државно, централно, ниво. Тоа најдобро го илустрира Самир Агиќ од Министерството за безбедност на БиХ:

„Децата на покриви, јас барам од Република Српска да ми дадат согласност за да ги испочитувам процедурите. Доколку се урне некој хеликоптер јас ќе бидам виновен. Но тие не даваат. Јас потпишав документ дека можат да делуваат вооружените сили на своја одговорност. Таа координација, тој систем, треба целосно да се урне и да се направи нов“, вели Агиќ.

Системот е неефикасен и тоа се покажа многу пати, без оглед дали се работи за поплави како оние во 2010. година или за пожари кои не ја заобиколуваат БиХ веќе неколку години. Меѓутоа, и покрај тоа постојат цивилни заштити на ниво на ентитетите чија координација е лоша, а тука се и цивилните заштити на ниво на кантони, што само ги усложнува работите. Експертот за безбедност од Бања Лука, Душко Вејиновиќ вели дека тоа мора да се менува.

„Тоа е приоритетен проблем на државата, но и на целиот регион, каде мислам дека во моментов има недоволна координација во однос на плановите за употреба и заштита на одбранбените единици, но и поврзаност со договори и конвенции“.

Поделеност и во Република Српска

Покрај разделеноста на ниво на Федерацијата на БиХ, каде има повеќе нивоа на одлучување, во Република Српска се појави дополнителен проблем на теренот. Поради наводно лоша организација, Кризниот штаб на Владата на РС именуваше свој повереник, пензионираниот генерал Момир Зец да раководи со кризниот штаб во Добој. Освен тоа, Владата на РС ја укина можноста општините да поседуваат хуманитарни сметки, туку парите за таа намена можат да се уплаќаат исклучиво на сметка на владата. Наводно, на овој начин, владата сака да ја спречи појавата на лажни хуманитарни сметки.

Милорад ДодикФотографија: picture-alliance/dpa

„Навистина имаме причина да протестираме и да кажеме дека СНСД (владејачката партија на Милорад Додик, н.з.) се обидува оваа катастрофа на народот да ја искористи за политички поени. Нелогична е одлуката сите средства кои се наменети за општините да одат на една сметка, па потоа да се распоредуваат“, вели градоначалникот на Бијелиња, Миќо Мичиќ, кој е од редовите на опозицијата на централно ниво.

На претседателот Милорад Додик му се префрла и тоа што во време на најголемата криза отпатувал во Белград на состанок со српскиот премиер Александар Вучиќ. Многумина се прашуваат зошто не се извлечени никакви поуки од поплавите во 2010 година.

„Реков дека не извлековме некои поуки. Но, овде немаше одбрана од овие води. Власта презеде сѐ што можеше. Беше организирана обиколка на теренот, координација, донесување одлуки, преземање на одговорноста“, вели претседателот на РС, Милорад Додик.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми