„Шарената револуција“ се залагаше да нема недопирливи, да има правда за сите. Нејзиниот активист, денес пратеник - Павле Богоевски, открива дека се залагал за спротивното: да има недопирливи, дури и за рутинска контрола
Реклама
Манолис Глезос (1922) имал 90 години кога во Атина на масовен протест против спасувачките програми за грчкиот долг, меѓудругите, бил нападнат со солзавец во обидот на полицијата да спречи насилство од пошироки размери предизвикано од демонстрантите.
„Зарем него?“, револтирано прашуваа граѓаните.
Не случајно, бидејќи Глезос не бил еден од многуте „обични“ демонстранти, туку икона на отпорот против фашизмот. На 30-ти мај 1941. година, тогаш 19-годишното момче Манолис Глезос, бил јунакот што го симнал нацистичкото знаме поставено на Акропол, давајќи ѝ надеж на Европа дека отпорот е возможен. Подоцна е прогласен за народен херој, а епитетот „првиот партизан на Европа“ го добил лично од Шарл де Гол.
Деновиве во Скопје една комбинирана акција на полицијата и даночната и трудова инспекција во угостителски објекти, крена голема врева која сѐ уште не стивнува, а претендира да прикаже дека во неа „настрадал“ македонски отпораш, небаре, од типот на Глезос. Во таквата драматургија испредничи пратеникот од владејачкото мнозинство, Павле Богоевски, осврнувајќи се на контролата во угостителскиот објект на Огнен Узуновски- Оги.
„Оги беше еден од најактивните борци против режимот. Неговото кафуле ни беше прибежиште на сите, беше местото каде знаевме дека сме безбедни. ВМРО постојано го таргетираше со инспекции и често пати го казнуваше. Ама ни ВМРО не се дрзна да го уапси. А ние го сторивме тоа. Срамота“, напиша Богоевски на Фејсбук.
Имаат ли некои учесници во „Шарената револуција“ добиено „партизански споменици“ а да не сме информирани за тоа? За какво „прибежиште“ зборува Богоевски? Небаре зад некаков параван таму скришно биле преврзувани крвавите рани на „шарените револуционери“, или дека мајки и тетки плетеле чорапи за некој нов и тежок февруарски поход, по рамните улици на Скопје? Но, дури и оваа патетика е најбенигниот аспект од ламентацијата на Богоевски.
Како #Протестирам прерасна во #ШаренаРеволуција
Протестот кој започна по убиството на Мартин Нешковски на изборната ноќ во 2011 година, и подоцна прерасна во движење под името #Протестирам, деновиве еволуираше во ткн. Шарена Револуција во Македонија.
Фотографија: BIRN/Prizma
„Стоп за полициската бруталност“
На 10 јуни 2011 години стотици млади луѓе излегоа на улиците на Скопје да протестираат против полициската бруталност, откако по неколкудневен молк од полицијата, беше откриена вистинската позадина за убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски.
Фотографија: AP
Студентски протести
Во ноември 2014 година започнаа големите студентски протести испровоцирани од воведувањето екстерно тестирање од страна на Министерството за образование.
Фотографија: AFP/Getty Images/R. Atanasovski
#ПоздравПленумци
Во февруари 2015 година студентите започнаа со ткн. окупација на факултетите. Незадоволството, покрај на улиците, засилено се изразуваше и во зградите на УКИМ во Скопје и други градови.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Нов замав во 2015
Протестите се вратија на улиците на Скопје со уште поголем интензитет во мај 2015 година, откако опозицијата објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери го прикриваат убиството на Нешковски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Жестоки судири со полицијата
Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Отпорот го загуби интензитетот по крвавата пресметка со терористичката група во Куманово на 9 и 10 мај во која животите ги загубија 8 припадници на МВР.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Опозициски протест
На 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје. Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку албански партии.
Фотографија: Reuters/M. Djurica
Контра-протести
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати возврати на опозициските и граѓанските протести со контра-протести. Најмасовниот се одржа во Скопје на 18 мај 2015 година.
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski
Против Уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд да укине законска одредба и да му го врати правото на претседателот на државата да помилува, го најави новиот бран протести кој трае до денес. На 16 март 2016 повеќе илјади граѓани протестираа во близина на зградата на Судот, откако полицијата им го блокираше пристапот. Контра-демонстранти организирани од партијата ГРОМ ја „чуваа“ зградата.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Револт против Иванов
По одлуката на Уставниот суд, Иванов набрзо го искористи вратеното право на помилување. На 12 април тој им даде „милост“ на 56 политичари и нивни соработници кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Својот револт граѓаните го искажаа врз неговата Народна канцеларија во Скопје.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Порта Македонија во нови бои
Фасадата на Триумфалната капија или Порта Македонија во Скопје за првпат беше обоена на 15 април. Во знак на револт поради блoкадата на движењето, демонстрантите почнаа да фрлаат боја врз фасадата.
Фотографија: picture alliance/abaca/AA
Подготовка на „материјалот“
Балоните со боја се веќе широко распространети меѓу демонстрантите. Упатствата за нивна изработка и користење можат да се најдат и на интернет, исто како и стилизираните маички и сувенири поврзани со Шарената Револуција, поддршката за СЈО или пораките на обвинителките.
Фотографија: DW/E. Milosevska
Шарената револуција
Од 15 април, најпрво срамежливо, но веќе почна да се говори за почетокот на Шарената револуција. На нашата интернет страница ова име за првпат си го најде местото во наслов од текст објавена на 19 април. Во меѓувреме боењето или шарањето на „барокните“ владини и државни објекти во Скопје стана омилена пракса на демонстрантите.
Фотографија: BIRN/Prizma
12 фотографии1 | 12
Кога пратеник вели „ни ВМРО не се дрзна да го уапси, а ние го сторивме тоа“, јавно покажува дека не само што не ја разбира поделбата меѓу законодавната, извршната и судската власт, туку и се залага таа да биде целосно избришана. Кои се тоа „ние“? Богоевски е еден од 120-те пратеници. Тоа што припаѓа на владејачкото мнозинство не му дава право да се претставува како претставник на сите власти, а уште помалку така да го разбира владеењето. Па токму поради таквото разбирање и густирање на власта во измината деценија се создаде режим, а „Шарената револуција“ беше израз на граѓански отпор против такво владеење. Таа се залагаше да нема недопирливи, да има правда за сите, за да има мир. Богоевски, сега ни открива дека се залагал да има недопирливи, дури и за рутинска контрола.
По таа „логика“, тој на полицијата и на сите инспекции би им дал список на сите учесници на „Шарената револуција“ за да не им текне по службена должност да посетат некој од нив. И тоа би требало да го прифатиме како „правично и принципиелно“.
Неподносливата леснотија со која се шират вакви пораки, го еродира амбиентот во време кога треба да се спроведат темелни реформи. Како Богоевски ќе гласа за реформски закони во парламентот со вакви искривоколчени ставови? Каква ќе биде „тежнината“ на неговата аргументација кога ќе треба да образложи зошто се нужни реформи, ако самиот се презентира како антипод на темелни промени и „принципот“ дека не мора сите да бидат еднакви пред постапките на надлежните? Особено е разочарувачки што вакви ставови доаѓаат од млад човек. Но, можеби е добро што ги изнесе на виделина. Бидејќи, пред некои следни избори кога ќе се подготвуваат кандидатските листи за пратеници, треба да се има предвид кој со какви заслуги за граѓаните се нашол на нив. Богоевски изгледа се најде „благодарение“ на тоа што за време на еден од протестите беше приведен во полициска станица. Сега и неговиот штитеник има шанса да си создаде инстант биографија на политички маченик. Бил „апсен“.
А тоа што надлежните имаат право на контрола, тоа што при контролата меѓу присутни гости е најдена прашкаста материја или оружје, а кај вработени во некои објекти недостиг на лиценци, не е важно. Не е важно ни дали се дозволува присуство на малолетни, дали им се точи алкохол, дали од соседната маса некој ќе ги почести со „една црта“... Проблем е што полицајците побарале да се запре музиката за да можат да разговараат, и што носеле оружје. Е, тоа е навистина проблем. Можеби требало да си носат гоблени. И да ја везат „пастирска идила“.
Овојпат, не важи изреката „револуцијата ги јаде своите деца“. Овојпат, може да се каже дека некои деца се обидоа да ја злоупотребат „Шарената револуција“, претставувајќи ја како рамка за привилегирани и недопирливи. Ѝ фрлија боја. Но „шарените“ не сакаат таква идентификациска картичка. Тие не маршираа за власт, туку за промени и принципи. Тие што погрешно ја разбрале ваквата мисија, сами се дискредитираат и се отпишуваат од неа. И тоа е навистина за поздравување.
2016- Годината на Шарената револуција
Годината започна со оставката на премиерот Никола Груевски, продолжи со затворањето на границата за бегалците, а несомнено настан кој и даде белег на годината беше „Шарената револуција“- реакција на амнестијата на Иванов
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Настан на годината: „Шарена револуција“
Несомнено, 2016 година ќе остане запаметена по „Шарената револуција“- движењето кое за првпат од независноста ги извади граѓаните на улиците на македонските градови на протест против корупцијата и политичката неодговорност, а во заштита на демократските вредности и слободата. Шарената револуција се обиде да ги постави темелите за една поинаква, нова Македонија. Патот дотаму ќе биде долг.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Јануари: Оставка на Груевски
Годината започна со оставката на Груевски од премиерската функцијата, на 14 јануари, согласно Договорот од Пржино. По речиси десет години на функцијата, Груевски експресно најави дека нема мирно да се повлече. Во говор пред Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, на 24 јануари, тој порача дека народот на избори ќе си ја врати одземената власт и „ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери“
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Февруари: Има-нема избори
Иако првично беше предвидено парламентот да се распушти на 24 февруари и да се одржат предвремени избори на 24 април, одлуката во последен момент беше повлечена, а новиот термин беше 5 јуни. СЈО го обзнани првиот случај под кодно име „Титаник“. Осомничени за кривични дела против изборите и гласањето се екс- министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата и други.
Фотографија: MIA
Март: Ескалација на бегалската криза
Македонија и официјално ја затвори границата кон Грција, со што илјадници бегалци останаа заглавени во Идомени. Неколку обиди насилно да се мине границата минаа неуспешно. СЈО продолжува со истрагите и отвори нови случаи, меѓу нив и „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски. Претседателот Иванов најавува дека „нема намера да амнестира изборни силеџии“ откако Уставниот суд направи законски измени.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Април: Амнестијата на Иванов
Со еден потег, претседателот Иванов ја предизвика најголемата политичка криза во земјата од независноста, која доведе до жестока осуда од меѓународниот фактор, но и раѓањето на „Шарената револуција“. На 12 април, Иванов ги амнестираше сите политичари против кои се водат постапки. Со тоа предизвика бура од реакции. Веќе следната ноќ, на 13 април, беше демолирана неговата канцеларија во Скопје.
Во услови на секојдневни протести на „шарените“ ни делумното повлекување на амнестијата од страна на Иванов не донесе смирување на состојбата. Германија го испрати специјалниот пратеник Јоханес Хајндл. Груевски најавува дека сам ќе оди на изборите на 5 јуни, опозицијата бара тие да се одложат за наесен. Расчистен бегалскиот камп во Идомени. Одбележана една година од кумановските настани.
Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba
Јуни: Масовни протести и соцреализам
Протестите на „Шарената револуција“ земаа голем замав и покрај тоа што на 6. јуни Иванов целосно ја повлече амнестијата. Паралелни контра-протести и на здружението ГДОМ. Оставка на Ставрески од здравствени причини. Во јавноста протекоа уметнички слики во духот на социјалистичкиот реализам од новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: Nova TV
Јули: Пржино 2
По долги преговори на четирите најголеми политички партии со посредство на ЕУ и САД се роди „Пржино 2“. Поставени се нови услови за организирање предвремени избори, меѓу нив- измени во Изборниот Законик, враќање на опозицијата во парламентот и влез на технички министри во владата. ЕУ блокираше средства од ИПА фондовите. По неуспешниот пуч во Турција, протести на приврзаници на Ердоган и во Скопје.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Август: Смртоносни поплави
Катаклизмична ноќ во Стајковци и други села во околината на Скопје однесе 21 човечки живот. Десетици луѓе беа повредени, а стотици останаа без кров над главата. Никој не презеде одговорност за катастрофата, иако експертите подолго време предупредуваа од погубната политика која практично ги остави граѓаните без заштита од налети на природата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski
Септември: Серија земјотреси и 25-годишникот со бајпас
Серија силни земјотреси ги исплашија граѓаните на Скопје и околните градови и ги вратија страшните спомени на 1963 година. Немаше многу славје ни по повод 25-та годишнина на независноста на која некои аналитичари оценија дека Македонија е 25-годишник со бајпас. СЈО продолжи со отворање нови случаи од кои исплива и „Трезор“, околу набавката на опрема за прислушкување во МВР.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini
Октомври: „Случајот Спасов“ и драмата во УБК
Распишани изборите на 11 декември. Обидот на обвинителите на СЈО да влезат во просториите на УБК и да ја испитаат опремата за прислушкување заврши со жестоки блокади и очекување на помош од експерт на „Ериксон“. Скандалот со заменикот-министер Диме Спасов уште еднаш го отвори прашањето за политичката (не)одговорност. Младите фудбалери ја израдуваа нацијата со пласманот на Европското првенство.
Фотографија: MIA
Ноември: Трамп и Македонија
Додека светот беше во шок поради победата на Доналд Трамп на изборите во САД, во Македонија наголемо течеше изборната кампања. Вестите за улогата на велешките „спамери“ во победата на Трамп го засенија и новиот Извештај „за напредокот“ на Европската Комисија. Најголемо внимание, сепак, привлекуваа информациите за најбарани профили на работници во Германија.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Декември: Сите победија на изборите
Гласањето мина мирно, но резултатите отворија повеќе дилеми, одошто дадоа одговори за можниот излез од длабоката политичка криза. „Прогласот“ на Груевски и прегласувањето во Теарце фрлија уште една дамка на процесот. Молкот од меѓународната заедница укажува дека никој не го знае решението. Очекувањата се дека кризната 2016 ќе има свое продолжение и во 2017 година.