Случајот со кравата Пенка ги крена на нозе активистите во Бугарија и на виделина изнесе некои апсурдни правила на ЕУ. Пенка од Бугарија влегла во Србија, а сега мора да биде убиена - согласно правилата на ЕУ.
Кон средината на мај годинава кравата Пенка одеднаш исчезнала од стадото на бугарскиот сточар Иван Харалампиев. За среќа не заминала далеку, туку само до блиското српско село од другата страна на границата. Таму ја пронашол некој земјоделец и препознавајќи ја нејзината ознака му јавил на соседот од бугарска страна да дојде да си ја земе Пенка. И оваа приказна веројатно тука ќе завршеше... да не беа правилата на ЕУ.
Кога Харалампиев се обидел да се врати со Пенка преку границата го дочекало непријатно изненадување. Цариниците и надлежниот ветеринар на граничниот премин му рекле дека тоа нема да биде можно. Имено, според правилата на ЕУ, кравата која накусо престојувала надвор од границите на Унијата не може повторно да влезе во земја-членка на ЕУ. Пенка, која е и бремена во шести месец, мора да умре, порачале надлежните бугарски власти.
Во меѓувреме, Пенка стана вистинска ѕвезда на социјалните мрежи каде корисниците бараат азил и правда за кравата.
Приказната за Пенка во меѓувреме ги алармираше бугарските активисти за заштита на правата на животните, но и надлежните во ЕУ. Сопственикот Харалампиев одбива да ја убие својата крава, а активистите ја критикуваат бирократизираната администрација која не прави разлика во вакви случаи.
„Не може да очекуваме кравата да знае каде е ЕУ, а каде не е. Вакви случаи се нормални за погранични региони“, вели Марина Иванова од организацијата за заштита на животни Четири шепи.
И ветеринарите велат дека Пенка е здрава и дека нејзината куса екскурзија во соседна Србија не ѝ го нарушила здравјето, но бирократите се непопустливи.
Портпаролка на Европската Комисија за германскиот весник „Велт“ објаснува дека правилата се такви со цел да се заштитат граѓаните од животински болести кои често се „увезуваат“ од земји надвор од ЕУ.
Прописите на ЕУ: криви банани, разнолики сандачиња, ознаки на семафорите
Во изминатите години во ЕУ се наталожија разни прописи и одредби за речиси се' Некои прописи се забавни и корисни ама има и непотребни и збунувачки. Еве десет примери за европската опсесија со прописи.
Фотографија: Fotolia/Stefan Merkle
Криви банани?
Според правилата на ЕУ, бананите кои се увезуваат во Унијата морада бидат долги најмалку 14 см и широки 2,7 см. Ти не смеат да бидат оштетени а ни целосно зрели, со што се гарантира свежината на овошјето. Тврдењата дека ЕУ има пропис и за дозволената закривеност на бананите, каков што до 2009. година важеше за краставиците, не е точно.
Фотографија: Fotolia/Santiago Cornejo
Медот како спроводник на струја
Знаеме оти мора да се чуваме од пчелите, ама за појадок да се размислува за тоа дали медот произведува струја е малку чудно. ЕУ има правило и за тоа. Таа спроводливост не смее да биде поголема од 0,8 микросименси на сантиметар. Всушност воопшто не е важно дали ќе не „протресе“ малку струја кога го ставаме лажичето во медот, туку ова правило служи за класификација на различните видови мед.
Фотографија: Fotolia/Jag_cz
Еколошка светлина
Еден од најспорните прописи е секако забраната на „обичните“ светилки, за да се заштеди енергија. Но ни новите сијалици не се големи заштитници на природата: некои од нив содржат отровна жива, која треба многу внимателно да се отстрани во отпад. Згора на тоа на новите светилки им е потребно некое време за да засветат во полно светло.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Прописи за жичници- за секој случај
Германската покраина Шлезвиг Холштајн на брегот на Северното мора е „рамна како тепсија“. Највисокиот рид воцелата покраина е висок 168 метри. Па сепак и оваа покраина мораше да узвои закон за погонот на жичниците, бидејќи така сака ЕУ. За секој случај, ако некогаш некој посака да постави жичница таму тогаш барем прописите ќе бидат сосема јасни.
Фотографија: Fotolia/JM Fotografie
Каде одат кои отпадоци?
Пропис кој и недостасува на ЕУ. На пример, каква боја треба да биде кантата во која ќе се фрла старата хартија? Во Германија е сина ама во други земји може да биде поинаку. Некаде зелената канта е всушност сина, жолтата е црвена а во некои земји воопшто не се раздвојува сметот. Како тогаш граѓанинот на ЕУ да одлучи што да прави и како сметот да заврши таму каде му е местото?
Фотографија: Fotolia/grafikplusfoto
„Луда железница“
Уште поголем хаос во ЕУ е при возењето со воз. На пример на релацијата од Талин до Лисабон. Покомпликувано не може да биде: на пат се тргнува по „советски пруги“, со растојание меѓу шините од 1,524 метри. Тоа растојание потоа низ Европа изнесува 1,435 метри сѐ до Шпанија каде изнесува дури 1,672 метри. А во Португалија растојанието меѓу шините е 7 милиметри помало.
Фотографија: picture-alliance/ZB
Еден штекер за сите- само пуста желба
Додека промената на растојанието меѓу шините на националните железнички мрежи е гигантски издаток, во други работи очигледно станува збор за национална „гордост“. на пример, одамна постои стандард за т.н. евро-штекер за електрични апарати, Но ако одите во Велика Британија, Ирска,Малта или Кипар , сѐ уште ви е потребен дополнителен „адаптер“.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Сега ли е „зелено“?
И кај семафорите, сѐ едно дали се во Рим, Париз, Лондон, Варшава или Берлин,ознаката на семафорот која на пешаците им дозволува или забранува да преминат улица е различна. Во Германија поинаква е дури и на различни семафори во ист град, бидејќи по обединувањето на земјата сепак дозволен е и "Ampelmännchen" т.е. „семафорското човече“ од Германската Демократска Република.
Фотографија: picture-alliance/dpa
И натаму различни сандачиња
Европска разноликост владее и кај поштенските сандачиња. Секоја земја има свој формат и големина на отворот на сандачето. ЕУ намерно не сакаше да воведе правила во таа област. И сите се среќни,бидејќи и поштенските сандачиња покажуваат дека Европа е обединета но и оти нејзиното богатство е токму во разноликоста на народите и државите. А никој не сака тоа да исчезне.
Половина килограм јајца?
Во 2010 година ЕУ објави предлог-пропис според кој цената на сите прехранбени производи треба да биде одредувана врз основа на тежината. Тоа значи при купување на 10 јајца, цената не би била на парче туку на килограм. Меѓутоа барем кај јајцата од кокошка тешко дека овој пропис на ЕУ некогаш може да заживее.