1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кралството останува обединето

Бернд Ригерт / Александар Методијев19 септември 2014

Националистите во Шкотска загубија, но земјата и демократијата победија. Европа може да здивне со олеснување, смета Бернд Ригерт во неговиот коментар од Единбург.

Фотографија: Andy Buchanan/AFP/Getty Images

Беше многу возбудливо сѐ до самиот крај во однос на тоа дали Шкотска ќе изгласа независност од Обединетото Кралство или не. На крајот победи политичкиот здрав разум во однос на националистичката страст – и тоа со поголема разлика отколку што предвидуваа експертите.

На Шкотска може да ѝ се честита за оваа одлука, бидејќи поинаков исход би бил авантура со мрачни последици за Британија и нејзините европски соседи.

Како независна земја, Шкотска ќе беше без заштита од Обединетото Кралство и без солидарноста од Европската унија. Во тој контекст, Британија ќе требаше да си ја редефинира својата улога во Европа и светот и можеби ќе се распаднеше како нација. Последната работа што ѝ е потребна на Европа е враќање на малите држави од минатите векови. Напротив, она што е потребно е соработка и интеграција на европско ниво.

Шкотланѓаните, за разлика од останатите Британци, се многу повеќе пријателски настроени кон Европа. „ДА“-кампот сакаше да остане во ЕУ. Ќе беше иронија во историјата ако Шкотска беше принудена да ја напушти ЕУ за неколку години, кога Британците ќе одржуваат референдум за нивното натамошно членство во ЕУ. Во овој момент човек може само да се надева дека ќе надвладее здравиот разум и оти Британија и Шкотска ќе изберат да останат во ЕУ.

Следниот тест ќе бидат изборите во Британија за Домот на комуните, кои треба да се одржат следната пролет, а во кои членството во ЕУ ќе игра главна улога. Исходот од вчерашниот референдум во тврдоглавата Шкотска со сигурност ќе има ефект. Ако Шкотска се определеше за независност, тогаш премиерот Дејвид Камерон ќе требаше веднаш да поднесе оставка. Сега тој има можност до гласањето во мај 2015 година да се конфронтира со антиевропските чувства на неговото гласачко тело.

Бернд Ригерт

Шкотланѓаните не се обесправени во Британија, како што тврдеше „ДА“-кампот во сопствената кампања за независност. Конзервативните влади, посебно онаа на Маргарет Талер, силно ја погодуваа доминантно социјалдемократска Шкотска, но Шкотланѓаните исто така имаа и премиери во „Даунинг срит“.

Денес, просечниот приход во Шкотска е повисок отколку во други делови на Британија и невработеноста е пониска. Шкотска има силна регионална влада и свој сопствен парламент, а во блиска иднина таа ќе добие и нови права. Во напад на паника кон крајот на кампањата за референдумот премиерот Камерон вети толку многу работи, што сега ќе мора да ги испорача.

Во Британија реалната дебата за воведување федерален систем е долга и одамна има повици за регионална автономија, кои доаѓаа од други делови, како Англија или Велс.

Осумнаесетти септември ја промени Велика Британија. И Шкотска исто така се промени. Референдумот беше триумф на демократијата. На него учествуваа 86 проценти од гласачите, што е рекорд.

Нема знак за политички замор. Шкотланѓаните, без оглед дали за или против независноста, тие покажаа екстремна посветеност кон каузата. Големиот губитник на референдумот – Алекс Салмонд, го призна поразот. Победниците не ликуваа над својата победа. Двете страни сакаат да создадат обединет „Тим за Шкотска“, за да ја искористат предноста од енергијата создадена за време на кампањата.

Овој демократски начин на размислување треба да служи како модел за останатите движења за независност во Европа и каде било на друго место, бидејќи тој илустрира како функционира демократијата и ентузијазмот за демократски процеси.

Шкотска покажа дека националните чувства не треба да доведат до деструктивен национализам. Како резултат на ова Шкотска победи, иако сонот за независност не успеа да се материјализира.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми