1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Краткорочните мерки не се решение за аерозагадувањето

ДТЗ
28 декември 2021

Активистите и експертите за животна средина предлагаат дополнителни мерки коишто сметаат дека ќе дадат подобар ефект во борбата за чист воздух.

Mazedonien Skopje Smog
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Краткорочните мерки не се решение против енормното аерозагадување во Северна Македонија. Неопходно е да се донесе законот за индустриски емисии и да се воведе континуиран мониторинг на емисиите на загадувачки материи, да се донесе Правилник за цврсти горива, за да се отстрани јагленот како енергенс за затоплување на домаќинствата, да се пропише квалитетот на пелетите и содржината на влага во дрвото за огрев што се продава. Ова се дел од препораките на експертите за заштита на животната средина, откако веќе неколку дена по ред скопјани, струмичани и жителите на уште неколку града во внатрешоста на земјата дишат „отровен“ воздух. Ситуацијата стана особено загрижувачка откако виолетовата боја почна на доминира на картата за мерење на квалитетот на воздухот, укажувајќи дека граѓаните дишат енормно загаден воздух. 

Неколку дена по ред скопјани, струмичани и жителите на уште неколку града во внатрешоста на земјата дишат „отровен“ воздух. Фотографија: picture-alliance/dpa/Geisler-Fotopress

Градот Скопје во понеделникот (27.12.2021) воведе итни мерки и препораки, откако Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат. Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници, зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје и ограничување на градежните активности се дел од итните мерки кои стапуваат во сила. Тие ќе мора да се почитуваат сѐ додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање.

Мерките не се доволни

„Градот Скопје дава вообичаени препораки (и ја повторува вообичаената мерка за бесплатен јавен транспорт), кои не се доволни“, вели за ДВ, Ана Петровска, поранешна директорка на Инспекторатот за животна средина.

Според неа, со усвоените измени на Законот за амбиентен воздух се овозможи Градот Скопје (и другите 'агломерации') да формираат координативно тело од сите надлежни институции и да донесат План за краткорочни мерки, кои, за разлика од претходно, нема да се препораки, туку ќе наметнат обврски.  Така на пример, индустриските капацитети што согоруваат релативно големи количества фосилни горива, ќе се обврзат да го ограничат согорувањето, во одредени зони во градот привремено ќе се забрани движење на возила и камиони, ќе се забрани или ограничи работата на градилиштата, ќе се воведат вонредни координирани инспекциски контроли, патроли и дежурства, на хронично болните, бремените жени и други ризични категории ќе им се овозможи платено отсуство од работа и друго, согласно утврдениот План.

„Но, не е доволно да се делува само на локално ниво и покрај тоа што со законските измени се надминати голем број прашања и проблеми со поделени надлежности. Неопходно е конечно да се донесе законот за индустриски емисии и да се воведе континуиран мониторинг на емисиите на загадувачки материи, да се донесе Правилник за цврсти горива, за да се отстрани јагленот како енергенс за затоплување на домаќинствата, да се пропише квалитетот на пелетите и содржината на влага во дрвото за огрев што се продава“, вели Петровска. 

Да се искористи сончевата енергија

Исто така, според неа, неопходно е да се врши интензивна контрола на квалитетот на мазутот и екстра лесното гориво што се користи од индустријата и институциите. И на среден рок, да се заменат фосилните горива со обновливи извори, односно да се искористи извонредниот потенцијал на сончевата енергија.

Потребно е да се заменат фосилните горива со обновливи извори, односно да се искористи извонредниот потенцијал на сончевата енергија.Фотографија: picture-alliance/Klaus Ohlenschläger

„За жал, финансиите за животна средина се намалени и во централниот и во локалните буџети, наместо да се зголемуваат, кога пандемијата и загадувањето заеднички придонесуваат кон смрт на илјадници наши граѓани. Сончевата енергија мора да стане достапна до граѓаните и затоа државата и општините треба да издвојуваат значајни средства за субвенционирање на набавка на фотоволтаици од домаќинствата. Без енергетска независност нема да се намали загадувањето и ќе се продлабочува сиромаштијата“, вели Петровска. 

Аерозагадувањето не познава граници

Дека краткорочни мерки нема да го спасат Скопје од енормното аерозагадување, укажува и Горјан Јовановски, креаторот на втор на апликацијата „Мој воздух“ и член на Советот на градот од листата на „Зелен хуман град“. 

Како активист кој веќе седум години се бори на оваа тема, вели дека постојат конкретни мерки кои многу побрзо ќе помогнат да дадат вистински ефект на темата.

Аерозагадувањето не познава граници. Со овој проблем не се соочува само Северна Македонија, туку и целиот регион.  Фотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

„Зелен хуман град, единствената независна и непартиска опција во Град Скопје денеска поднесува 33 амандмани на буџетот на градот за 2022 година, дел од кои токму го таргетираат аерозагадувањето. Со нив се предлага хипер-мрежа на сензори кои ќе детектираат точно од каде доаѓа загадувањето, зелен катастар кој ќе ги следи сите дрва низ градот и нивната состојба за да се спречи бесправна сеча, компостари за органски отпад со кои ќе се намали и до 60% од ѓубрето во депониите, фотоволтаични средства на објектите на градот за намалување на користењето на електричната енергија и еколошко загревање на истите, зајакнување на велосипедската инфраструктура, и многу други“, вели Јовановски за ДВ.

Според него, со овој проблем не се соочува само Северна Македонија, туку и целиот регион.  „Аерозагадувањето не познава граници. Само со регионална соработка може да најдеме начини за намалување на истото. Ако нешто помогнало во Белград, ајде да го пробаме и во Скопје. Ако веќе правиме чести состаноци и конференции на темава, добро е да се види и какви исходи има од истите, што сме имплементирале од знаењето кое сме го добиле од истите?“, вели Јовановски. 

Загадувачот „Дрисла“

00:49

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми