1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција испаѓа од еврозоната?

Барбара Везел/З.Јордановски27 јуни 2015

„Извонредно широкограда понуда“ - го нарече канцеларката Меркел последниот европски предлог до Грција: помошта да продолжи до ноември и да биде зголемена. Сега се чини дека Брисел конечно ја затвора вратата за Грција.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Michael Kappeler

Сериозни, многу сериозни изрази на лицата кај европските министри за финансии. Шефот на Еврогрупата, Холанѓанецот Јерун Дајселблум, влезе во салата со јасна најава: „Многу негативно сум изненаден од (од најавениот референдум). Грците очигледно го отфрлија нашиот предлог. Со тоа е затворена вратата за натамошни разговори. Ние мораме да разговараме за последиците“. Тој додаде дека е тажен, оти имал впечаток дека вратите кај доверителите до крајот биле отворени за постигнување согласност, но сега има една безизлезна ситуација.

Грција ја напушти преговарачката маса

Ако кај новинарите остана било каква дилема дали таа изјава навистина значи крај на тековната програма за помош со сите консеквенции од тоа, тогаш тие требаше само да го слушнат германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Тој одамна ја навести својата скепса во однос на текот на разговорите во Брисел и за однесувањето и намерите на грчката влада, а денес трезвено кажа што всушност е неверојатното во најавите од Атина: европските шефови на држави или на влади по вчерашниот вонреден самит се разделија од грчкиот премиер Алексис Ципрас без да знаат што тој вечерта ќе каже преку телевизија. Меркел и францускиот претседател Оланд вчера на пладнеуште еднаш се состанаа со Ципрас „во шест очи“. Ако тој тогаш ним не им кажал за својата намера, тогаш тоа веројатно значи дека се прекинати преговарачките врски меѓу нив.

Шефот на Еврогрупата, Јерун ДајселблумФотографија: Reuters/Y. Herman

Во октомври 2011 година тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу извади „сличен зајак од шапка“ и најави референдум за останувањето на неговата земја во еврозоната и за тогашниот пакет за помош. И тој го направи тоа без најава и предизвика лутина кај Ангела Меркел, која побара од него да го повлече својот план. Тоа беше крај на неговата влада. „Кај Грција мора да се смета на изненадувања“, вели Шојбле и потсетува на тие настани. Но, за него се јасни последиците од однесувањето на Алексис Ципрас: „Сега грчката влада еднострано ги прекина преговорите и ние мораме да видиме што произлегува од тоа“. За Еврогрупата сега веќе нема никаква основа за натамошни преговори: програмата завршува на 30. јуни. Тоа значи дека нема да бидат исплатени 7,2 милијарди евра преостанати од тековната програма за помош која истекува за три дена. Истото се однесува и на другите милијарди што на Грција и’ ги навестија другите земји од еврозоната. Единствениот услов беше Грците да се согласат со последниот предлог „пари за реформи“. За Шојбле и мнозинството од неговите колеги референдумот пет дена по истекот на рокот значи дека тие денеска мора да се занимаваат со последиците: „Мораме да разговараме за ситуацијата таква, каква што е“.

Германскиот министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: AFP/Getty Images/J. MacDougall

Погрешен момент за референдум

Никој не го става под прашање легитимитетот на референдумот. Но, „моментот е многу несреќен, и тоа е преблаго кажано“, вели министерот за финансии на Малта. Владата во Атина можеше да го одржи уште пред повеќе недели, кога уште имаше и доволно време за тоа. „Грција ја напушти преговарачката маса. На еврозоната и’ се врзани рацете“, вели австрискиот министер за финансии, кој смета дека сега мора да се разговара за алтернативите. Речиси со жалење Ханс-Јерг Шелинг додаде: „Грчката влада загуби толку многу време“.

Набљудувачите во Брисел веќе со недели предупредуваат дека Атина во преговорите со Брисел превисоко се коцка. Денешната средба на министрите за финансии од еврозоната е петта за псоследните десет дена. Трпението и правните можности за натамошна рунда во оваа игра би требало да се исцрпени.

Сега планот „Б“ станува план „А“

Министрите за финансии на Финска и на Грција Александер Штуб и Јанис ВаруфакисФотографија: Reuters/Y. Herman

Финскиот министер Александер Штуб рече дека очекува планот Б да стане план „А“. Значи, министрите ќе дискутираат што значи грчки банкрот за еврозоната, и како да се пресретнат последиците. Плановите се подготвени уште од пред две недели, на средбата на државните секретари во министерствата за финансии од „Евро работната група“ во Братислава, кои го изёработија сценариото за таков случај. „Тоа е сега единственото за што мжеме да зборуваме“, изјави Штуб. Еврогрупата сега мора да остане цврста, смета тој. Финскиот парламент под сегашниот околности тешко би кажал „да“ за исплатување пари на Атина од програмата за помош.

Непосредно пред почетокот на седницата, грчкиот министер Јанис Варуфакис изјави дека „грчките банки и натаму ќе останат отворени“ и оти за тоа ќе се погрижи грчката централна банка. Атина бара од доверителите краткотрајно продолжување на помошта, но тоа, во сегашните околности, според високи европски функционери, не е веројатно. Мнозинствот од неговите колеги од еврозоната, меѓутоа, веќе не сака да биде „влечено за нос“. На прашањето што очекува од грчкиот колега, словачкиот министер Петер Казимир иронично одговори: „Натамошни поуки“. Само што изгледа дека веќе нема заинтересирани да ги слушнат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми