1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Крајот на Меморијал е предвесник на мрачна ера во Русија

Роман Гончаренко
29 декември 2021

Укинувањето на најугледната руска организација за заштита на човековите права Меморијал е пресвртница. Претседателот Владимир Путин ја подготвува својата земја за мрачни времиња, смета Роман Гоначаренко.

Карикатура на Сереј Елкин по одлуката на рускиот Врховен суд за распуштање на организацијата „Меморијал“
Карикатура на Сереј Елкин по одлуката на рускиот Врховен суд за распуштање на организацијата „Меморијал“

Маските паднаа. Реченицата е банална, но за жал повторно се покажа како точна. Кој сѐ уште се надеваше дека во Путиновата Русија има место за Меморијал, најугледната невладина организација која се занимава со човековите права, вчера (28.12.)  доживеа разочарување. Меморијал Интернешанал е распуштен по барање на државниот обвинител и по одлуката на највисоката судска инстанца во Русија. Двете институции работеа во најмала рака во интерес на претседателот. Денеска истото се случи и со Центарот за заштита на човекови права - Меморијал.

Оваа е повеќе од обично затворање на една невладина организација која е непријатна за Кремљ. Се работи за пресврт, за цензура. Русија по ова ќе биде поинаква.

Меморијал му беше на Путин одамна трн во око. Организацијата која го негува сеќавањето на жртвите на злогласната советска тајна служба КГБ и поранешниот офицер на оваа тајна служба како претседател - не одат едно со друго. Меморијал го чуваше сеќавањето на сталинистичкиот терор, на злосторствата против сопствениот народ. Путин и моќниците од неговото опкружување, главно поранешни офицери на КГБ, сакаат Русите да ги заборават мрачните поглавја во советската и во руската историја. Тоа со масовна пропаганда речиси им успеа.

Одврзани раце за репресија

Обвинувањето ја разниша намерата на Путин кога на Меморијал му префрли за создавање на „погрешна слика за Советскиот Сојуз како држава на терор“. А, обвинувањето е дека оваа невладина организација го прекршила „законот за странски агенти“ само е изговор.

Некој циник би можел да каже оти Путин не би морал да го затвори Меморијал, бидејќи тој ионака е потрошен модел. Организацијата која ја основаше рускиот нобеловец Андреј Сахаров ги доживеа своите ѕвездени моменти на крајот на 80-тите години од минатиот век.

Роман Гончаренко, автор на коментарот

На плоштадот Лубјанка пред седиштето на КГБ, активистите од организацијата поставија спомен-плоча за жртвите на Гулагот. Тоа беше симбол на политички промени кои Путин веќе со години сака да ги поништи. Очигледно е оти претседателот сака наскоро да заврши тој процес. Во последно време значењето на Меморијал за руското општество опадна, а во претседателството беа многу постари активисти. Значи, зошто сега судско распуштање?

Гласот на Меморијал изгледа сепак не беше толку слаб колку што сакаше Кремљ. Новите проекти ја иритираа власта. Пример е информативниот портал за уапсените активисти кој е блокиран.

Сегашната срамна одлука на руското правосудство пред сѐ наговестува уште помрачни времиња. Да, може да има уште помрачни. Путиновата Русија се насочи кон жешката фаза на новата Студена војна. Организацијата која се занимава со заштита на човековите права и која исклучително ја почитуваат на Запад, во такви околности може само да пречи. Мора да се плаши дека ќе дојде до поголема репресија, па дури и терор врз опозицијата и неистомислениците. Очигледно шефот на Кремљ на тоа поле сака да има одврзани раце, а не Меморијал постојано да го потсетува на нови политички затвореници.

Меморијал ќе се врати

Дали Путин победи со тоа? Секако дека не. Меморијал ќе продолжи да работи илегално во земјата, но и јавно во странство, да го чува сеќавањето на теророт на Сталин, како и да пишува хроника за провредите на човековите права во Путиновата Русија. Еднаш ќе се врати и во Русија. Кога ќе се случи тоа зависи од граѓаните на Русија. Меморијал ќе го надживее владеењето на Путин, еден ден и таа ќе биде историски предмет на нејзината работа.


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми