1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај за Фолксваген во САД?

Торстен Шредер/Софи Шимански/Ж.А.18 март 2016

Фолксваген се обидува во САД да најде решение за скандалот со издувните гасови, но тоа не е лесно. Дали тоа може да значи крај за концернот на компликуваниот американски пазар?

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

„И мојот прв автомобил беше Фолксваген ’бубачка’, произведен во 1967 година“, изјави американскиот конгресмен Тим Марфи во септември, во текот на првото сослушување околу скандалот со издувни гасови. „Бев вљубен во тој автомобил“, призна сенаторот. Од старата љубов одвај нешто останало. Американските власти остро се пресметуваат со Германците. На Фолксваген, во најлош случај, му се закануваат преку 40 милијарди долари казни со предлози за подобрување.

Многумина се прашуваат дали Американците постапуваат кон Фолксваген поостро отколку што би постапувале кон некој американски концерн. „Работите не се толку едноставни“, вели Петер Хенинг, професор по право на Универизитетот Вејн Стејт во Детроит и експерт за стопански криминал. „Причината што властите кон некои концерни се однесуваат поинаку има и културолошка заднина. Концерн како Фолксваген не навикнал на конфликти со американското Министерство за правда, ниту со овдешните институции за заштита на човековата околина.“

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Посебни грешки

Менаџерите од Волфсбург во текот на минатите месеци си дозволија грешки кои силно ги разлутија американските власти. Тоа американските фирми никогаш не би си го дозволиле. „Тие подобро ја познаваат ситуацијата во својата земја и во најмала рака се подготвени побрзо да се погрижат за неопходни експертизи. Но Фолксваген е исклучително изолиран. Дали американските власти имаат построги критериуми кон странските фирми? На извесен начин имаат, зашто странските фирми поинаку се однесуваат отколку домашните. Преку големи казни да се истиснуваат Германците од домашниот пазар и на тој начин да се јакнат домашните производители, за Американците не е баш прифатлива опција. Фолксваген во САД веќе со години има удел на пазарот од околу два процента. Со оглед на толку малата присутност на пазарот, аналитичарите во 2007 година шпекулираа околу евентуално повлекување на Фолксваген од американскиот пазар. На него, покрај Џенерал Моторс и Форд, главно доминираат јапонските производители Хонда и Тојота. Затоа, не се исплаќа толку груб однос кон Фолксваген, кој има мал удел на пазарот“, смета Хенинг.

Страв за работните места

Напротив, американските политичари сакаат да ги задржат Германците на својот пазар. Веќе неколку години Фолксваген има своја сопствена фабрика во Чатануга, во американската сојузна држава Тенеси, во која од фабричката лента покрај Пасат, наскоро треба да излезе и џип. Изградбата на фабриката е поддржана со милиони долари од американските граѓани-даночни обврзници. Покрај тоа доаѓа и големата мрежа на трговци на Фолксваген во САД.

„Би било фатално кога би пропаднале сите тие работни места“, вели Петер ДеЛоренцо, ветеран во автомобилската бранша и познат автоблогер. Никој во САД не сака да му се префрла дека го избркал Фолксваген од земјата и илјадници луѓе довел до невработеност.“

Напуштањето на американскиот пазар поради актуелните проблеми не би било паметно и за самите Германци. САД е еден од најголемите автомобилски пазари на светот, само годинава се очекува продажба од 16 милиони автомобили. Повлекувањето од Америка со себе би повлекло и негативно влијание врз пазарите во Канада и Мексико. „Еден таков пазар не може да биде препуштен на своите ривали, ако сакате да бидете глобален концерн“, вели Петер Хенинг. Конечно, ниедна фирма не сака да признае неуспех во конкуренцијата на таков пазар.

Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Експертите се оптимисти

Експертите не се сомневаат дека Фолксваген ќе успее да ја остави зад себе кризата и да остане на американскиот пазар. „Овој автомобилски концерн и натаму е едно од најуспешните претпријатија во светот и располага со неопходен капитал за плаќање на сочни казни“, продолжува Хенинг, „сеедно колку и да бидат тие високи.“ За концернот и неговите инвеститори сега е најважно скандалот што побрзо да се заборави.

Дека е тоа можно, покажа конкуренцијата пред неколку години. Лани американскиот автомобилски производител Џенерал Моторс мораше да плати речиси една милијарда долари, зашто бројни модели автомобили имаа проблеми со палењето. Во автомобилски несреќи загинаа десетици луѓе. И јапонскиот производител на автомобили Тојота имаше проблеми на американскиот пазар, откако по повеќе случаи стана јасно дека автомобилите забрзуваат сами од себе, без желба на возачот. „Тоа меѓутоа не ги одврати купувачите од купување автомобил на Тојота“, вели Петер Хенинг, заклучувајќи: „Најголем број од купувачите за неколку години ќе го заборават и скандалот со Фолксваген.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми