Крај на драмата со уценувачот со затруена храна?
30 септември 2017Полицијата и обвинителството во покраината Баден-Виртемберг соопштија дека против 55-годишен маж е покренато обвинение за обид за изнуда. Полицијата го уапсила лицето во близина на градот Тибинген, по укажувањата кои ги добила од локалното население.
Осомничениот на средината на месецов испратил имејл до претставници на властите и на компании во кој се заканил дека ќе ја затруе храната на полиците на продавниците во Германија и пошироко, ако не му бидат исплатени 10 милиони евра.
Тој предупредил дека веќе затрул пет теглички со храна за деца во јужниот дел на Германија. Полицијата потоа ги пронајде тегличките во градот Фридрихсхафен на Боденското езеро и утврди дека во нив се наоѓа етилен гликол, органско соединение кое често се наоѓа во антифриз. Нема индиции дека некој е затруен од таа храна.
И покрај апсењето полицијата меѓутоа сѐ уште не го укинува предупредувањето за германските потрошувачи. Со оглед на можноста за натамошни затруени производи, полцијата повика на претпазливост: „Потрошувачите би требало како и досега да бидат внимателни при купувањето во супермаркетите“, изјави портпаролот на полицијата Маркус Заутер.