1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на една ера во Јапонија

Мартин Фриц
30 април 2019

Во Јапонија завршува ерата на царот Акихито. Тој на институцијата Тено (царство) ѝ даде нова смисла и ја направи повторно популарна. Тоа сега треба да го продолжи неговиот син.

Thronwechsel Japan - Kaiser Akihito
Царот Акихито со сопругата МичикоФотографија: picture-alliance/dpa/N. Datiche

Со повлекувањето на царот Акихито денеска завршува неговата ера, наречена Хеисеи („Создавање мир“). Акихито стана цар на 8 јануари 1989 година. Изминатите 30 години не беа многу славен период за Јапонија. Заврши економското чудо, а Кина ја замени Јапонија на втората позиција на најголеми економии во светот. Населението старееше, државата се задолжуваше како никоја друга. Во Јапонија се зборува за „загубени децении“.

Во ерата Хеисеи имаше 17 различни премиери, а од нив само четворица владееја подолго од две години. За константност и доверливост се грижеа царот Акихито и неговата сопруга Мичико. Тие имаа голем придонес во оваа епоха со тоа што на средбите со жртвите од природни катастрофи пружаа топлина, а со одржување на сеќавањето на Втората светска војна станаа морална совест на нацијата. Со утеха и опомена Акихито на институцијата цар, во повоениот устав дефинирана како „симбол  на државата и националното единство“, ѝ даде нова смисла.

„Сакам како сите претходни цареви постојано да ја имам на ум среќата на народот и истовремено да се обидувам да создавам царство кое соодветствува на денешното време“, најави тој неколку месеци по стапувањето на должност. Заедно со сопругата го зголеми бројот на јавни настапи и приоритет му беше блискоста со народот.

„Ваквиот нов стил беше добро прифатен од страна на народот, токму во Хеисеи-периодот, во кој растеше социјалната нееднаквост и многу луѓе се чувствуваа депресивно и бесперспективно“, оценува експертот за прашања на царството Хидеја Каваниши од Универзитетот Нагоја. Така Акихито стана симбол на национална интеграција - онака како што пропишува Уставот. Колку попозитивно реагираше населението на сето тоа, толку повеќе царот ги зајакнуваше своите активности.

Царот Акихито (д.) со јужнокорејскиот претседател Ро Тае-во на банкет во палатата во Токио (24 мај 1990 година)Фотографија: Reuters/Kyodo

Суптилни гестови на помирување со Азија

Друго негово тежиште во работењето беше историското наследство од татко му, во чие име царските трупи поробија половина Азија. Конзервативната елита во Јапонија до денес има тешкотии да преземе одговорност за предизвиканото воено страдање и да се извини за тоа. Во тој дел Акихито направи силни гестови, иако Царскиот закон му забранува политички изјави. Така, Акихито за своето прво патување во странство ги одбра Индонезија и Кина. Во Кина тој изрази жалење за јапонската агресија и ги пофали придобивките од кинеската култура. Со тоа ги потсети Јапонците колку многу нивната култура треба да ѝ заблагодари на Кина.

Кога националистичкиот премиер Шинзо Абе на 70-годишнината од крајот на Втората светска војна не го употреби зборот „жалење“, царот во својот говор ја нагласи јапонската „длабока самокритика“. „Акихито се ангажираше за трајно помирување со азиските соседи на Јапонија повеќе отколку мнозинството премиери во Хеисеи-ерата“, оценува историчарот Торстен Вебер од Германскиот институт за јапонски студии во Токио.

Принцот престолонаследник Нарухито сака да оди по патот на своите родителиФотографија: Reuters/Kyodo

Познавачите на состојбите во царската куќа сметаат дека одлуката на Акихито за предвремено повлекување се должи на обидите на конзервативните сили да му ги ограничат активностите со укажување на неговата возраст и здравствена состојба. Според набљудувачите, Акихито стравува дека во такви услови создадената слика за царот би избледела и постоењето на царската институција би било доведено во опасност. „Акихито сака да си замине предвреме за да може активностите нечепнати да му ги предаде на својот син“, анализира експертот Каваниши. Тоа би можело да успее: во февруари годинава Нарухито вети дека ќе го следи патот на своите родители.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми