Крај на ЕХЕК епидемијата
8 август 2011
Од избивањето на епидемијата до денес од последиците на заразата со агресивната цревна бактерија во Германија починаа 50 лица. Регистрирани се преку 4.300 заболени, а околу 850 пациенти страдаа од најтешкиот облик на болеста – хемолитичко-уремиски синдром (ХУС), кој доведува до невролошки пречки и тешки оштетувања на бубрезите. Надвор од Германија забележани се 125 зарази со ЕХЕК и еден смртен случај, наведува институтот „Роберт Кох” од Берлин.
Многу болници во текот на епидемијата работеа со полна пареа, на пример клиниката на Mедицинскиот факултет во Хановер. Таму се лекуваа 50 возрасни лица и 15 деца. Сите страдале од тешки компликации. Двајца пациенти се´ уште лежат на универзитетската клиника, од кои една жена се наоѓа на одделението за интензивна нега.
Слабост, умор и анемија - најчести последици од заболувањето ЕХЕК
Последиците од заболувањето ЕХЕК за повеќето пациенти не се толку драматични, колку што на почетокот постоеше опасност дека ќе биде.
„Пациентите кои кај нас доаѓаат на контрола, претежно не се жалат повеќе на тегоби”, објаснува нефрологот Јан Мене, шеф на Центарот за изучување на ЕХЕК на Медицинскиот факултет во Хановер.
Ретко кој од пациентите се´ уште мора да доаѓа на дијализа, само кај 10 до 20 насто од заболените од ХУС остануваат благи или средни оштетувања на бубрезите. Типични тегоби кои остануваат се слабост, умор и анемија.
Болниците на работ на силите
Обемот на работата во текот на епидемијата беше екстремно висок, велат претставниците на болниците. Вработените во болниците беа на крајот на силите. На Медицинскиот факултет во Хановер, според наводите на заменикот началник Јан Т. Килштајн, на станиците за дијализа се работеше повеќе недели без престанок, деноноќно.
Лекарите и медицинскиот персонал на одделнието за интензивна нега исто така морале да негуваат голем број пациенти со тешки заболувања. Заболените во некои случаи ги ставале во повеќенеделна вештачка кома. Затоа универзитетските клиники бараат законска уредба, која ќе го регулира преземањето на трошоците во екстремни случаи, како што тоа беше ЕХЕК епидемијата.
Епидемијата особено скапо го чинеше земјоделството. Произведувачите на зеленчук во Европа поради бактеријата „ешерихија коли“ претрпеа огромни загуби. Поради можните контаминации со агресивната цревна бактерија, германските власти упатија повик до луѓето да внимаваат при консумирањето свеж зеленчук, особено зелена салата, несварен патлиџан и свежи краставици. Затоа продажбата на тие производи драстично опадна.
Не е исклучена можноста од нов бран на епидемијата
Епидемијата помина, но изворот на заразата се´ уште не е востановен, односно не е поразен. Можноста од нов бран на епидемијата не е исклучена. Но, во институтот „Роберт Кох” тврдат дека во иднина ќе може подобро и побрзо да се реагира, бидејќи лекарите и властите сега ги држат очите ширум отворени кога е во прашање ЕХЕК. Инфекцијата може да се пренесе по пат на сите течности што ги излачува човечкото тело, дури и кога луѓето повеќе не покажуваат никакви симптоми на зараза.
Заразата се пренесува пред се´ од човек на човек или по пат на контаминирани продукти. Затоа треба будно да се гледа на евентуелните заболувања и по епидемијата и благовремено да се пријават на институтот „Роберт Кох”, вели претседателот на институтот Бургер. За сега кризниот штаб за управување со епидемијата ЕХЕК е затворен.
Автор: Нилс Науман / Светлана Брик
Редактор: Горан Чутаноски