1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на кукавичлукот кон Ердоган

Барбара Везел
27 февруари 2017

Доколку турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган навистина лично има намера да ја потпомогне кампањата за својот референдум, тогаш германската влада би требало да го спречи тоа, смета Барбара Везел.

Deutschland Türkei Oberhausen Auftritt Ministerpräsident Binali Yildirim
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Конечно некој се спротивстави. Ралф Јегер, министерот за внатрешни работи на германската покраина Северна Рајна Вествалија, на германската влада ѝ упати барање да го спречи настапот на турскиот претседател во Германија. Ова барање следуваше откако му беше допуштено на турскиот премиер Јилдирим да настапи во градот Оберхаузен за да врбува за преуредувањето на турската држава во авторитарен режим - што веќе беше погрешно.

Јилдирим спомена дека и самиот претседател наскоро ќе допатува во Германија за да ја придобие турската дијаспора за укинување на демократијата во татковината. Затоа, крајно време е да се повлече сопирачката.

Турција на пат кон диктатура

Ердоган веќе сега се однесува како загрижен автократ. Во Турција во моментов се уапсени повеќе новинари отколку во Кина. Неодамна е уапсен и германскиот Турчин, новинарот Денис Јуџел. Во Истанбул започна процес против опозицискиот политичар Селахатин Демирташ. Амнести Интернешенел во меѓувреме ја вбројува Турција меѓу земјите со најлоша состојба по прашањето на човековите права во светот: апсења, измачувања, наместени судски процеси, ништо не недостасува во арсеналот на угнетување.

На ваквиот развој на ситуацијата во Турција, Европа по пропаднатиот пуч минатото лето гледа со сѐ поголемо запрепастување. Од доскорешен кандидат за членство во ЕУ, Турција стана земја со која пристапните разговори се водат само про форма. Веќе со месеци е јасно дека претседателот Ердоган ја сака целокупната моќ за себе и има намера да биде единствениот владетел на земјата. Опозиционерите се испраќаат во затвор, новинарите се замолкнуваат, а либералното општество се заплашува- на крајот од сето тоа стои диктатура.

Барбара Везел

Каде може да се повлече линијата на раздвојување меѓу еден авторитарен режим и тоталитарно владеење - за тоа може да се дискутира. Но можеби токму претстојниот референдум е пресвртница, бидејќи Ердоган со тоа сака целата моќ да ја концентрира околу себе и својот клан. Тој сака да владее неограничено и за таа цел го задушува секој отпор и не толерира никакви приговори.

Во Германија нема место за такво нешто!

Она што нужно следува од ова е дека на турскиот претседател не смееме да му дозволиме во Германија да собира гласови за своите планови. Тоа е нешто сосема поинакво од случајот на францускиот претседателски кандидат Емануел Макрон, кој деновиве во Лондон врбуваше гласови на избирачите. Во тој случај беше испочитувано секое демократско правило и беше одржан пристоен состанок со час со домаќините.

Веќе е доволно лошо тоа што не можеме ништо да сториме против развојот на ситуацијата во Турција, освен вербално да го критикуваме. Но она што не смееме да го сториме е да бидеме помагачи на помагачите. Тоа значи: не смеат да бидат отстапени сали, микрофони или полициска заштита за Ердоган во Германија, кога тој ќе посака да ја наговора турската заедница тука да му помогне во воспоставувањето на тоталитарно владеење. Тој има доволно можности да го стори тоа преку државните медиуми во Турција, во Германија за такво нешто нема место!

За уценување е секогаш потребна и друга страна

Најдоцна во овој момент секогаш се изнесува аргументот дека не би требало да се прокоцка довербата на Ердоган заради договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција. Но, како прво, не треба само со зборови да се залагаме за демократија, туку и храбро да ги застапуваме нашите уверувања. За такво нешто и без тоа е крајно време, ако го погледнеме подемот на десничарските радикали во некои европски земји. И друго: султанот од Босфорот економски повеќе зависи од нас отколку што тоа на многумина им е воопшто јасно. Вредноста на турската лира падна, конјунктурата потклекнува, инвеститорите се збунети. А постои уште и царинскиот договор со ЕУ. Така Европејците имаат доволно адути со кои наскоро со укажување на економските последици би можеле да им контрираат на заканите на Ердоган.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми