1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема конкуренција за рускиот гас на Балкан

Андреј Гурков
9 јануари 2021

Три настани од преминот кон новата година ќе се одразат на долг рок на бизнисот на Газпром во југоисточна Европа - со последици врз целокупниот пазар на ЕУ. Кои се добитниците, кои се губитниците?

Bau der Transadriatischen Pipeline TAP
Фотографија: TAP AG

На преминот кон новата година на пазарот со гас се случија три значајни настани кои делумно ќе имаат далекусежни последици. На први јануари српскиот претседател Александар Вучиќ го означи почетокот: земјата ќе се снабдува со руски гас преку нова рута - преку Бугарија низ гасоводот Балкански тек кој е дел од гасоводот Турски тек. 

Само неколку часа претходно, уште пред нова година, од Азербејџан имаше испорака на гас во Бугарија преку Трансјадранскиот гасовод чија изградба беше довршена само неколку недели пред тоа. Бугарскиот премиер Бојко Борисов при посета на една локација на грчката граница на првиот ден пред новата година исто така нагласи: „Од денеска владее целосна разноликост!”

Со тоа фактички го најави крајот на монополската положба на Газпром на бугарскиот пазар. 

Повеќе на темата:

Србија: Во употреба пуштен гасоводот „Балкански тек“

За македонскиот гас има алтернативи, но потребни се инвестиции

Турски тек - гасовод со симболичка сила

Третиот настан беше пуштањето во употреба на нов терминал за течен гас пред хрватскиот остров Крк. Танкер го донесе американскиот течен гас, кој беше модифициран и пуштен во гасоводната мрежа на земјата која пак е поврзана со европската мрежа.  

Хрватска која досега речиси исклучиво се снабдуваше од Газпром, на тој начин внесува разноликост во дистрибутерите. Покрај тоа, земјата може да агира и како извозник на гас на пример во Унгарија и Украина. 

Последици за руската испорака на гас во Европа

Најголемите корисници на руски гас на Балканот во 2019 според Газпром биле Хрватска (2,82 милијарди кубни метри), Грција (2,41 милијарди кубни метри) и Бугарија (2,39 милијарди кубни метри). Србија со 2,13 милијарди кубни метри гас во регионот е на четврто место.

Капацитетот на хрватскиот терминал за течен гас изнесува 2,6 милијарди кубни метри гас годишно. Теориски, Хрватите преку ноќ би можеле да ја прекинат соработката со Газпром, но тоа тешко може да се очекува. Поверојатно е дека ќе се намали количината на гас нарачувана од Русија. 

Газпром во иднина ќе се соочи со сериозна конкуренција во Хрватска, што ќе има влијание и на цените и тоа не само на хрватскиот пазар, бидејќи значителен - ако не и најголемиот дел од течниот гас од Крк ќе биде наменет за извоз. Веројатно Унгарија ќе биде главен, но и Украина е потенцијален клиент. 

Гасоводи во Црноморскиот регион

Само меѓуетапа до фактичката цел

За Газпром Унгарија е многу важен пазар. Во 2019 таму биле пласирани 11,26 милијарди кубни метри гас. Најголемиот дел од гасот кој Русија планира да го транспортира преку вториот дел од гасоводот Турски тек со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри во Европа треба да заврши во Унгарија и од таму во Австрија, каде се наоѓа важниот јазол за извозот на руски гас, Баумгартен. 

Бугарија и Србија се премали пазари за толку голем проект, а да не се споменува ни Северна Македонија (0,3 милијарди кубни метри гас во 2019) и БиХ (0,24 милијарди кубни метри). Гасоводот Балкански тек, кој минатата година беше изграден од турската граница преку бугарска територија и припојувањето на Србија кое уследи сега се за Газпром само меѓуетапа на патот кон целта: продолжување на гасоводот кон Унгарија, што веројатно ќе се случи дури во 2022.

Дотогаш Газпром ќе го снабдува унгарскиот пазар како и до сега, транзитно преку Украина, со тоа што сега во Унгарија има и конкуренција од Хрватска. Според Croatiaweek, терминалот кај Крк е веќе букиран за следните три години, до 2027 до 80%, а до 2035 до околу 50%. Терминалот значи ќе биде долгорочен и побаруван конкурент и покрај фактот дека регасифициран течен гас во принцип е поскап од гасот што стасува преку гасовод. 

Јужниот гасен коридор сега е спремен

Комерцијалното отпочнување на работа на терминалот кај Крк за Газпром значи загуба на монополската позиција во Хрватска и повеќе конкуренција во Унгарија, додека со почетокот на т.н.Јужен коридор за гас рускиот концерн и во Бугарија ја губи монополската позиција и е соочен со посилна конкуренција во Грција и Италија. Во случајов тоа не е течен гас од Катар, Алжир или САД, туку евтин гас од гасовод од Азербејџан. 

Јужниот коридор за гас е систем од два гасовода: ТАНАП И ТАП. Трансанатолскиот гасовод за природен гас (ТАНАП) беше пуштен во употреба во 2018 и носи гас од Азербејџан преку Грузија и Турција во Грција каде се надоврзува на сега пуштениот во употреба Трансјадрански гасовод (ТАП). Од таму гасот се носи во Албанија и преку морското дно до Италија. 

Повеќе на темата:

Западот и Русија во битка за балканскиот гасен коридор

Газпром - надворешнополитичко средство на Москва

Танап - поголема независност од рускиот гас

ТАП има капацитет од 10 милијарди кубни метри годишно, од кои 8 милијарди се за Италија, главниот клиент за азербејџански гас во ЕУ. За Газпром Италија по Германија е втор најважен пазар во ЕУ. Во 2019 компанијата таму има продадено 22,1 милијарди кубни метри гас. Теориски со пуштањето во употреба на ТАП побарувачката за руски гас може да се намали за една третина. 

Уште поголеми загуби се закануваат на Газпром на Балканот. Во 2021 една милијарда кубни метри азербејџански гас треба да дојдат преку ТАП до Грција и Бугарија. Ако се земе предвид дека двете земји во 2019 купиле 2,4 милијарди кубни метри гас од Газпром, руските испораки на тие пазари би можеле да се намалат за 40-45 % и при помала потрошувачка, на пример заради топла зима или подолг локдаун, можеби дури и за 50%.

Финансиски поволности за Србија 

Во контекст на ваквиот тип значајни промени на југоисточниот пазар на гас, приклучокот на Србија кон Балканскиот тек се чини само како промена на рутата на руската испорака на гас на овој релативно мал пазар. Претходно Србија увезуваше гас преку Украина и Унгарија. Сега една година по официјалното пуштање на Турскиот тек, рускиот гас ќе се пренесува преку дното на Црното Море, потоа преку Турција и Бугарија кон Србија. 

Јасно е дека земјата ќе профитира од променетата рута и трошоците за транзит бидејќи според руската новинска агенција Интерфакс, цената за рускиот гас се намалува од 240 на 155 долари за илјада кубни метри, што ќе го направи рускиот гас поконкурентен. Истовремено Газпром се уште ја нема до крај исполнето стратешката задача добиена од Кремљ - целосно да го прекине транзитот на гас преку Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми