1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на најдолгото судење во Хаг

Џевад Сабљаковиќ
29 ноември 2017

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ја изрече својата последна правосилна пресуда- на шестмината лидери на ткн. Херцег-Босна, осудени во прв степен на вкупно 111 години затвор. Се жалеа и одбраната и обвинителството.

Haager Tribunal Urteil Kroaten aus Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Getty Images/M. Porro

Осудувајќи го Ратко Младиќ, командантот на Главниот штаб на Војската на Република Српска на доживотен затвор, Хашкиот трибунал минатата недела ја изрече својата последна првостепена пресуда. Неделава ќе ја заврши својата мисија со изрекување на второстепената правосилна пресуда на лидерите на Херцег-Босна за злосторства над Бошњаците и обид за прекројување на државата Босна и Херцеговина.

Првостепени пресуди

Првостепеното судење за тој предмет почна во април 2006 година, а изведувањето на доказите заврши во мај 2010 година. Во мај 2013, судскиот совет го осуди поранешниот премиер на Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ на 25 години затвор, министерот за одбрана Бруно Стојиќ и командантот на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Слободан Праљак и Миливој Петковиќ на по 20 години, командантот на воената полиција Валентин Ќориќ на 16, а шефот на Канцеларијата за размена на заробеници Берислав Пушиќ на десет години затвор. 
Со првостепената пресуда беше потврдено дека се сторени сите злосторства од обвинителниот акт против поранешните лидери на Херцег Босна, од формирањето на Хрватската заедница Херцег Босна во ноември 1991 година, до крајот на судирите меѓу ХВО и Армијата на БиХ во април 1994 година во осум босански општини- Мостар, Прозор, Горњи Вакуф, Јабланица, Чапљина, Љубушки, Вареш и Столац.
„Најмоќните луѓе во проектот Херцег Босна“, како што ги нарече обвинителот Кенет Скот, советот ги прогласи за виновни за злосторствата, кои биле сторени со цел „Бошњаците и другите, кои  не се Хрвати, политички и воено да ги потчинат, етничките да ги исчистат и засекогаш да ги тргнат“, од подрачјето на кое беше прогласена Херцег Босна.
Советот во пресудата утврди дека судирот на ХВО и Армијата на БиХ бил од меѓународен карактер бидејќи во него учествувале и силите на Хрватската армија, а Република Хрватска имала контрола врз своите воени команданти и цивилните власти во Херцег Босна.

Поранешниот хрватски претседател Фрањо ТуѓманФотографија: picture alliance/dpa/M.Gerten

Вмешаноста на Загреб
Судиите исто така констатираа дека членови на здружениот злосторнички потфат, покрај бившите лидери на Херцег Босна, биле и поранешниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, министерот за одбрана Гојко Сушак и генералот Јанко Бобетко. Нивната заедничка цел, според пресудата, било воспоставување на хрватска држава на територијата на БиХ, во границите на некогашната хрватска бановина од 1939 година. Шестмината обвинети, според пресудата, биле меѓу „архитектите на тој проект“.
На пресудата се жалеа и обвинителството и одбраната. Обвинителите во жалбата бараа удвојување на казните на обвинетите, поради тоа што биле учесници во здружен злосторнички потфат и дека судирот бил од меѓународен карактер. Бранителите побараа осудените да се ослободат, повторно да им се суди или значително да им се намалат казните.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми