1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крај на хармонијата во Шведска

Барбара Везел
10 септември 2018

Подемот на десните популисти и изедначувањето на двата големи политички блока во Шведска, го изместија системот кој функционираше досега. Ова е крај на хармонијата во шведската политика.

Insel Tjörn Schweden
Фотографија: picture-alliance/pixeljunge

Изборните извештаи од Шведска во одредена мера беа преувеличени, пред сѐ оние на странските медиуми. Поткрепени беа со сензационалистички анкети кои со една четвртина од гласовите им предвидуваа победа на деснопопулистичките Шведски демократи во земјата, како и тоа дека ќе формираат влада. Десничарското крило навистина доби голема поддршка, но 17% од гласовите не е ниво издигнато до небото, иако слушајќи ја нивната победничка реторика веруваат дека ќе го достигнат тоа.

Повеќе: Пат-ситуација во Шведска

Големите партии се преиспитуваат

Во Шведска со децении функционираше систем на добро поставени сојузи, во кој централно-левичарски блок наизменично се менуваше со централно-десничарски блок на чело на владата. Во поновата историја на земјата почесто на власт беа социјалдемократите.

Овој неформален договор се погрижи често малцинска влада да ја дефинира политиката во земјата, која била толерирана од другата страна, што пак се плаќало со одредени законски компромиси. Резултатот беше консензуална политика, која исто така може да се нарече зависност од хармонија, ако на овој начин на функционирање се гледа негативно. По израмнета поддршка за двата блока - централно-левичарскиот и централно-десничарскиот, двете партии мора да се преиспитаат. Подемот на Шведските демократи ги принудува да размислуваат за нови коалиции околу политичкиот центар. Притоа може да го следат примерот од Холандија, каде што на изборите минатата година, по подемот на десниот популист Герд Вилдерс, земјата се најде во слична ситуација.

Беа потребни осум месеци пред партиите од центарот и десницата во Ден Хаг да успеат да се групираат и да формираат влада. Притоа им успеа да го изолираат Вилдерс и да го исклучат од влез во владата, со што го минимализираа неговото влијание во холандската политика. Денес тој нема никакво значење, долгогодишната политика на изолација функционира, иако во меѓувреме се појавија нови ликови и групи на екстремна десница. Од овој пример Стокхолм може да научи дека е можно да се прекршат востановените политички модели и да се оформат нови коалиции, кои можеби повеќе ќе ја отсликуваат волјата на гласачите, отколку претходните коалициони блокови.

Внимание, Шведските демократи се опасни

Дел од успехот на шефот на Шведските демократи, Јими Окесон, е дефинитивно неговата дарба за јавно инсценирање. Потсетува на мешавина од успешен адвокат и омилен зет. Тој е уреден и убаво облечен, има победничка насмевка и неговата реторика ја има до тој степен ублажено, што на многу Швеѓани речиси и да не им звучи деснорадикална или пак опасна. Окесон успеа површински да ја деконтаминира неговата партија и да ја претстави како зад неа да стои „нормално" политичко движење. Шведските демократи своите корени ги имаат во неонацистичката сцена, во кафеавото подземје, во кое од 1980-те години наваму делуваат на маргините на шведската политика. Окесон денес негира дека неговата идеологија е нацистичка или исламофобна, но од него има доволно цитати од поновото минато кои го докажуваат спротивното. Меѓу членовите на партијата и натаму има доволно деснорадикални идеи за да се препорача воздржаност од натамошен подем на партијата.

Шведска подоцна од другите европски земји ја стигна бранот на нов национализам и политика на идентитетот која е негативно настроена кон странците и кон Европа, и слично како и во Унгарија, Полска и Италија на знамињата го испишува слоганот „Швеѓаните на прво место“. Партијата со тоа е дијаметрално спротивна на политичката култура на земјата која е насочена кон хармонија и изедначување на сите. Расправиите во парламентот во Стокхолм ќе станат потешки и побезобѕирни. Етаблираните партии ќе мора да излезат од својата зона на комфор и ќе мора активно да се справуваат со стравовите и несигурноста на граѓаните. Ако не успеат да најдат нов начин на размислување и нов политички стил, натамошниот подем на десните радикали би можел да стане несопирлив.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми