1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Крвавиот четврток“ го ниша мирниот азил на Груевски

21 февруари 2019

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција преку Министерството за правда ќе бара проширување на барањата за екстрадиција на Никола Груевски и Никола Бошкоски, осомничени за 27-ми април

Mazedonien Nikola Gruevski Ex-Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По допис од Кривичниот суд, денеска се очекува да биде закажана седница на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која ќе се расправа за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски. Ова уследи по вчерашната наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - за спроведување истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, по член 313 од Кривичниот законик.

На две од осомничените лица - поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски синоќа им беше одреден 30-деневен притвор. За Вељаноски судот не одреди никаква мерка на претпазливост, бидејќи тој се повика на пратеничкиот имунитет.

Повеќе:

-Вељаноски, Ристовски и Јанакиески приведени за „крвавиот четврток“

Другите две осомничени лица се надвор од државата - поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски кој пребега во Грција. Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески најави дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција преку Министерството за правда ќе побара проширување на барањата за екстрадиција, со цел и Груевски, и Бошкоски, да бидат екстрадирани во земјава и судени за тешкото кривично дело.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Сведочењето на Нинџа

Обвинителство подолг период водеше предистражна постапка за организаторите на „крвавиот четврток“. Оттаму тврдат дека имаат докази дека „осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта, и за таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето 'За заедничка Македонија', кои кулминираа со насилно влегување во Собранието на 27-ми април 2017 година“.

Според Обвинителството, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, осомничените организатори критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство.

Повеќе:

-Многу „дупки“ во одбраната на Нинџа

„Од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило во сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието, кои биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните“, соопшти Обвинителството.

Дел од лицата за кои Обвинителството побара притвор - Јанакиески и Ристовски, на 6-ти декември 2018 година беа посочени од обвинетотот за истите настани, Александар Василевски - Нинџа, во неговата одбрана пред Судот.

„Влегов внатре и седнав на една маса. Како се движеше толпата така се даваа наредбите. Миле Јанакиески и Спиро Ристовски комуницираа со Бетмен Велит. Кирил Божиновски ги викаше сите општински комитети од цела Македонија најитно да дојдат во Скопје со директива од партијата. Тука се координираше сето тоа што се случи на 27 - ми април“, рече Нинџа.

Му се придружија на Атанасовски

Во притвор од декември лани е и едно од лицата што Нинџа го посочи меѓу организаторите - Владимир Атанасовски, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Како што кажа Нинџа во одбраната, на 27-ми апрол 2017 година, околу 12:30 часот нему му јавил директорот на УБК и му рекол да биде во Скопје, бидејќи има информации дека нешто ќе се случи. Околу 16 часот повторно му се јавил и му кажал дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и дека тоа го знае и Јане Ченто. Наводно му рекол - „комуњарите сакаат да бираат претседател и дека во секој момент треба да биде прогласена воена состојба“. Александар Василевски-Нинџа во ниту една прилика не го спомна врвното раководство на партијата. На прашањето - кој го осмислил нападот на 27 април, тој на судијката Кацарска ѝ одговори: „Треба да ги прашате луѓето што ви ги набројав во штабот на ВМРО-ДПМНЕ таа вечер“. Исто така, тој сведочеше дека по барање на Атанасовски биле одземени хард дисковите од системот за видео -надзор во Собранието, и дека по негова усмена наредба разузнавачот Никола Бошкоски ги уништил цедињата на преса, потоа ги сечел со ножици за лим и на крајот ги фрлил во Вардар.

Од Обвинителството велат дека не се потпираат само на изјави од сведоци, бидејќи секоја изјава мора да биде поткрепена и со материјални докази. Засега не се знае какви докази има Обвинителството, покрај смс-пораките кои беа откриени со вештачење на телефони на дел од осомничените и обвинетитети за овој случај. Дел од нив веќе беа презентирани во Судот за време на постапката против 33 обвинети за учество во настаните од 27-ми април, од кои дваесетина во меѓувреме добија амнестија. На тие рочишта беа презентирани бројни пораки, меѓу кои и од Вељаноски. Во една од нив тој вели „влада нема да има, ако треба со жив ѕид ќе спречиме“, но добива и пораки од друго лице кое го информира дека „во МВР има залихи само за четири часа дејствување“. Беа презентирани и пораки од Миле Јанакиески („Пред Собрание“, „Повеќе и повеќе народ“, „Да го завземеме просторот“), како и од повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, сите во насока на што поголема мобилизација.    

Мицкоски до Заев: Сети се на Чаушеску! 

По притворот на неговите сопартијци, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа на прес- конференција упати тешки обвинувања до премиерот Заев.

„Знаеме дека овде не е проблемот ниту Спире, ниту Трајко, ниту Миле или пак Никола. Деспотот Заев го гледа својот крај и затоа презема очајнички потег на внесување страв меѓу народот, затоа апси врз основа на изјави на сомнителни лица, без докази. Апси, можеш и да нарачуваш убиства, но едно да знаеш: нема да ти се исплашиме и ќе те поразиме. Сакам да ти порачам деспоту Заев, за ова што го правиш еден ден, а ти ветувам тој ден многу брзо ќе дојде, ќе одговараши ти, и твоите соработници, и обвинителите и судиите кои ти слугуваат. Многу високо си летнат, ама драматично ќе паднеш. Сети се на Милошевиќ и сети се на Чаушеску, и тие мислеа дека се недопирливи, ама знаеш како завршија“, му порача Мицкоски на Заев.

Повеќе:

-Притворените за 27-ми април го обвинуваат Мицкоски за предавство

Со реакција се огласи СДСМ.

„Мицкоски веднаш рипна да го брани неговиот шеф - осудениот криминалец и бегалец Никола Груевски и осомничените организатори на насилството од 27-ми април. Тој е најтрагичниот датум во историјата на нашата држава, кога со насилниот упад беа загрозени животите на пратеници, новинари и вработени во Собранието. Нема Мицкоски ти од белиот дворец да кажуваш кој е виновен, а кој не, туку судот и надлежните институции. Република Северна Македонија е правна држава. А, за тоа кој е готов и кој паѓа, ќе видиме многу брзо. Еве ги претседателските избори, те чека пораз и оставка во сопствената партија“, се вели во реакцијата на СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми