1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крвави борби со кучиња на „ничија земја“

ДТЗ /ДВ
31 декември 2020

Се бараат скришни локации, се печатат билети за посетителите, се прават пресметки колку пари ќе се заработат. Секој очекува победа - крвава победа мотивирана од профит.

Pitbull
Фотографија: Getty Images/AFP

„Ве следиме, внимавајте“- вакво предупредување испрати гостиварската полиција до организаторите на нелегалните борби со кучиња во западниот дел на Северна Македонија, како предупредување во пресрет на празниците и доаѓањето на гастербајтерите во тетовско-гостиварскиот крај. Со пристигнувањето на првите летови од дијаспората, почнува да врие на социјалните мрежи. Се споделуваат фотографии, повици за мерење на силите во рингот. Само што овојпат главни актери во насилната борба не е никој друг, туку - кучињата. Организаторите на борби со кучиња намирисувајќи профит, како да се будат по неколкумесечниот сон и започнуваат со големите подготовки. Се бараат скришни локации, се печатат билети за посетителите, се прават пресметки колку пари ќе се заработат, се подготвуваат расните „миленици“ за претстојните борби. Секој се надева дека ова нема да биде последната борба на неговиот фаворит. Секој очекува победа - крвава победа мотивирана од профит. 

Повици на Фејсбук

Организаторите се подготвуваат за борби, а од гостиватската полиција, пак, се подготвуваат да ги пресретнат и да ги спречат ваквите нелегални активности во пресрет на празниците. Се следат социјалните мрежи, на кои најчесто се упатуваат покани за борбите, се користи секоја објава за да им се влезе во трага на организаторите. Инцидиции има, ама до докази тешко се доаѓа.

-повеќе на темата: Илегална трговија со кучиња во Европа– бизнис тежок милијарди

Групите работат по добро организирани шеми, разработени со години наназад. Борбите најчесто се организираат со доаѓањето на гастарбајтерите во земјата. Годинава пандемијата ги спречи да дојдат за време на летото, ама организаторите на борбите, знаејќи дека гастербајтерите ќе поитаат дома за време на новогодишните празници, почувствуваа погоден момент за повторно да се преплават социјалните мрежи со повици за организирање на натпревари од типот: „Моето куче е посилно“...

Тешко се откриваат - уште потешко се докажуваат

Извори од полицијата велат дека проблемот е што тешко се откриваат, а уште потешко се докажуваат ваквите нелегални активности. За кривична одговорност е потребен наод на ветеринар, а прашање е кој ќе се осмели да го однесе кучето на ветеринар и да каже дека е повредено во борба, поради што ваквите дела често се третираат прекршочно.

За кривична одговорност е потребен наод на ветеринар, а прашање е кој ќе се осмели да го однесе кучето на ветеринар и да каже дека е повредено во борбаФотографија: picture-alliance/ dpa

Но, и тука наидуваат на нови препреки - оти речиси невозможна мисија е да се обезбедат докази за тоа - додека полицијата дојде на местото на кое се одвиваат борбите, групата ќе се разбега, а околните жители најчесто „ништо ниту чуле, ниту виделе“. „Решени сме да ги спречиме и да ги санкционираме ваквите групи“, коментираат припадници на полицијата од тетовско-гостиварскиот регион. 

Билети за борбата

Борбите со кучиња обично се одржуваат на некои селски игралишта, на „ничија земја“ - на што особено се внимава, за да нема на кого да се посочи со прст како виновник. Се собираат под закрилата на ноќта, иако не е невообичаено да се одржуваат и сред пладне, ама тогаш се на штрек оти полицијата, по добиена дојава, често го растура нелегалниот собир. За секунда групата како што се собрала, така се разијдува нечујно низ селото, не оставајќи зад себе речиси никаква трага за крвавите игри. Но, се случува некогаш поради невнимание сепак зад себе да остават траги и докази за валканата игра која се одигрува пред очите на многумина.

-повеќе на темата: Закон ќе ги обврзува Германците да ги шетаат кучињата двапати дневно

Па така, според сознанијата на полицијата која работи на теренот, се случувало во минатото да бидат пронајдени скинати билети, специјално направени за посетителите на настанот, што укажува на тоа дека дека некој толку сериозно ја сфатил работата, што наплаќа и влезници на сите оние коишто ќе сакаат да присуствуваат на  безмислосните борби на кучиња, бизнис во кој се вртат големи пари. 

Тетово и Гостивар како ринг за борби

Иако борбите со кучиња се застапени во речиси сите делови на земјата, се чини дека тетовскиот и гостиварскиот регион традиционално се како ринг за ваквите безмилосни борби. Порано сите овие нелегални активности беа сконцентрирани околу тетовското село Жеровјане, за потоа борбите да се префрлат во врапчишкиот регион. Во борбите се користат таканаречени кангали - кучиња борци и питбули. Иако, има и такви коишто се одлучуваат за одгледување на шарпланинци за кои сметаат дека можат да им донесат победа. Во последно време, според сознанијата од теренот, питбулите се се' помалку атрактивни за ваквите борби. Во јавноста долго се шпекулираше дека кучиња кои што им биле украдени на сопственици, потоа завршувале во ланецот на ваквите нелегални борби. Но, сознанијата укажуваат дека се' поголем е бројот на оние коишто одгледуваат кучиња, чија намена е токму да се борат, да победат и да му донесат голема заработка на сопственикот. 

Традицијата премина во бизнис

Ако кучето е најверен пријател на човекот, тогаш се чини дека во оваа ситуација човекот е најголемиот непријател на кучето. 

„Станува збор за долга традиција на овие простори, од меѓуовчарската пресметка со кучиња, којашто се смета како составен дел од фолклорот на овие простори, до оваа борба, којашто е мотивирана само од бизнис интереси“, раскажуваат жителите на Гостивар, кои долги години слушале за ваквите борби, но никогаш не ги виделе со свои очи. Во овој крај ваквите борби дел од жителите ги доживуваат како некој вид на пеливанство меѓу кучиња и престиж на газдите кои како да бараат некоја поврда дека нивното куче е најнасилно, дека тој и неговиот борец се „некрунисаните кралеви на овие простори“.

Ваквите борби се доживуваат како некој вид на пеливанство меѓу кучиња и престиж на газдите кои како да бараат некоја поврда дека нивното куче е најнасилноФотографија: AP

Апел на полицијата 

Тетовската полиција апелира да не се поттикнуваат и организирааат борби со кучиња, потсетувајќи дека станува збор за кривично дело за кое е предвидена и затворска казна. Од таму потенцираат дека се засилени  контролите поради оваа незаконска практика.

„Секторот за внатрешни работи Тетово со апел и укажување до сопствениците на расни кучиња да не иницираат или организираат борби на вакви животни, зашто тоа е спротивно на Законот на прекршоци против јавниот ред и мир и според член 9 од овој закон, тие ќе се соочат со поднесоци и парични глоби кои се движат од 500 до 1000 евра во денарска противвредност“, велат од СВР Тетово. Во зависност од околностите и крајните последици од користењето на кучињата за борби, тоа може да се третира и како кривично дело „мачење животни” (член 233 од Кривичниот законик), за кое се предвидени парични или казни затвор до една година.

Од СВР Тетово потсетуваат дека нелегалните борби на кучиња многу често се поврзуваат и со незаконско обложување, што претставува друго кривично дело. 
Борбите на кучиња претставуваат безмилосрден спорт. Борбите, по правило, се организираат помеѓу две кучиња, како облик на забава. Приходи од борбите обично се постигнуваат преку плаќање билети за да се види настанот, односно преку обложување. Добивките од обложувањето достигнуваат и до 10 илјади евра. 

-повеќе на темата: Кучињата брзо го откриваат коронавирусот- зошто не се користат?

Борби со кучиња се одржуваат и низ останатите делови на Северна Македонија. Секогаш на различни локации, во импровизирани рингови, на кои присуствуваат одреден одбран круг на луѓе. Локацијата се чува во тајност се' до последен момент.

За оваа проблематика долго се пишува во медиумите. Невладини организации, здруженија за заштита на животните, граѓани апелиираа да престане изживувањето со животните кои често се оставаат да се борат до смрт, изложени на најголеми малтретирања, изгладнувања, а се споменуваше дека сопствениците им даваат и дрога за да издржат подолго во борбите. Медиумите пишуваа за жител на Свети Николе кој објавувал борби со кучиња на социјалните мрежи. Станува збор за видеа на кои може да се види агресивно куче како убива друго куче и потоа се обидува да го распарчи. МВР во 2013 година поднесе пријава против сопственик на куче кој дозволил да учествува во борба со кучиња. Полицијата и во тетовското село Челопек затекнала борба со кучиња, откако некој телефонски им пријавил. Во последните неколку години има судска завршница за три случаи по член 233 за измачување животни. Но, бизнисот и понатаму си врви, а организаторите остануваат „недопирливи“.

Фејсбук како платформа за борби 

Помошта што организаторите на вакви настани ја добиваат од Фејсбук не се однесува само на промоција на борбите, туку и на развивање на цела мрежа за бескрупулозна трговија со кучиња.

Регистрирани се 2.000 постови и 150 Фејсбук страници кои промовирале борби со кучиња и трговија со кучиња кои се користат во борбитеФотографија: AP

Фејсбук не ги следи сопствените правила кога е во прашање забрана на насилни содржини и продажба на животни, се вели во извештајот којшто го објави организацијата за права на животните Лејди Фритинкер (ЛФТ). Гардијан пишува дека извештајот со име „Смртоносното подземје на борбите со кучиња на Фејсбук“ го обвинува Фејсбук дека е „епицентарот“ на дискусиите за одредени сорти кучиња и одгледувачи кои најчесто се вклучени во смртоносна трговија.

Истрагата на ЛФТ го опфатила периодот од декември 2018 до февруари 2019, во кој биле регистрирани 2.000 постови и 150 Фејсбук-страници кои промовирале борби со кучиња и трговија со кучиња кои се користат во борбите. Најголемите 5 групи на темава, опфатени од ЛФТ имале вкупно над 160.000 корисници. Како дел од истрагата 26 постови биле пријавени на Фејсбук за прекршување на нивните правила на користење, меѓутоа компанијата прифатила да отстрани само 6 од нив. За останатите Фејсбук на истражувачите им препорачал да ги блокираат или да ги избришат од пријатели луѓето чии постови ги сметале за навредливи.

Ковид-19: Помош од најверниот човеков пријател

01:15

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми