1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Крвав напад врз машко училиште во Кабул

СН/агенции
19 април 2022

Неколку експлозии одекнале денеска пред средно училиште за момчиња во западниот дел на авганистанската престолнина. Талибанските власти говорат за најмалку шест загинати и повеќе од десет повредени.

Повредено момче во експлозијата го пренесуваат во болница во Кабул
Повредено момче во експлозијата го пренесуваат во болница во КабулФотографија: Wakil Kohsar/AFP

Во бомбашки напади врз училиште за момчиња во населба во Кабул која е мнозински населена со шиитски Хазари загинале најмалку шест лица, соопшти авганистанската полиција.

„Има жртви меѓу нашите шиитски браќа“, напиша на Твитер портпаролот на полицијата, Халид Задран. Тој потоа изјави дека уште 11 лица се повредени во нападите и оти станува збор за привремени бројки. 

Три експлозии го потресоа училиштето Абдул Рахим Шахид во западната населба во градот, Дашт-е-Барчи, во моментот кога учениците излегувале од училниците во предпладневните часови, изјавил очевидец за новинската агенција Франс Прес.

Авганистан: Повторно само долги бради

01:42

This browser does not support the video element.

Безбедносната состојба во Авганистан откако на власт дојдоа талибанците по повлекувањето на американските трупи по 20 години окупација значително се подобри, но сѐ уште има напади за кои одговорноста ја презема Исламска држава-Корасан (ИД-К), регионална гранка на Исламска држава.

Малцинските Хазари со векови се маргинализирани и прогонувани во мнозински сунитскиот Авганистан. Нивната населба во Кабул во последно време е цел на ИД-К, која ги смета за еретици.

Талибанците тврдат дека го сузбиле нивното делување, но аналитичарите оценуваат оти оваа екстремистичка група и натаму претставува голем предизвик за новата авганистанска власт.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми