Крвав напад на талибанците врз американска база
2 декември 2012![](https://static.dw.com/image/16423109_800.webp)
Радикалноисламистичките талибанци прво активирале автомобили бомби пред влезот во воздухопловната база која се наоѓа на периферијата на градот Џалалабад, по што следувала двочасовна престрелка со војниците. Сите деветмина напаѓачи, како и најмалку петмина Авганистанци, загинаа во нападот за кој талибанците презедоа одговорност во имејл порака испратена до новинарите. Повредени се 14 авганистански војници и повеќемина припадници на меѓународните трупи.
Портпарол на полицијата соопшти дека двете возила натоварени со експлозив застанале пред главниот влез во базата околу 6 часот изутрина. Едното возило експлодирало веднаш, а второто експлодирало откако војниците почнале да пукаат кон него. Во престрелките што потоа следувале биле употребени и американски воени хеликоптери.
Аеродромот во Џалалабад годинава беше веќе два пати нападнат. При самоубиствен напад со автомобил бомба, на 27. февруари загинаа шестмина цивили, еден авганистански војник и двајца авганистански стражари. На 15. април аеродромот беше нападнат во рамки на офанзивата на талибанците.