Крвав понеделник во Авганистан
30 април 2018![Afghanistan Kabul Doppelanschlag](https://static.dw.com/image/43587342_800.webp)
Во самоубиствен напад во јужната авганистанска провинција Кандахар денеска беа убиени најмалку 11 деца. Според наводи на авганистанските власти, цел на нападот бил конвој на НАТО, а тој се случил во подрачје полно со деца.
Во Кандахар денеска имаше уште еден напад, во близина на аеродромот. Притоа се повредени 16 лица, меѓу нив и петмина романски војници и двајца авганистански полицајци.
Двоен самоубиствен напад денеска имаше и во Кабул. Загинаа најмалку 25 лица. Меѓу жртвите е и фоторепортерот на агенцијата АФП, Шах Мараи, како и петмина други новинари. Одговорност за нападите во Кабул презеде џихадистичката милиција Исламска држава. Според наводи на полицијата, првиот напад го извршил атентатор самоубиец со мотоцикл. Кога на местото на нападот притрчале спасувачи и новинари, во воздух се кренал втор атентатор.